Сказна бр. 236: Карлос и неговиот чувар, блиска конекција што уште одма сите ја осетивме. Иако цел ден беше преладно и врнежливо, од ваква глетка не го ни осеќав времето.
Сказна бр. 242: Есенва го измерив цело Скопје пеш, и мислам дека не можев да го искористам убавото време повеќе и да пробав. Ова е една документација од убава саботна прошетка кога ја начекав розевата Буба сама и осамена.
Сказна бр. 181: Еден филм – два пати сликан меѓу мене и другарка ми Маја. Есента ми беше многу криво што не поминав многу време во парк, да им се дивам и да ги сликам сите 150 нијанси на жолто ама затоа фотката од есен си ја добив во пакет со Охрид во зима. Маја се шетала низ парк, а јас низ стар град и по пристаниште. Бонус поени ако го најдете дедото што тресе ќебе од балкон.
Сказна од Идното Минато: Рана есен и прошетка низ празна Мала Станица. Изгледа ептен го погодивме и денот, и часот, и сезонава, бидејќи прозорциве и погледнот низ нив не магепсаа.
Сказна од Идното Минато: Кога променливото и врнежливо време не дозволува прошетка низ парк, идилата си ја барам по музеи. Даут Пашин Амам е место кое никогаш нема да ме разочара.
Сказна од Идното Минато: Две сезони се баш таманка за хамоци во парк: пролет и есен. Иако ја сакам пролетта, сепак на есен е посебно. Обвиен си во милион нијанси на жолто, а има ли нешто поубаво од тоа?
Автор на текст и фотографии: Елена Василевска
Елена Василевска, некому попозната по Инстаграм-профилот @ednaskazna, официјално е дипломиран Преведувач и толкувач на Англиски јазик и дел од македонскиот моден бренд Бастет Ноар, а неофицијално е вљубеник во аналогната фотографија и пишаниот збор, при што решава да ги спои двата медиуми во форма на дигитален споменар инспириран од миксовите Една Сказна на Ненад Стефаноски. Кога не го лови најновиот кадар пред да ѝ избега, може да ја најдете со главата во книга, на дневно кафе, во музеј, или пак на хамок во парк. А ако сте доволно блиску, најверојатно ќе ја слушнете како се жали за покачените цени на филмовите.