Kако дел од Програмата на овогодишниот Скопски џез-фестивал, ден пред официјалното отворање, беше прикажан документарниот филм SUMMER OF SOUL (…Or, When the Revolution Could Not be Televised).
Чувството на публиката по проекцијата беше фасцинација, возбуда и радост поради можноста да го види филмот.
Оваа фасцинација беше од сознанието дека гледавме историја, фестивал што се случувал истото лето кога и легендарниот Вудсток, но снимките што биле направени од настанот, 50 години биле во бункер и за овој фестивал речиси и не се знае дека се случил.
Документарецот го покрива Културниот фестивал во Харлем (Harlem Cultural Festival) од 1969 година, со одлични изведби на некои од најпознатите изведувачи на џез, соул, блуз и госпел музиката од 60-тите години на минатиот век. Користи досега невиден архивски материјал, дополнет со интервјуа на музичарите и на присутните, давајќи му на филмот едно сурово и автентично чувство, пренесувајќи го гледачот во турбулентна ера обележана со движења за граѓански права и со дел од најлегендарната музика некогаш создадена.
Summer of Soul освои голем број награди, меѓу кои и Оскар за најдобар документарен филм и Греми за најдобар музички филм. Премиерата на филмот се случи на Sundance Film Festival 2021 каде што ја освои главната награда од жирито, како и наградата од публиката.
Филмот е режисерско деби на Амир „Квестлав“ Томпсон (Ahmir Questlove Thompson), тапанарот на „The Roots“, кој многу вешто ги споил музичките и историските записи создавајќи сведоштво за епски настани од афроамериканската историја, култура и мода.
Во срцето на Харлем, во паркот Маунт Морис (денес паркот Маркус Гарви) шест недели по ред, секоја недела, од 29 јуни до 24 август 1969 година, се одржувал Културниот фестивал во Харлем, на кој настапиле Stevie Wonder, Nina Simone, Sly & the Family Stone, Gladys Knight & the Pips, Mahalia Jakson, B.B. King, The 5th Dimension и многу други.
Сите концерти биле бесплатни и посетени од 300.000 луѓе.
Телевизискиот режисер Хал Тулчин (Hal Tulchin) го снимал фестивалот и има документирано 40 часа музика. Потоа дел од тие снимки биле искористени во две телевизиски емисии, тоа лето во 1969 година и подоцна за потребите на два филма за Нина Симон – „Soul of Nina Simone“ (2005) и „What Happened Miss Simone“ (2015).
Сакајќи да дознаaм зошто овие снимки толку долго не биле користени, прочепкав на интернет и приказната ме одведе во 2003 година кога филмскиот архивар Џоу Лауро (Joe Laurо) од „Historic Films Archive“ го посетил својот пријател Карл Кудсен (Karl Knudsen) во Копенхаген, сопственик на џез издавачката куќа „Storyville“. Тогаш тие разгледувајќи ги неговите материјали од разни записи и филмови што тој ги собирал со години, нашле ТВ-шоу насловено „Фестивалот Харлем“. Она што го виделе било изведба на врвни соул и госпел музички дела од 1969 година пред голема толпа народ во парк сега познат како Маркус Гарви парк во Харлем. Тоа биле најважните моменти од Културниот фестивал во Харлем.
Откако ги видел снимките, Џоу Лауро го нашол Хал Тулчин, кој бил потпишан како снимател. Се сретнале на ручек и Тулчин му кажал дека има 40 часа снимен материјал од тој настан, кој дотогаш никој не бил заинтересиран да го искористи. Во 2004 година потпишале договор и „Historic Films Arhive“, каде што Џоу Лауро e директор, станале застапници на овие снимки.
Џоу Лауро ги реставрирал, ги дигитализирал и ги лиценцирал касетите. Долги години работеле на тоа да направат документарен филм што било желба на Тулчин, но од финансиски причини не дошло до реализација, сè додека адвокатот Роберт Фиволент (Robert Fyvolent) од „Newmarket Films“ не разбрал за снимките. Тој во 2007 година, препознавајќи го нивниот квалитет и историската важност, ги добил правата за архивскиот материјал и напуштајќи ги „Newmarket Films“, целосно се посветил на реализација на документарен филм користејќи ги овие снимки со цел да биде готов за 50-годишнината од одржувањето на фестивалот.
На филмскиот фестивал во Торонто, Хал Тулчин се сретнал со продуценти што биле заинтересирани за филмот, со кои начелно се договорил да потпишат договор за користење на снимениот материјал за документарниот филм. За жал, во 2017 година Хал починал, но жена му им се јавила да им каже дека сепак тој пред смртта го потпишал договорот и тоа било еден вид тестамент.
Зборувајќи за тоа како ги наоѓале соговорниците во филмот, режисерот вели дека сѐ започнало на Твитер каде што имал околу 3 милиони следбеници, а оставале и флаери низ Харлем, во продавници за плочи, цркви, клубови, со информација дека ќе се прави филмот и дека се бараат сведоци што биле на фестивалот. Речиси бил сигурен дека ќе се јави некој што има вујко или тетка што биле на фестивалот… Така и се случило. Па, почнале да му се јавуваат луѓе што денес имаат по 80 години, а тогаш имале по триесетина, велејќи му: „Еј, многу пива беа, не се сеќавам добро“, вели Questlove во едно интервју.
Најсоодветни му се чинеле луѓе што денес имаат околу седумдесетина години, а тогаш биле од 14 до 20-годишна возраст, зашто сметал дека децата на 10 години и помали не би биле свесни за моментот на кој сведочеле. Но, тоа мислење му било побиено кога го сретнал Муса Џексон (Musa Jackson), кој тогаш имал 5 години и се сеќавал на овој фестивал како на своја прва меморија во животот. „Кога му ги покажав снимките, сакав да го забележам моментот ‘еурека’ со камерата, но забележав нешто многу посуштинско, како да му се врати животот назад и како да доби потврда дека тоа навистина се случило. Тогаш сфатив дека филмот ќе врати многу животи назад, многу сеќавања и емоции“, раскажува режисерот.
Овие информации нема да ги видите во филмот. Филмот е динамичен, полн со музика, забава и возбуда. На моменти ви доаѓа да ракоплескате, на моменти да станете и да заиграте.
Не пропуштајте ја ексклузивната можност да го погледнете овој прекрасен документарец во сабота, на 10 декември, во киното „Фросина“, по отворањето на Because of Jazz (Поради џезот): изложба на фотографии на Оливер Белопета во галеријата на МКЦ од 19 часот.
Илинка Делчева