Рап-колективот „Доуп Куќата“ (Dope Kukjata) овој период имаше интензивни активности на повеќе полиња, и во студио со снимањето на новиот албум, и на сцената со настап на Д-Фестивал во Дојран и „Синедејс“ во Скопје, а паралелно работеа и на снимањето на новиот видеоспот, со кој го најавуваат албумот што ќе излезе во септември. Приказната за колективот „Доуп Куќата“ ја откриваме со Лука Кантарџиев, алијас Лукс Кмала (Lux Kmala).
Овој месец бевте прилично ангажирани со настап на еден музички и еден филмски фестивал. На што се должи активноста, на поканата на промоторите или на новата продукција на колективот?
– Откако летоска го завршивме нашиот нов албум, што треба да излезе во септември, сфативме дека, всушност, премногу време сме во студио, а премалку на сцена. Исто така, составот се прошири и можностите и идеите за поголем и подобар репертоар се зголемија, па така и нашите амбиции кон настапувањето пред публика. Се ангажиравме за самостојни настани што поминаа доста добро, за подоцна да добиеме покани од Д-Фестивал и „Синедејс“. Така што, веројатно е спој од двете – проширениот состав, како и иницијативата за повеќе настапи.
Настапот на музичкиот Д-Фестивал се случи на сцената „Москито“ во Дојран
На концертите настапувате во стандардна постава, но на клубските настапи се чини дека бројот на изведувачи во колективот се зголемува. Колку изведувачи се дел од стандардната постава и од што зависи проширениот состав?
– „Доуп Куќата“ никогаш немала стандардна постава. Тоа е така затоа што повеќе се сметаме за колектив одошто за затворена група. Многу различни луѓе снимале со нас во „Доуп Куќата“ низ годините. Некои останале, некои си заминале. Сѐ додека енергијата е „таа правата“ – колективот е автоматски сам одбран. Исто и за перформансот во живо. Во зависност од периодот, и од тоа што сакаме да постигнеме – поставата се менува.
Колку време постои колективот и која е симболиката на името „Доуп Куќата“?
– Не знаеме точно, но сметаме дека постои од кога правиме музика (тоа се девет години досега). Првично, почнавме јас и Лазар Христов (Лаз Веѓас) и со текот на годините се проширивме во колектив. Студиото ни се наоѓа во подрумот во куќата каде што живеам, пa oттаму е и името, огледално – Под Куќата [доП Куќата].
Сценски настап на Лукс Кмала на „Синедејс“ во МКЦ
Некаде спомнувате 10 досега објавени албуми. На што се должи таквата продукција и дали тоа се физички или дигитални изданија?
– Тоа се должи на многу студени зими, прежешки лета и бледи скопски денови, каде што „попаметна работа“ од правење музика немаме. Од почетокот на нашето артистичко постоење досега имаме издадено 11 албуми – снимени и продуцирани во „Доуп Куќата“. Сите можат да се најдат дигитално на интернет (YouTube, Spotify, Soundcloud…), а за неколку имаме и физички копии.
*Сите албуми: Inklingz – Tesseract (2016); Lux Kmala – Adam e gej, Eva ne e nevina (2018); JASmin – INFJasmin (2018); Dope Kukjata – 3018 (2018); Krtot – Formi na Zloto (2019); Laz Vegjas – Laz Vegjas EP (2020); Lukas Pomatski – Sam Doma (2020); Elliot Deb – Ne jadi mnogu… (2020); Maximus Vandal – Lirichki Vadalizam (2020); Bassmin – Sam Doma 2 (2021); и Maximus Vandal – Petarda EP (2021).
Фронталната линија на колективот е прилично силна со тројца актери (Никола Ристески, Стефан Вујисиќ и Лазар Христов), кои истовремено се активни и на театарската и на филмската сцена. Како се најдовте во таков состав и која е обединувачката основа?
– Одговорено од Никола Ристески (Пики) и Лазар Христов (Лаз Веѓас): Вуиса и Пики се знаат уште од средно преку рап-дружби, а апсурдно е да се каже јавно дека Пики и Лазе се зближија бркајќи покемони. Кога тројца актери и емсиња ќе се најдат во повеќе бранши, природно се создава хемија.
Тројца актери се во фронталната линија на „Доуп Куќата“ – Стефан Вујисиќ, Никола Ристески и Лазар Христов
Имате ли заедничка хип-хоп филозофија или секој поединечно со својата индивидуа се вградува во колективот?
– Ние не сме индивидуи, туку индиВУДУи. Секој артист е засебен карактер и носи свој багаж со себе. Секој од нас функционира засебно и има што да каже од сопствена гледна точка. Понекогаш, ставовите на одредена тема ни се покосуваат едни со други. Сметам дека во тие случаи песните звучат уште пореално, покажувајќи ги сите агли од панорамата, вистинската тензија и тежина на тематиката, па дури и ставови кои се погазуваат меѓусебно. Се разбира, сето тоа на крај е заокружено со колективната поента за песната.
Настојувате новите материјали да ги претставите со видеоспот. Кој ги смислува сценаријата за спотовите?
– Исто како и за нашата музика, станува збор за склоп од умови и нафрлани идеи. Нив подоцна ги пренасочуваме на вистинскиот човек да ги реализира во видео. Штотуку го извадивме нашиот нов видеозапис за песната „Garped“, како прв сингл и најава за претстојниот албум што ќе излезе во септември. Режијата е на Борјан Стојков, Тина Величковиќ – како негов асистент, и уште голем екипаж зад нив.
Што ќе содржи албумот што го најавувате за септември?
– Ако слушате само еден жанр музика – овој албум не е за вас. Исто така, ако слушате само рап – овој албум не ви го препорачувам. Во новиот албум може да налетате на досега најсвежите битови од „Доуп Куќата“, кои се обоени со многу зборлесто-игриви текстови, смешни и концизни прозивања, неискажани ставови, како и неколку зборови за моменталната музичка сцена. Се слушаме во септември!
Автор: Тони Димков
Фотографии: Д-Фестивал, Синедејс