„Порано беше поубаво“ – така велат сите оние што живееле со полни батерии во малото место сместено во топлото срце на југот во Македонија. Оние што слушнале за Богданци, знаат што се крие во ова место чие непреболено минато буди носталгија, која овој град и луѓето што живеат или живееле тука ја носат со себе. Сега е поразлично и ништо не е како што било некогаш. Но, сегашноста и иднината носат своја убавина, која во некое друго минато ќе биде само спомен и некакво сеќавање и така натаму.
Често за викенди патувам од Скопје за Богданци само за да ја почувствувам топлината на тоа сонце што поразлично грее и ветрот што дува со сета сила, со надеж дека ќе ги стоплам прстите што го пишуваат ова, ќе ги излуфтирам сите задушени мисли, ќе ја растргнам маглата и цела прашина насобрана од големиот град.
Во последните неколку години улиците во Богданци се сè попразни, или како што би рекле ние: „Нема живо пиле“. На вратите и на прозорците од некои поранешни дуќани стои натпис „Се издава“ бидејќи трговците тргнале во друга насока да си ја бараат среќата, а младите најчесто живеат во Скопје или надвор од државата.
Но, постои едно нешто што секогаш ги оживува овие градови – пазарот. Во малите градови пазарот обично трае само еден ден. Во Богданци, тој ден е недела. Тогаш можеш да си купиш сè. Оние што не патуваат често до Гевгелија (на само 10 км) чекаат да дојде недела и да го купат тоа што им треба – долна облека, пижами, папучи, гума и кочници за велосипед, модни додатоци, црево за туш, тренерки AddiBas, детски играчки и сè што може да ви падне на памет. Големиот избор на производи и ниските цени ги залажуваат и нашите јужни соседи што живеат во грчките села во непосредна близина на граничниот премин Богородица. Низ тезгите се слушаат разговори на грчки јазик, а на другите минувачи тоа им дава чувство дека се наоѓаат во туристичко место. Во недела е отворен и зелениот пазар каде што богданчани ги полнат ќесите со свеж зеленчук директно од плодната и чиста почва на нашето поднебје, овошје и различни видови зачини и чаеви.
Во недела е најголемиот метеж и во неколкуте кафулиња што функционираат. Полни се со луѓе, врева, кафе-муабети, додека помладите се трудат да се освежат по авантурите од претходната ноќ.
Пролетните топли денови го празнат центарот на градот, ги празнат кафулињата и ги полнат летниковците на нашата божествена, една и единствена брана Паљурци. 50 нијанси на зелено, вода и сонце – за обична прошетка со кафе и очила, размрдување со велосипед или целодневен пикник – богданчани и луѓето од околните места си режираат свое сценарио кога станува збор за Паљурци. Во последните 5 години големите празници и деновите во летниот период имаат поразлично доживување за оние што се враќаат од странство, а неодамна го напуштиле родниот крај. Тогаш е најубаво бидејќи е живо и полно со луѓе. А најубаво е за оние што чекаат некого да се врати и срцето повторно да им заигра. Пијани души и насолзени очи, кои ти кажуваат дека тука им припаѓа целото битие, но сепак нема назад. Тоа е што e.
Секое срце има своја лева и десна хемисфера, за мене тоа е културата и уметноста на еден град. Неодамна излезе една многу топла и навидум емотивна песна со некој саркастичен мотив од најголемите ентузијасти во нашиот крај, а може и пошироко, внесени во суштината на музиката, нашите виртуози „SAP BROTHERS“. Бранко и Влатко Сапламаеви, маестрални музичари што целосно се вложуваат во тоа што го прават – издадоа песна посветена на нивното куче Арон (куче-човек или поголем човек од многу луѓе). Слушнете ја песната и задолжително гледајте го видео спотот <3
Во Богданци фолклорот игра голема улога во негувањето на културното богатство и е единствената светилка во полето на културата во нашиот град, а „виновен“ за тоа е Фолклорниот ансамбл за традиционална музика и игра „Мегдан“. Мисијата на ансамблот е да ја зачувa свежината и изворноста, затоа што фолклорот не само што треба да се сака, туку треба и да се разбере. „Мегдан“ постои повеќе од 10 години за да ги негува и да ги прикажува обичаите, народните игри, песните, музиката, инструментите и носиите на Македонија, во уникатно уметничко минато. Во ансамблот има повеќе од 100 членови на возраст од 6 години нагоре, поделени во четири групи. Ансамблот го предводи етнологот Петар Стојчевски, кој е и претседател и уметнички директор. Како дел од ансамблот бев активен член 8 години, сè додека не се преселив во Скопје, сега учествувам само во креирањето визуелни решенија и промотивни материјали за концерти. Во јуни 2022 година ансамблот одбележа мал, но значаен јубилеј со наслов „Нишка по нишка ѓердан“.
Богданци гордо може да се пофали и со графичката работилница „Софија“, која се одржува секоја година на крајот на август и почетокот на септември. Графичката работилница „Софија“ има меѓународен карактер и е единствена графичка работилница во земјава. Со работата на Графичката работилница во која учествуваат млади графичари и студенти на завршната година на додипломски студии и студенти на постдипломски студии на Катедрата на графичкиот оддел од факултетите за ликовни уметности, предложени од нивните матични факултети, раководи Виктор Семенпеев. На Графичката работилница досега учествувале претставници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција, Полска и од Македонија. Графиките од изминатите години може да ги погледнете тука.
Убавината е во малите нешта, мали но значајни. Такво е Богданци, магична и мала кутија во која се спакувани сите овие вредности, богато минато, амбициозни луѓе, разиграни и топли души. Сепак, и ова не е сè, но е доволно за да ги врамам ремек-делата на нашиот град, кои го прават Богданци она што е денес.
Радмила Гошевска