Малиот паркинг зад зградите во тивката населба во Солун беше празен и тивок кога одненадеж се слушна како 1.000 фустани симултано да се кинат, проследено со серија светлини, и од никаде двајца лежеа на него. Тој во неговите сомот пантолони и син шетланд, а таа во своите фармерки со коцкести задни џебови и зелена ролка.
– Успеавме? – рече таа додека лежеше и полека ѝ дозволуваше на еуфоријата да ја замени збунетоста…
– Да – рече тој – според новогодишните украси, може да сме негде пред Нова година или негде околу април…
Се исправија, тој го провери мобилниот.
– Бара мрежа… се поврза! Изгледа телекомот ја користи истата технологија на серверите… веќе десет години?! 31-ви е! Нова година! Пред десет години!
Ана го гледаше со накренителна возбуда: – Хаха, експериментот успеа и прославата ни е на сметка на градот! Што да правиме сега? Имаме два сати… и мора овде да се вратиме… за да се вратиме..
– Имам женска! – извика тој.
– Не си ми кажал… – рече Ана.
– Не, не, пред десет години уште бев со бившата, заедно, и оваа Нова година бевме најзаљубени… – го отвори мобилниот и ја провери кешираната секција „На денешен ден“. Имаше слика од нив двајца по пижами, таа сè уште со синоќешната шминка.
– Даа, ова утро заминавме на експедиција во Нов Зеланд со тебе, ги истражувавме временските лагови околу Нова година, таа беше нерасположена поради тоа, и ѝ испратив цвеќиња по курир баш пред Нова година… ако побрзам – и тргнува да оди, а таа го следи – ќе го стигнам, ќе ги земам цвеќињата, ќе ѝ кажам дека се беше шега и ќе поминиме еден сат заедно…
– Генијално – рече Ана.
– А ти? – ја запраша Јорго.
– Имав дедо во Солун, ќе одам да го видам, умре кратко по Нова година, последните денови беше повлечен, а јас со месеци не го имав видено поради работата…
– Каде живееше? – со забрзително темпо дофрли Јорго.
– Во старите згради на Југ – покажа Ана.
– Ајде, ќе се разделиме кај малото плоштатче подолу… многу е ладно… не испланиравме баш.
– Чекај – рече Ана и истрча до малиот кафич, зеде две ќебиња од масите и истрча накај него без да биде забележена од пијаните гости и персоналот внатре…
– Временскиот континуум… – рече Јорго додека обајцата трчаа обвивајќи се во ќебињата.
– Не вервам дека попис има на ќебињата направено, за разлика од келнерите, во ред е, Јорго, продолжи да трчаш…
Улиците беа празни, исполнети со новогодишна тензија, а тие полека стигнуваа до малечкиот плоштад.
– Стој – извика еден припадник на специјалната единица и се стрча накај нив, го проследија уште неколкумина…
Обајцата застанаа.
– Што имаш под ќебето – откако ги опколија, ѝ свика на Ана.
Ана ги рашири рацете.
– Ништо, ништо…
Јорго стресно ги рашири рацете не сакајќи удирајќи еден од нив со раката, понизок, набиен и истрижан кец, а овој возврати со пендрекот во пределот на ребрата…
– Оооо – извика Јорго – а, бе, да ти покажам, да ти покажам – низ заби исцимоли – немам ништо.
– Нема ти мене шо да ми покажваш, бриши! – рече и се повлекоа.
Ана го прегрна Јорго кој куцаше од болка и полека продолжија накај плоштадот…
– Заборавив дека уште ја немаме турнато оваа фашистичка власт… и колку напнато беше тогаш.
– Во ред си? – го праша Ана.
– Ќе помини, оди, да не губиме време – рече тој пробувајќи да се исправи.
– За два сати на паркингот, Јорго не заборавај! – рече таа и започна да трча.
Јорго стигна до зградата и седна на скалите полека поминувајќи ги ребрата. Како порачан се испорача испорачателот на цвеќето пред него.
– Момче, застани – рече Јорго – јас ги порачав цвеќињата, дај ми ги… Јорго сум јас, види таму…
– Морам да проверам во базата – рече момчето и заврти на својот мобилен телефон. – Еј Миа, еден господин на адресата вели дека се негови цвеќињата… аха, аха, во ред – го затвори својот мобилен телефон. – Извинете, не можам да ви ги дадам, диспечерката вели дека човекот што ги порачал пред половина час овие цвеќиња, се јавил од странство и дека напоменал дека роамингот го отепа.
– Ах, сам себе отепал… може бар да се качам со тебе?
– Се разбира, ова е слободна земја… или ќе биде за некој месец.
– За година и пол поточно, ама не е битно.
Се качија до станот и се поставија пред вратата, момчето незаинтересирано, а Јорго пресреќен и полн со исчекување заѕвони.
– Моооо-мееент – се чу машки глас однатре.
Јорго пресечен застана со грбот до ѕидот покрај вратата и зјапаше попарен во спротивниот ѕид, момчето збунето го гледаше. Вратата се отвори.
– Повелете – рече момчето – потпишете овде – и му подаде тефтер покрај букетот.
– Оооо, оооо, ооооопааа, цвееќиња – зеде пенкало потпиша и му го врати тефтерот на младичот.
– Благодарам, среќна Нова година!
– Среееќна ноо оова, момче – рече гласот и ја затвори вратата.
Момчето го погледна Јорго, се сврти и си замина.
Јорго тргна накај малиот паркинг. Кога стигна кај малото плоштатче, виде пола шише „метакса“ оставено на сообраќајно ступче, го зеде и започна да го натега. Полека се приближи до паркингот и ја виде Ана како тажна седи на тротоарот. Седна до неа.
– Го виде дедо ти? – ја запраша.
– Да, сам, паднат на подот, во локва моч, исушен, не го имав така запаметено, погребот беше со затворен ковчег…
Јорго ја погледна и ѝ даде да се напие од шишето..
– Ти, зошто не си со бившата, ваљда не си толку брз, да му се невиди… – рече Ана.
– Со бившио беше, пелтачот Том.
Ана се исправи седејќи и се подврати назад гледајќи го. – Жал ми е…
– И мене, ама мислам дека повеќе ми е жал што ѝ бев верен оваа вечер, а ти беше така прекрасна во тој жолт фустан.
– Јорго, бе! – рече таа изненадена.
– Толку многу шанси имав со тебе, и никогаш не се осмелив, секогаш мислејќи дека тоа ќе ја афектира нашата иднина како колеги, нашата професионална иднина.
Постоија малце гледајќи во земјата.
– Јорго – му рече таа полека вртејќи се накај него – нема иднина во минатото – и го бакна…
Започна новогодишниот огномет, го гледаа додека да заврши, а потоа светлината ги зеде назад… или напред.
Тихомир Диковски
Тихомир Диковски е роден на 28.02.1988 во Битола. Од млади години е заинтересиран за пишување. Почнувајќи со кратка проза, успева да објави две негови приказни, едната во весникот Време, вториот во збирката „Очудувања” на издавачката куќа Бегемот. По завршување на курсот за „Сценарија за кратки филмови” на режисерот Димитар Банов, целосно се префрла на пишување сценарија за кратки филмови.