Веќе 40 години пијанистот и композитор Роџер Ино создава музика што се вбројува во неокласичната, меѓутоа тоа не дава вистински опис бидејќи во неа на едно место се среќаваат минимализам, амбиентална музика и Ерик Сати.
Зад себе има опус од 20 солистички албуми и неколку соработки со луѓе од различни генерации и кои творат во различни жанрови, од неговиот брат Брајан Ино, Дејвид Гилмор, па до Orb, Plumbline и Лу Рид. На овој список се придружуваат и Џијан Емин и Македонскиот филхармониски оркестар, со кои тој изведе нова авторска музика. Ова беше негов трет настап во Скопје и во ова интервју зборуваме за теми што се случија помеѓу неговото второ и трето гостување – албумите „Mixing Colours“, „The Turning Year“, потоа музиката за документарниот филм за писателката Ерика Џонг, соработката со Џијан Емин и новиот концертен филм од настапот кај Акрополисот во Грција, чија премиера беше во март.
Минатиот пат се сретнавме во Скопје и зборувавме непосредно пред пандемијата, а сега се среќаваме повторно откако таа измина. Што Ве научи пандемијата за вредноста на музиката и на уметностите?
Таа ме научи да го вреднувам повеќе односот човек со човек. Не гледав на уметноста како на форма на комуникација, но сфатив колку луѓето загубија бидејќи не можеа да зборуваат лице в лице со луѓето, да се допираат и да се прегрнуваат. Ова беше неверојатно. Уметноста го замени тоа што го правам, но не го презеде местото на сето ова. Многу го земаме здраво за готово чинот кога ќе сретнеме некој пријател дека можеме да се ракуваме со него или можноста да се збогуваме со некој од семејството кој умира – како мојата сопруга, која не можеше да се види со мајка ѝ кога умираше. Сето тоа направи да сфатам дека таа влијаеше врз основната комуникација помеѓу луѓето, нешто од што уметноста е дел, но тоа брзо стана секундарно кога ќе видите дека примарна работа е допирот и личното поврзување. Брајан и јас имавме среќа што случајно го објавивме албумот „Mixing Colours“ за време на почетокот на пандемијата. Не дека ја започнавме пандемијата поради албумот (се смее), но на многумина тој албум им беше од голема помош. Им помогна да пребродат едно негативно искуство бидејќи им овозможи на луѓето да бидат попозитивни за околностите бидејќи бевме и онака присилени да ги прифатиме околностите. Во тие околности сте присилени да погледнете длабоко во себе и да размислите за вашите вредности и за тоа што го имате. Уметноста беше корисна за тој процес и особено музиката овозможи тоа патешествие да биде полесно.
Најдов една твоја изјава што гласи: „Музиката нè кани да размислиме за значењето и за можностите од тоа како е да си човек. Таа се пренесува колективно, индивидуално и лично. Таа е најголема од сите уметности и се чувствувам почестен да бидам нејзин изведувач“. Дали можеш да ги образложиш овие мисли?
Покрај тоа што го реков за односот човек со човек, сè може да биде подобро со музика. Таа може да ја погоди самата душа на човештвото, нешто што мислам дека ниту една друга уметност не може да го направи истото толку ефективно. На второ место по неа е поезијата. На трето место се визуелните уметности. Но, сепак, музиката функционира на начин на кој, ако луѓето имаат душа, таа ѝ се обраќа на таа душа, што мене ми е мошне впечатливо. Уметноста може да ве пренесе на друго место со помош на неколку апстрактни расположенија и движења. Наеднаш сета перцепција за вашиот свет може да се промени. Мислам дека е тоа волшебно.
Кои беа идеите и емоциите што го придвижија изданието „Mixing Colours“, кое е соработка со Вашиот брат Брајан Ино? Толку беше плодна соработката во тој период поради што објавивте и уште едно заедничко издание, „Luminous“.
