Сандра Костовска има мошне шарен образовен профил. Дел од своето образование го стекнала во Русија, а потоа во Скопје, во Охрид и повторно во Скопје. Tаа е основачка на брендот Paper Box – онлајн платформа каде што сите графички дизајнери, архитекти и уметници можат да ги пласираат своите дела.
Почетна инспирација за ваквиот бизнис е љубовта на Сандра кон сè што е хартиено, практично, декоративно… кон кутиите, пред сè. Paper Box e особено интересна бизнис-идеја во време на пандемија кога повеќето потрошувачи се ориентираат кон онлајн купување, па затоа решивме да направиме разговор со Сандра и да дознаеме нешто повеќе.
Како се роди љубовта кон сè што е хартиено, книжно, картонско?
Љубовта кон хартиени работи е уште кога бев мала, кога собиравме ливчиња. Секогаш каде и да патував, си купував тефтерчиња, тетратки и честитки, така што љубовта кон хартиените работи секогаш постоела.
Во кој момент таа љубов се преточи во она што е сега Paper Box?
Кога излегов од една преубава книжарница, од тој момент знаев дека и јас еден ден ќе имам нешто свое, кое ќе биде поврзано со хартиени производи.
На платформата Paper Boх, својата уметност ќе може да ја пласираат и графички дизајнери, ликовни уметници, па дури и архитекти. Како ја замислуваш таа соработка?
На платформата на Paper Box веќе можат да се пласираат дела од графички дизајнери, ликовни уметници, архитекти, од сите љубители на креативноста. Paper Box од самиот почеток од идеја до реализација се измени многу. Првенствено требаше да се продаваат само книги и честитки, но како што голем број креативци ги претставуваа своите дела што беа достапни за продажба, решив да ги соберам сите на едно место – на Paper Box.
Како е да се размислува out of the box за кутии? 🙂
Секогаш е пожелно да се размислува „Out of the Box“ па дури и кога станува збор за кутии. 🙂 Затоа на самата платформа има дел каде што оние рачни изработки што не се од хартија, се во категоријата Оut of the Box. Целта на оваа платформа е да се валоризираат рачните изработки и да имаат простор во онлајн сферата да ги претстават своите дела.
Што мислиш, кои ќе бидат најголемите предизвици со кои ќе се соочи Paper Box на патот од стартап до успешен и препознатлив бренд? Со каков пристап би ги решавала?
На самиот почеток најголем предизвик на Paper Box е да стане што е можно попрепознатлив бренд и луѓето да дознаат што, всушност, може да се најде на оваа платформа. Со оглед на тоа дека брендот се менува и според потребите на клиентите, така се менуваат и предизвиците. Почнавме со понуда само на честитки и разгледници, за сега да имаме разни категории производи, вклучувајќи ги и кутиите, кои беа неизбежен дел од понудата на призводи.