Според еден британски универзитетски професор, постојат три критични промени или клучни настани кои засекогаш ја промениле човечката перцепција за саморазбирање и сопствено сфаќање:
Коперниковиот модел за орбитирањето на Земјата околу Сонцето, Дарвиновата теорија за природна селекција и Фројдовото тврдење дека нашите дејствија на дневно ниво се управувани од несвесниот ум. Професорот верува дека сега влегуваме во четвртиот голем „шифт“, а тоа е нашиот онлајн-живот, претворањето на општеството во инфосфера — мешавина од физички и виртуелни искуства и стекнувањето нов personality базиран врз онлајн-животот, интеракциите на социјалните мрежи, нашите купувачки интереси и целокупното однесување на интернет.
Оценуваме и мериме. Во март годинава, во Софија, моите бугарски пријатели на излегување од такси-возилото ги грабнаа своите мобилни телефони и му дадоа ниска оценка на возачот преку апликацијата за такси на повик, затоа што во автомобилот ечеше некој турбо-фолк хит. Рекоа дека неколку такви оценки можат да го чинат суспендирање од работното место.
Оценуваме и мериме. Ресторани, филмови, производи, такси услуги. Нормално, 2018 е, Фејсбук може да нè идентификува на фотографии и да нè тагне со 83% прецизност . Дали може да биде мерливо апсолутно сè што правиме? Black Mirror? Yeah, pretty much.

Во 2014, Државниот совет на Кина објави план за изработка на т.н Општествен кредит систем со кој ќе ги оценува Кинезите – какви граѓани се. Секојдневните активности би им биле целосно мониторирани, мерени и оценувани, на пример — што купуваат онлајн и во маркет, каде се наоѓаат во одреден дел од денот, кои им се пријателите и како контактираат со нив, кои сметки и даноци ги платиле, а кои не…
Повеќето вакви „мерења и оценувања“ веќе се случуваат благодарение на Google, Facebook, Instаgram, но сега човечките модели на однесување би биле оценувани како позитивни или негативни и би биле преточени во една единствена бројка, според правила што ќе ги утврдува државата. Таа бројка би бил нивниот Citizen Score, а рејтингот би бил јавно достапен и користен за одлучување дали би можеле да бидат избрани за одредена работна позиција, училиштето во кое би учеле нивните деца, и— дали би можеле да одат на дејт со одредена личност. Засега, учеството во кинескиот Општествен кредит систем е доброволно, но од 2020 ќе биде задолжително!
Една од осумте приватни компании задолжени за работа и тестирање на пилот-проектот на претстојниот систем зема пет клучни фактори за мерењата и оценките. Првиот е кредитното минато (дали некој навремено ги плаќа сметките за струја и телефон)? Следниот е „исполнувачкиот капацитет“ односно дали личноста може да ги исполни обврските од договорите што ги склучува. Третиот се персоналните карактеристики, односно верификацијата на личните информации, телефонскиот број и адресата.
Интересно станува кај четвртата категорија — однесување и преференција. Имено, купувачките интереси и навики стануваат мерка за нечиј карактер. Системот го препознава како родител човекот кој често купува пелени, како мрзелив и неработник оној што игра видео игри по десет часови на ден. (Заклучокот е дека системот не само што го истражува однесувањето, туку и го обликува.) Петтиот фактор се пријателите, нивниот профил, нивниот квалитет и интеракции (шерувањето на спектакуларната „позитивна енергија“ онлајн ќе има WoW ефект врз скорот, а фалбите за владата и економијата ќе го покачуваат вртоглаво, со сигурност).
Во пилот проектот, ваквите компании веќе издаваат предупредувања околу ризиците на спријателувањето со некој што има низок скор. Поединците со низок скор ќе бидат изложени на мерки како што се намалување на брзината на интернетот, забранет пристап во некои ресторани, па сè до забрани за патување.
Заклучокот е дека технологијата забрзано го менува општеството кое тргна во сосема нов правец. Враќање нема. Дали ќе успее да го победи човечкото во нас?