Отпрвин, секое утро работев во своето домашно студио каде што импровизирам. Понекогаш излегуваат мали парчиња додека си играм. Потоа можам да ги едитирам, да ги отстранам работите што не ми се допаѓаат и да го оставам само скелетот. Потоа тие парчиња им ги праќам на луѓе како Дом Тиобалт, кој го направи дизајнот за кориците. Дом е сликар и искористивме некои од неговите дела за корицата, и бидејќи ми е пријател, му пратив нему да слушне нешто од ова. Му пратив и на Брајан, кој е исто така пријател. Овие парчиња беа како разгледници, музички разгледници до луѓето за да им покажам што правам во моментот. Кога му ги пратив на Брајан, тој почнал да ги собира и помислил: „Ова би можело да биде добро за филмска музика“, па почнал да работи на нив со идеја дека би можеле да бидат дел од некој филм што сè уште не е снимен. Некаде во тоа време, нашиот менаџер – со Брајан имаме ист менаџер – преговараше со „Deutsche Gramophone“ за да објавиме неколку албуми за оваа издавачка куќа. Додека се работеше на оваа зделка, тој откри дека имаме албум бидејќи Брајан веднаш почнал да работи и да ги процесира работите што му ги праќав. Како што знаеш, Брајан е експерт за квалитет на звукот и неговата техничка страна.
Според мене, тој успева да постигне обичното да се претвори во необично и секојдневното да биде претворено во нешто претходно нечуено и невидено.
Да. Но, ова е начинот на кој тој албум беше создаден. Воопшто не се видовме еден со друг. Јас работев во своето студио, а тој во неговото, и ги праќавме фајловите преку клауд. Се разбира, работата беше поинаква кога настапивме во живо во Атина кај Акрополисот пред 2 години. Тоа беше одлично искуство за двајцата. Беше преубаво.
Сега во март во кината во Англија премиерно ќе биде прикажан концертниот филм од овој настап.
За време на настапот Брајан користеше дел од своите 77 милиони слики и тоа изгледаше неверојатно. Публиката ја гледаше позадината, но луѓето на сцената – Лео Абрахамс и Пит Чилверс, Брајан, јас и ќерка ми, која пееше, можевме да го видиме Партенон над Акрополисот. Беше фантастично. Имавме проби и настапивме како нормален бенд.
Ве молам, зборувајте за сензибилитетот што го споделувате со Брајан и придонело да се создадат проекти почнувајќи од „Apollo“ и „Voices“, па сè до „Mixing Colours“. Меѓу вас има голема разлика во годините и работите во различни жанрови од музиката, но сепак заедничките проекти се сосема различни од тоа што го правите.
Ние двајцата не се срамите да правиме многу малку. Многумина ја исполнуваат својата музика со технички знаења и вештини, додека Брајан и јас сме против тоа. Оставаме многу воздух, многу простор во делата што ги создаваме. Затоа нашата музика е поинаква. Мојата е повеќе, претпоставувам, неокласична. Тоа што го имаме заедничко е одмереноста, па затоа оставаме доволно простор. Една од моите одлики е да оставам доволно простор во музиката за да луѓето сами си ги пополнат дупките. Со тоа делумно самите стануваат композитори. Имаат простор да размислуваат во рамките на тој простор. Тоа на некаков начин е моја цел и верувам дека Брајан им пристапува слично на работите. Значи, одмереноста е една од работите. Скромноста е друга и е поврзано со претходно кажаното. Не чувствуваме потреба да направиме огномет од суети – „Види, можеме ова да го правиме“.
Ова ги олеснува работите кога работиме заедно покрај музичките сличности, а тука е и смислата за хумор. Споделуваме слична смисла за хумор и кога нешто ќе се случи, не мораме да зборуваме многу – ќе се погледнеме еден со друг и се разбираме. Ова е одлично кога работиме заедно. Поради тоа, кога сте во ситуација да работите на музика што е деликатна, од навистина голема помош и олеснување е можноста да се случи нешто сосема смешно. Тоа помага многу.
