Од каде да се почне со King Gizzard and the Lizard Wizard? За повеќето луѓе, самото име е првото нешто што им фаќа око и мислам дека е добар индикатор за тоа кои се и што се – нескромно забавни и едноставно многу.
Во нивните десетина години постоење имаат издадени цели 23 албуми. Но, не се добива впечаток дека тие издаваат толку многу музика како некаков маркетиншки трик. Очигледно е дека тие само многу, многу сакаат музика. Таа нивна љубов се гледа и во бескрајната листа на различни жанрови што ги имаат истражено: гараж рок, треш метал, акустичен поп, прогресивен рок, блуз рок, психоделичен поп. Но, тоа што ја соединува сета нивна музика е тоа дека секоја песна е прослава на убавината на постоењето на музиката како таква, а секој концерт своја сеанса со различен склоп од нивните многу песни.

Но, колку што се самите тие интересни, толку е и интересна нивната култска заедница на посветени фанови. Одат на неколку концерти во турнеја по ред, ги собираат сите плочи, ги анализираат текстовите, се караат кои се најдобрите албуми, но пред сè уживаат во слушањетo, зборувањето и во споделувањето на нивната музика. Споменатата разновидност во нивната музика мислам дека го инспирира и опсесивното слушање кај нивните фанови – имаат албум за речиси секое расположение. Ова исто овозможува секој слушател многу лично и различно да ги доживее, соодветно на сопствениот вкус. Но најважно, нивната ведрина е страшно заразна и мислам дека привлекуваат фанови што и самите се лежерни и со слична чиста љубов кон музиката.
Моите искуства на нивните концерти потполно се согласуваат со тоа какви очекував да се нивните фанови како и со радосната енергија што Gizz природно ја носат и ја шират со себе. Првпат ги гледав во 2019-та, со другар во Барселона. Фативме некој евтин лет, иако не беше ни сигурно дали воопшто навистина ќе го фатиме бидејќи таа недела масовно се откажуваа летови кон Барселона поради демонстрации што се случуваа во градот. Но, ни се погоди среќа, стигнавме до Барселона. Автобусот нè симна порано, не застана на станицата веднаш до нашето сместување и брзо сфативме зошто – пред хостелот топло нè пречекаа запален контејнер и истрелувања гумени куршуми од страна на полицијата.

Тргнавме следниот ден накај локалот Razzmatazz, сè уште не докрај сигурни дали ќе се одржи концертот поради демонстрациите. Таму, пак, поточно во продавницата за донер до него, топло нè пречекаа типци со долга коса. Од авион се гледаше за кој бенд се дојдени. Со детска радост, тапкаа по своите нозе, дискутирајќи дали полиритмот во најновата песна на Gizz e 7:4 или 15:4. Со новите другари заедно влеговме и си поминавме невидено добро. Таква енергија и поврзаност со публика ретко се чувствува. Последната песна беше лабава импровизација и еден по еден секој од членовите на бендот беше заменет со членовите на двете предгрупи, а самите гизардовци се фрлаа во публика и подаваа пиво. Им беше последна свирка на таа турнеја и мислам дека си ја сфатија како проштална журка. На крај, дури и стигнавме да го запознаеме пејачот, кој беше неизненадувачки приземен и топол. По сите препреки да стигнеме на концертот, бевме ван себе што успеавме да го запознаеме, како што се гледа на оваа благо засрамувачка слика.

