Но, да тргнеме од почетокот. Дејството на серијата е временски лоцирано на самиот крај на 19-тиот век (или барем така изгледа 😊), на огромниот пароброд Кербер, кој тргнува на интерконтинентално патување од Европа до Америка со 1.400 патници, точно четири месеци по мистериозното исчезнување на неговиот претходник Прометеј во водите на Атлантикот. Можете да погодите, асоцијацијата со Титаник е неизбежна. Една од многуте патници на бродот е докторката Мора Френклин (Емили Бичам), која уште во почетните минути од првата епизода ни ја навестува својата лична борба со тешкото минато и сеќавањата што ја измачуваат со својата неодреденост и нејаснотија. „Мозокот ги придвижува нашите мисли, нашето однесување. Ги содржи сите тајни на универзумот. Има цел еден скриен свет во секој од нас што чека да биде дешифриран“, вели Мора во една од своите реплики во филмот, суптилно најавувајќи ни множество од светови што се пресекуваат, се одминуваат или едноставно се содржани еден во друг како пакување од матрјошка кукли. Сето тоа диригирано од умот.
Во меѓувреме, на Кербер пристигнуваат сигнали од исчезнатиот брод Прометеј, и ова ќе го натера капетанот Ејк Ларсен (Андреас Пиетсман) да го пренасочи бродот кон координатите од сигналот, иако тоа значи неколкучасовно скршнување од целта на патувањето. По допловувањето до Прометеј, мистеријата уште повеќе се засилува откако на бродот нема да бидат пронајдени никакви тела, освен едно преживеано момче што одбива да зборува и со себе носи чуден предмет – пирамида. По серија настани, патниците полека се соочуваат со вистината – бродот нема да продолжи кон крајната дестинација во САД и тие се заробени среде отворено море, пресметувајќи се меѓу себе, но и секој со своето минато.
Дејството на серијата што етапно се развива во текот на осумте епизоди е мошне бавно и тоа може да се протолкува како своевиден недостаток, но ако се земат предвид сите внимателно вткаени детали во комплексниот наратив и целата визуелна симболика, тогаш може да се заклучи дека авторите немале друг начин да ги претстават приказните на многубројните ликови, освен на сметка на времетраењето. A ликовите, односно патниците, се можеби највпечатливиот сегмент од серијата. Станува збор за интернационален кастинг од одлични имиња што веќе ни се познати од други филмски или телевизиски остварувања. Глумците во серијата ги користат своите мајчини јазици, создавајќи вистинска лингвистичка мешавина. Ќе слушнете англиски, француски, германски, дански, полски, кинески, шпански, португалски… Сите зборуваат на своите јазици, и сите, на некој начин меѓусебно се разбираат со единствениот јазик на емоциите. Па, така, освен Мора и капетанот Ајк, „1899“ ќе ве внесе во приказните на францускиот пар (Матилда Оливие и Жонас Блоке), шпанскиот свештеник и неговиот брат (Хозе Пиментао и Мигел Бернардо), кинеската мајка и ќерка (Габи Вонг и Изабела Веи), данските патници од трета класа (Лукас Лингорд Тунесен, Марија Ерволтер) и други.
Приказните на овие ликови отпрво изгледаат мошне далечни и неповрзани, но средбата со изгубениот брод Прометеј почнува да ги открива конците на нивните испреплетени животни патишта. Сложената структура на дејството се постигнува преку откривањето на нивните поминати трауми, сеќавања и постојаните прескокнувања отаде границите на времето и просторот, преку специјално дизајнираните портали на бродот. Па, така, се развиваат наративи за класни разлики, потисната сексуалност, проституција, комплексни односи на релација родител-дете, загуба, неостварена љубов… Специфично е и тоа што секоја епизода завршува со одредена класична рок-песна (Џеферсон Ерплејн, Блек Сабат, Дејвид Боуви), па тоа можеби на моменти делува малку излитено и веќе видено, дури и несоодветно за целокупниот мрачен амбиент во кој дише серијата.
Во моментот кога ќе помислите дека прашањата и недоумиците премногу го оптоваруваат дејството, „1899“ наоѓа начин да направи пресврт што уште повеќе ќе ве заинтригира и ќе ве натера да ја гледате до крај. Иако на моменти, личните приказни на ликовите запаѓаат во клише ситуации, целокупниот впечаток за серијата е дека дијалозите успеваат да ја избегнат замката на сапуницата, а гледачите се во постојано очекување на поголемата слика и расплетот што ќе биде клуч за мистеријата. Она што е карактеристично за ваквиот тип серии е тоа што некако однапред сте подготвени крајот да ве одведе кон уште поголема и понерешлива мистерија.
Инаку, Нетфликс веќе објави дека во снимањето на оваа серија е употребена револуционерна технологија. Тоа е и детално претставено во 50-минутниот документарец посветен на продукцијата на „1899“, исполнет со интервјуа со актерите и техничката екипа. Слободно може да се каже дека освен повеќејазичноста во серијата, нејзиното умешно сценаристичко „заплеткување“, третиот елемент што треба да се акцентира е употребата на ротирачката ЛЕД-сцена за снимање на сцените во виртуелната продукциска сцена Дарк Беј во Германија, која се смета за најголемиот ЛЕД-екран во светот. Виртуелната продукција креира композиција од под и заднина во кои актерите повеќе не мора да играат пред хрома, туку во реален амбиент, па така речиси сите заднини што ги гледате во филмот се генерирани во огромно студио со помош на посебна технологија.
Да заклучиме, „1899“ е за вистинските фанови на заплеткани мистерии. Бара активен ангажман и не е серија за опуштање. Сите што уживаа во заплетканите светови и временски портали на „Dark“, треба да ѝ дадат шанса. Ако ништо друго, сериите од ваков тип ги шират перспективите, ги отвораат најдлабоките егзистенцијални прашања и нè тераат да размислиме дали некогаш ќе дознаеме до каде се простира вистината, или уште поважно, што е всушност вистинско?
Јосип Коцев