Во ера на намалена продуктивност во последните 4 декади (а може ли некој да нè обвини?) и рецесија што цвета и повеќе ни наликува на апокалипса, светот како глобално да посака да има контрола врз буквално сѐ. За волја на тоа: луѓето работат многу повеќе, а постигнуваат помалку. На пример, постои зголемен обем на работа кој не подразбира креирање вредност за потрошувачите, туку зголемена бирократија и повеќе состаноци.
Тоа има огромно влијание врз целокупниот начин на живот. Како и секоја личност со пристап до интернет, често наидувам на класичните совети како да го водам своето секојдневие. Би излажала ако кажам дека не сум пробала да си го „средам“ животот по некој издиктиран шаблон.
Станувај рано, медитирај, пиј вода со лимон, пишувај во дневник, оди на вежбање пред работа, на работа биди зен и решавај ги сите проблеми, но не си ја носи работата дома, храни се здраво, не гледај во екрани пред спиење, имај социјален живот, но не на сметка на времето со себе, запишувај ги финансиите, носи паметни одлуки ама и не заборавај да дишеш… рутина, рутина, рутина. Мораш да ја имаш, тоа е единствениот начин. Заслепени од ветувањето за подобар живот преку овој наводно единствен начин да се стигне до него, ние не се вртиме кон себеси за да провериме дали тоа се поклопува со нашите вредности и начин на живот. Како магична напивка, сметаш дека доколку функционира кај толку многу луѓе (океј, кај толку многу луѓе на Инстаграм), мора да функционира и кај тебе. Но, како што ниту еден начин на исхрана не функционира исто за секого, бидејќи сите сме различни, така и работите што би требало да ни го направат поедноставен животот, кај дел од нас можат да предизвикаат чувство на преоптовареност и зголемена анксиозност.
Тој менталитет придонесе да се ставам во улога на пожарникар, бидејќи тоа што го постигнуваш е твојата нова улога: гаснење пожари насекаде. Без разлика колку пожари ќе успееш да изгасиш, титулата ✨постојано сум зафатена ✨ функционира подмачкано само со нов подметнат оган.
Продуктивност = дисциплина
Да, тоа е факт. Но, дисциплината доаѓа во многу форми, па така и за мене лично е далеку поразлична од општоприфатената норма. На пример, на почетокот на годината многу луѓе си даваат цел да прочитаат еден куп книги во текот на следната година, односно барем една книга неделно. Да се разбереме, јас сум личност што премногу сака да чита, но некогаш се случува една книга да ја влечкам насекаде со мене и по три недели. Сакам да фаќам забелешки, да се навратам на некои пасуси, едноставно сакам да ја инхалирам книгата. Тоа „бркање“ бројка ми вроди чувство дека сум бавен читач. Книгите не ги читав онака како што јас сакам, туку со многу брзање, што на крај ме остави со многу прочитани книги, а ниско ниво на среќа.
Oттука, се помирив со моментот на немање рутина (освен шетање куче, тоа е рутина што не можеш да ја избегнеш) и тоа е во ред. Научив дека доаѓајќи од креативна индустрија како што е маркетинг, својата креативност не би можела да ја заробам во песочен часовник особено затоа што најдобрите идеи ми тропкаат на врата во луди часови.
Ќе признаам дека не сум најголемиот фан на исфорсираната продуктивност наметната од Западот (став оформен работејќи за Западот 🫶). Да, точно е дека колку повеќе го програмираш умот да завршиш некои зацртани работи, толку повеќе време поминуваш во тој процес и идеите некако успеваат да се прикрадат. Но, од моето искуство доколку не се препознае навреме, таа „токсична продуктивност“ тивко и полека преминува во прегорување. Тема што ќе ја оставиме за некој нареден пат.
Еве еден практичен пример: на крајот од минатата година си замислив една желба. Таа гласеше: „Би сакала времето посветено на работа да биде помалку од 8 часа дневно, но да биде попаметно искористено од сега“. Оваа идеја се вгнездуваше во мене многу пополека, можеби нешто повеќе од 2 години. И не зборувам само затоа што во моментов концептот на 4 работни дена во неделата е сѐ повеќе имплементиран.
Кога мислам на 8 часа дневно, мислам на стандардното работно време, фиксно, секој ден. Мислам на „состанокот што траеше 3 часа, можеше да трае 30-40 минути“, или „денес се почувствував одлично и сакав да работам повеќе, но завчера креативниот блок не ми дозволи да сработам ни 4 ефективни часа, па денес треба да поседам уште 4 часа“.
Оваа моја мисла на патот кон продуктивната слобода решив конечно да почнам да ја активирам и свесно да ја извршувам со бебешки чекори: започнав да работам сама и сама да организирам како ќе изгледа мојата недела. На крајот од денот, „Productivity is being able to do things that you were never able to do before“.
Како дознав што не е продуктивност за мене?
Низ годините, имав среќа да работам во тимови од чие лидерство можев да научам навистина многу. Но, како и секој втор milennial, искуството со „лидери“ што наметнуваа токсична продуктивност беше присутно. Испраќање имејл со завршени обврски за денот и колку време одземале… доколку водиш тим, само заобиколи го ова.
Убавината во тоа искуство е што кога јас започнав да водам свои тимови, точно знаев кои чувства не сакам да ги разбудам во моите луѓе. Чувствата што сакав да ги задржам подразбираат целосна доверба, избегнување мултитаскинг или постигнување повеќе работи во исто време, креативна слобода во извршувањето на обврските и апсолутна поддршка каде што има потреба. Мала и едноставна формула за водење продуктивни тимови.
Сѐ уште ги дефинирам малите форми на продуктивност за мене лично. Речиси никогаш не се поврзани со работа, но секогаш се поврзани со обрнување помалку внимание на работи што дополнително ме прават расеана личност (како проверка на социјални мрежи).
На пример, за мене продуктивно може да биде изложувањето на сончеви зраци наутро на прошетка, без обврска и стрес дека морам да се логирам каде било, или да се појавам некому онлајн;
Чист и испразнет дом и простор од работи и предмети што немаат ниту корист ниту значење;
Квалитетно потрошено време само со оние со кои сакам денес да се видам, не затоа што морам;
И финално, да побарам помош или насока кога сметам дека е потребна.
Листата е навистина долга.
Како и да свртиме, класичното „подобро управување со времето“ не е крајното решение, напротив, некогаш е дел од проблемот. Продуктивноста не ја врзувам со помалку потрошено време, или по секоја цена да се ставам во временска рамка на исполнување. Напротив, продуктивен си и кога ќе го земеш времето што ти треба, а од него ќе излезе некое минијатурно чудо.
Движејќи се кон мојата крајна дефиниција околу продуктивноста, можеби и најпродуктивен си кога ги правиш активностите што навистина сакаш да ги направиш, тогаш кога сакаш да ги направиш, активно, свесно, со внимание и присутност. Не за да се биде попродуктивен на работа, туку да се постигне некое ултимативно присуство во сè друго што правиме: вежбање, прошетка со кучето, готвење, читање книга… именувајте што и да посакате.
И да, изгасените нотификации се излезени од рајот.
Марија Јанеска