Кратко по тој концерт, и девојка ми се навлече и се опседна со нив. Во 2020-та купивме карти за да одиме на фестивалот Примавера следната година, повторно во Барселона. Не само што свиреа Gizz, туку и сите други наши омилени бендови, како Idles, Fontaines D.C., black midi, Tame Impala, King Krule, Black Country, New Road. Ова ни беше првото сериозно патување и општо голем настан по пандемијата – како сите, имавме заборавено што беа концерти, фестивали, дружење, луѓе. По нe-неочекувано откажување во 2021-та, фестивалот се презакажа за 2022-та. Овој пат немаше откажани летови, но само неколку денови пред фестивалот, Gizz објавија дека тапанарот фатил ковид. Целосно пандемиски момент – се изначекавме две години, но сè е неизвесно до последен момент.
Нејсе, сепак тргнавме на добар пат. Во автобусот до Софија (од каде што летавме), се запознавме со еден кумановец, кој исто така одеше на фестивалот. Испадна дека имаме заеднички пријатели, дури и го знаеше бендот во кој свирам и исто така беше разочаран што имаше голема шанса дека нема да свират Gizz. Дружбата со него спонтано ни го реши проблемот „што ќе правиме во Софија во вторник од полноќ до летот во пет саат сабајле?“ – кумановскиот пријател нè викна да отидеме дома кај друг негов кумановски пријател што живее во Софија.
Потоа, имавме време меѓу слетувањето во Барселона и чек ин во хостелот. Овој проблем ни се реши со тоа што другар што запознавме на Еразмус размена два месеци претходно, нè собра од аеродром и нè однесе кај него дома, во неговиот роден град во близина на Барселона. Најдомаќински нè прими со традиционална салама и лепче.


Неколку денови подоцна, откако веќе изгледавме многу од омилените бендови, стигнавме до моментот да чекаме Gizz да почнат (за огромна среќа тапанарот оздраве таман за нашата свирка). Дур чекавме, се зазборев со еден наставник по англиски во основно училиште од Англија. Се поврзавме поради мојот континуиран, доброволен интерес за британска политика и неговиот принуден интерес за британска политика и живот. Се пронајдовме во разочараноста од циничноста на просечниот сограѓанин во своите држави, се согласивме дека низ сето срање низ кое живееме, музиката е една од ретките чисто добри работи за кои апсолутно вреди да се живее – „па дали си воопшто човек, ако не слушаш музика?“. Дојден беше специфично за Gizz; следниот ден требаше да се врати дома за да стигне да држи час. Ми вети дека ќе им раскаже на своите ученици за мене. За жал, не си го довршивме муабетот и не разменивме контакти бидејќи шутката од првиот момент на првата песна нè изеде и нè одвои двајцата. Но, сигурен сум дека некоја училница некаде во Англија, чула за нашиот разговор.

По главните три дена на фестивалот, имаше свирки низ градот по локали, во склоп на фестивалот. Изгледа организаторите на фестивалот се слични пациенти по Gizz, па им имаа закажано 3 дополнителни свирки како дел од програмата. Патот повторно ме водеше до Razzmatazz (каде што ги гледав во 2019-та) и до истата продавница за донер до неа. Како што чекав во редицата за веце, се загледав во човекот што чекаше на каса – необјасниво познато ми изгледаше. Забележав и дека тој ме гледаше, па му пристапив да го прашам од кај сме си познати. Ме праша: „Дали беше на Gizz овде пред 3 години, во оваа продавница за донер?“. И наеднаш ми светна. Тогаш ниту разменивме контакти, ни име, па ни премногу муабет не направивме. Ама патиштата пак ни се вкрстија. А Gizz повторно звучеа уште подобро од пред 3 години. Уживавме заедно на концертот, заедно со други пријатели што ги запознавме во долгите редици за влез во локалот.



Следниот ден се најдовме на терасата на друг другар од истата размена на која го запознавме другарот што нè собра од аеродром. Тој, пак, беше Ирец на семестар во Барселона. Терасата беше ко од филм, а нас муабетот ни одеше како да сме долгогодишни другари. Со сите неверојатни спознанства и искуства за време на патувањето, се почувствував непоимливо благодарно. Благодарен што сум човек, што случајностите ме носат до убави другари и убави места и што сето тоа го делам со девојка ми покрај мене. И секојпат кога ги следам Gizz, ме водат до такви убави мисли и случајности. Тоа е, всушност, тоа што нè привлекува сите нас, лудаци кон нив.

Борјан Гаговски