Нам, Македонците, не ни недостига барок во реалноста, па да го бараме и на филм. Но, кога станува збор за надреалниот филмски свет на Федерико Фелини, што лебди некаде помеѓу фантазијата, мечтите, соништата и јавето – ништо не е претерано или отповеќе.
Неговиот раскошен барокен филмски израз што се допира со реалноста, и пак отскокнува назад во некои недостижни простори, е потврден со најзначајните светски филмски признанија: Златна палма на Канскиот филмски фестивал, четири Оскари во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, и оној, последниот, почесен Оскар за животно достигнување од 1993 година. (Тука некаде е време да си го пуштите Нино Рота како музичка заднина.)
Во неговите маестрални филмски остварувања се вбројуваат: „Патот“ (La Strada), „Сладок живот“ (La Dolce Vita), „Рим“ (Roma), „Амаркорд“, „8 ½“, „Џинџер и Фред“. Со својата работа, Фелини влијаел во оформувањето на многу брилијантни режисерски имиња од денешницава, какви што се: Тим Бартон, Емир Кустурица, Дејвид Линч. Ако Петрарка ја имал Лаура, а Алигиери се инспирирал од Беатриче, тогаш слободно можеме да кажеме дека музата на овој голем италијански уметник била неговата сопруга Џулиета Масина, која има остварено многу улоги во неговите филмови.
По соработката во култниот „Сладок живот“, Фелини си го наоѓа и своето алтер-его во славниот Марчело Мастројани. Дури може да се каже и дека Мастројани претставува совршен аватар преку кој Фелини успеал да ги пренесе своите најдлабоки фантазии на филмското платно. Резултатот? „Сладок живот“ бил забранет од Католичката црква, но воспеан од критиката и јавноста, а токму од него потекнува и зборот paparazzo (според ликот на бескрупулозниот фотограф за жолтиот печат – Папарацо).
„8 ½“ (Otto e mezzo) можеби е еден од неговите најславни филмови, кој впрочем на себе најсилно го носи оној препознатлив Фелини-белег. Одличниот авангарден филм за режисер што се наоѓа во креативна криза (улога повторно одиграна од Марчело Мастројани) му го носи третиот Оскар за најдобар странски филм. Дефиницијата за филмската уметност на Фелини е „редење одредени фантазии и нивно раскажување до некој степен на прецизност“. Кастингот за неговите филмови го правел на тој начин што објавувал оглас во локален весник на кој пишувало: „Федерико Фелини е подготвен да се види со сите оние што сакаат да го видат него.“ Потоа изнајмувал простор и чекал да се појават сите пријавени. Овој уникатен метод на кастинг му овозможувал да ги ангажира најчудните и најгротескните лица и тела во италијанскиот главен град.
Величината на Федерико Фелини се состои во тоа што понудил лична филмска перспектива како замена за стандардната комерцијална форма на филмот во негово време. Мешајќи ги сонот и јавето, автобиографското и фантастичното, црпејќи дури и од учењето и истражувањата на Јунг, тој е пионер на психоаналитичкиот филм – категорија што во седмата уметност сè уште се истражува.