Која беше инспирацијата зад „The Turning Year“, кој беше објавен минатата година? Музиката е сосема поинаква од „Mixing Colours“ и е подлабока и поемотивна од сè што сте создавале претходно.
Музиката беше инспирирана од стареењето бидејќи времето прави да сфатите дека работите си имаат свој крај и во тоа време не можев а да не размислувам за тоа. Музиката е посериозна од другите и има поголема тежина. Исто така, работев со продуцентот Кристијан Бацуро, кој имаше многу убави идеи што ги искористивме како текстури и други детали. Има поголема реалност во содржината на тој албум. Тежина е подобар начин да се опише тоа. Плус, работев со едни од најдобрите музичари на светот, односно со „Scoring Berlin“. Тие создаваа прекрасни тонови. Тука учествуваше и еден од најдобрите кларинетисти со кои сум соработувал, Унгарецот Рибор Реман. И кога ги имате сите овие сили на располагање, тогаш можете да создадете нешто што има поголемо значење. Така размислувам за ова издание.
На кој начин ги отсликува размислувањата и емоциите за стареењето и за смртноста?
Дали ти е позната претставата за есента? Таа е убава, но умира. Станува збор за таков тип идеја. Сета убавина ќе избледи. Во суштина, многу сум мизерен како човек (се смее). Албумов не се заснова целосно на тоа, но голем дел од него е многу меланхоличен. И така гледам на него.
На кој начин овие изданија Ве подготвија за работа со музика за филмови? За време на пандемијата работевте на документарниот филм за Ерика Џонг (авторката на „Страв од летање“) насловен како „Breaking the Walls“?
Кaспар Касикс, кој е режисерот, ме контактираше преку мојот менаџер. Нему му се допаднал албумот „Mixing Colours“ и се вљубил во една од композициите „Celeste“ и таа е искористена во филмот. Во суштина, тој сакаше да направам варијации врз основа на оваа тема и да додадам оригинална музика. Сето тоа беше многу едноставно бидејќи веќе го беше завршил филмот и беше во процес на монтирање. Како што е вообичаено, музиката доаѓа на крајот од процесот на создавање еден филм. Така се случи филмот, каде што Каспер и јас комунициравме преку Zoom или имејл. Тој е Швајцарец, но живее во Берлин. Има многу интересни работи во филмот и особено ми се допаѓаше делот за Ерика и нејзиниот сопруг, кој беше постар и стануваше сè послаб.
Дали за соработката со Македонскиот филхармониски оркестар сè што беше изведено беше нова музика?
Свиревме една тема „The Turning Year“, а потоа и работи што претходно не биле слушнати. Всушност, биле слушнати претходно, но не во оваа форма. Главно сè му препуштив на оркестарот да изведе.
Што беше тоа што Ве заинтригира да соработувате со Џијан Емин и оркестарот?
Во врска со Џијан, тој е човек што веднаш ми се допадна. Се восхитував и на неговата евидентна музикалност, енергија и љубезност. Тоа што Џијан е навистина добар е да земе идеи и да ги однесе на некои други места. Не би можел да кажам од каде доаѓаат неговите идеи и каква е неговата позадина, но навистина сака модерна музика со многу ритми – можеби drum and bass. Што се однесува до мене, јас сум сосема поинаков. Од секоја идеја би ги отстранил ритмите. Затоа музиката што ја изведовме беше мешавина помеѓу тоа што јас го правам и тоа што тој го прави и се најдовме на спротивните краеви. Концертот беше фантастичен и приемот прекрасен. Тоа беше делумно театар, со мојата измислена соба во која имаше радио и грамофон, заедно со клавирот. Имаше и видео што го продуцирав и беше прикажано во позадината и рецитирав поезија. Оркестарот беше фантастичен – тие се навикнати да изведуваат работи од композитори како Вивалди или многу брза, сложена музика, а мојата музика не бара ништо друго освен чувствителност.
Ненад Георгиевски
Фотографии: Маја Аргакијева