Сања Спасовска вели дека застанувањето на сноуборд во далечната 2000 година на планината Бистра, ѝ било љубов на прво спуштање и дека сè уште ја чувствува дури и многу години подоцна, како член на македонската сноуборд репрезентација. Најголем успех досега ѝ е последниот Светски куп во Италија, на кој за првпат во историјата на македонскиот сноубординг се пласираше во првите 30 во светски рамки. Најголемиот сон ѝ е учество на Зимските олимписки игри, а освен Светскиот куп во Кортина, досега учествувала и на Светскиот куп Кареза, Италија, Светскиот куп Скуол, Швајцарија, Европскиот куп Вал Торенс, Франција; Светското првенство Рогла, Словенија, ФИС натпреварите во Чешка, Бугарија, Грција, Србија… Разговаравме со неа за досегашните и за идните планови и искуства на спортски план.
Минатиот викенд се пласираше меѓу првите 30 на Светскиот куп во сноубординг во Кортина Дампецо – Италија. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе околу целото искуство?
Трката во Кортина можам да кажам дека е една од најубавите во целата серија Светски купови, позната е по магичните пејзажи од стартната порта. Посебна е по тоа што е единствената ноќна трка под рефлектори и има особен шарм. Оваа година беше уште поспецијална за мене затоа што за првпат се пласирав меѓу првите 30 жени во свет. Незаборавно искуство, со многу трема пред стартот, но на крајот се исплатеше секоја капка пот вложена во тренинзи, подготовки и посветеност. За среќа, условите беа идеални, од подготовка на патеката, целата организација и совршено време на денот на трката.
Зошто е важно да ги познаваш правилата на планината, пред да се впуштиш во професионално занимавање со спорт каков што е сноубордингот?
Кога се движиме во планина, без разлика дали скијаме или пешачиме, исклучително важно е да ја почитуваме планината и нејзината сила. Никогаш не смееме да ја потценуваме природата и да одиме тврдоглаво мислејќи дека можеме да ја победиме или освоиме. Основно правило е да внимаваме на моменталните временски услови и доколку се неповолни, да се повлечеме без да се правиме храбри и силни, особено кога се движиме на слабо обележан терен. А во случај на движење во ски–центрите, тогаш треба да ги почитуваме сите скијачи без разлика на нивното искуство и ниво на скијање.
Би сакале да ни направиш мал вовед во сленгот на сноубордингот, да ни објасниш што е shredding, pow, zeech, stomp и уште некои зборови што мислиш дека би требало да ги знаеме – hype, sick, steeze stoked…
Во последниве години сноубодингот доживеа огромен подем и доста се зголеми сноуборд заедницата, а со тоа и културата и создавање свој „јазик“” и терминологија.
– Shredding е збор што се користи да се опише самото возење сноуборд, а да се избегне зборот скијање.
– Pow е кратенка од зборот powder односно пудра, што е најдобрата форма на снегот, тоа е свежо паднат снег во поголема количина, неистапкан, недопрен и совршен.
– Freeride возењето на недопрен терен е дефинитивно најдоброто чувство што некој може да го доживее на даска.
– Stomp се користи кога некој ќе направи трик во воздух и ќе слета на земја без грешка.
– Hype е збор што ја опишува возбудата на добар сноубординг ден.
– Sick се користи да се додаде акцент колку е нешто добро, дали е тоа трик, извозена линија или некој што вози многу јако.
– Steeze е синоним за стил, кој секој сноубордер го гради низ својот живот и е уникатен начин на возење и правење трикови.
– Со stoked можеме да ја опишеме среќата и адреналинот што ги чувствуваме кога возиме, се дружиме на планина, споделуваме заеднички незаборавни моменти.
Како се бориш со лимитираните ресурси и можности за тренинг во земјава?
Тоа е доста осетлива и опширна тема, за која треба многу да се зборува и да се вложува труд да се направат огромни промени, кои на крајот ќе донесат голем успех за државата.
Во моментов немаме ски-центар во државата кој ни нуди доволно добри услови за тренинг на дисциплините што ги практикуваме и патеки на кои можеме да возиме тркачки даски. Тоа е голем хендикеп за нас како тим затоа што заостануваме со тренинг денови во споредба со конкуренцијата. Континуираниот тренинг е единствен начин до гарантиран успех. Со цел да се одржиме во добра форма, мора да импровизираме тренинг со тие услови со кои располагаме или да патуваме по два дена да стигнеме до ски-центар што нуди солидни услови за тренинг.
Фан си и на вејксурфањето. Кажи ни нешто повеќе околу тоа, со какви предизвици се соочуваш кога снегот го заменуваш со вода?
Да, последниве неколку лета сум дел од тимот на „Wake the Lake“, организација за спортови на вода на Охридското Езеро. Тоа ми е одличен начин да ја одржам формата на даска иако е сосема различен спорт, чувството на возење е многу слично, плус е неверојатно забавно и одлично искуство.
Се занимаваш и со графички дизајн. Како ги балансираш овие различни интереси на креативен и спортски план?
Работев како фриленс графички дизајнер повеќе од 10 години, затоа што единствено така можам да ги комбинирам двете кариери да функционираат истовремено. Голем дел од годината, особено во зимскиот период, сум на пат и надвор од земјата. Тоа значи дека ми треба исклучително флексибилно работно време, односно по тренинг на планина, седнувам да работам на компјутер, иако не е едноставно и лесно понекогаш, кога ги правиме работите посветено и со љубов, сè е изводливо.
За крај, какви лекции можат да се научат од сноубордингот?
Сноубордингот е спорт со кој можеме комплетно да ја развиеме физичката форма на телото, но и психичката состојба на умот. Пред сè, тоа што поминуваме голем дел од времето надвор на планина, на чист воздух и сонце, тоа е совршен склоп на околности да се развие една личност. Она што секој спорт нè учи е да се почитуваме и да си помагаме едни на други и да функционираме како заедница. Во сноубордингот тоа е посебно истакнато затоа што го практикуваме спортот во секакви услови и околности каде што треба секогаш да сме спремни да помогнеме некому. Исто така, учиме и ориентација и снаоѓање на отворен простор како да се однесуваме во сурови временски услови што нè прави посилни личности.
Јосип Коцев