Дали сте уморни од бесмислено скролање на Инстаграм и гледање Reels со слатки миленичиња, рецепти со овошја што ги нема во „Веро“ и дестинации што изгледаат речиси нереално? Тогаш, можеби би требало да ѝ дадете шанса на некоја од овие ТВ-серии — верувајте ми, ќе се навлечете по првите пет минути, особено ако сте фан на крими-приказни што ќе ве држат во неизвесност до крајот на епизодата, а понекогаш и на сезоната.
Poker Face
Кој ја гледал „Orange is the new black“ или „Russian Doll“, веќе знае за Наташа Лион и го просведочил нејзиното неискажливо присуство пред камера. Со секое ново излегување пред камера, гласот ѝ станува уште по-husky и попривлечен за слушање (останува уште да најдам поткаст и да ја ставам на рипит).
„Poker Face“ е најновиот проект на Наташа Лион, кој се состои од десет епизоди и ја имаше својата премиера во јануари 2023. Серијата е креирана од Рајан Џонсон, режисерот на „Knives Out“. Дури и да не го знаевте ова, по пет минути гледање на првата епизода (Џонсон ги режираше првите две епизоди на „Poker Face“) веднаш ќе ви стане јасно дека станува збор за Џонсон ако веќе сте ги гледале „Knives Out“ или „Glass Onion: А Knives Out Mystery“. Другите осум епизоди се режирани од различни режисери — Бен Синклер, Тифани Џонсон, Иан Б. Мекдоналд… а осмата епизода ја режирала протагонистката Наташа Лион.
„Poker Face“ е класична whodunnit, крими-серија што ќе сакате да ја изгледате во еден ден (иако со оглед на тоа што епизодите траат и до 60 минути, тешко дека ќе можете, освен ако не правите allnighters). Лион ја глуми Чарли, која е буквално човечки детектор за лаги што работи како коктел келнерка во казино во Вегас, и поради нејзиниот талент што ќе го забележи нејзиниот шеф и сопственик на казиното Стерлинг Фрост Џуниор (Адриен Броди), брзо запаѓа во голема неволја. Во серијата се појавуваат и други супер актери и актерки, како Рон Перлман (допелгангерот на Том Вејтс), Елен Баркин, Клое Севињи, Џозеф Гордон Левит, Џудит Лајт… Освен што „Poker Face“ има сериозно добра актерска екипа, има и феноменална кинематографија и супер трипи 70-ти шмек.
The Consultant
Адаптирана според истоимениот роман на Бентли Литл, „The Consultant“ е нова трилер серија (нека не ве залажува тоа што е опишана како комедија на Imdb зашто НЕ Е), продуцирана од Амазон, која беше прикажана премиерно во февруари 2023. Серијата е креирана од Тони Басгалоп и има повеќе режисери — Мат Шакман, Алексис Острандер, Шарлот Брендстром…
Како и сè друго во кое игра Кристоф Волц, „The Consultant“ е супер, но… малку претешка за мене — сепак сум од оние луѓе што се потресуваат ко мали деца дури и кога jumpscare-от е убедливо очигледен.
Во осум епизоди ќе ја следите приказната за вработените во компанија за мобилни игри во Лос Анџелес. Откако оригиналниот CEO на компанијата умира под многу чудни околности, раководството го презема еден ултраенигматичен и бесрамно злобен консултант (Кристоф Волц, секако). Другите актери во серијата се Нат Волф, Британи О’Грејди (кој гледал „The White Lotus“ ќе ја препознае), Ејми Каеро…
Како што веќе напоменав, не станува збор за комедија — приказната е прилично мистериозна, и додека ја гледате серијата, најверојатно ќе пробувате да откриете за што всушност се работи, но и тоа не е баш најлесно — ок, корпоративна култура, шефови што без око да им трепне ве тераат да им купите чурос во 3 саат сабајле, бумери vs. Џен-зи, vs. миленијалци — но сепак, ниту јасните елементи и симболики во серијата не се доволно јасни. Гледајте ја и ќе процените самите.
Evil
Убедливо една од моите омилени серии *засекогаш*, „Evil“ е брилијантно напишана серија, која премиерно се прикажа во 2019 година. Продуцирана е од Си-би-ес, a приказната ја напишале Мишел Кинг и Роберт Кинг, husband-wife дуото што стои зад „The Good Wife“.
Серијата има три сезони, а се очекува четвртата сезона да биде премиерно прикажана во јули годинава. Освен што приказната, режијата и актерите се одлични, серијата има неверојатно добар саундтрак на Дејвид Бакли, кој исто така ја компонираше музиката за „The Sandman“ — уште една одлична серија адаптирана според истоимениот стрип/графичка новела на Нил Гејман.
„Evil“ е една од најдобрите, најчудните и најдобро напишаните серии во чиј првичен фокус се религиозните феномени и спротивставеноста помеѓу атеизмот и религијата. Но, и покрај тоа што религијата и верата се централните елементи, во „Evil“ се препознаени и ужасите предизвикани од вистински проблеми со кои се соочуваат милиони луѓе во САД, како на пример: дехуманизирачкиoт третман на работничката класа, расизмот во здравствениот систем, корумпираноста на државните институции и црквата…
Накратко, станува збор за крими-серија во која скептичен клинички психолог (Катја Херберс) заедно со свештеното лице Дејв (Мајк Колтер) и ИТ-инженерот Бен (Аасиф Мандви) истражуваат натприродни случаи што ја засегаат црквата, вклучувајќи опседнатост од демони и други необични појави за да откријат дали има научно објаснување, или едноставно, се работи за ѓаволска игра. Триото е константно прогонувано, безмалку исмевано и на моменти напаѓано од страна на Леланд (Мајкл Емерсон), енигматичен антагонист што најверојатно е, I kid you not, сатаната, или барем неговата десна рака.
Slow Horses
Не може да напишеш листа со пет серии, а да не ја вклучиш „Slow Horses“. Серијата е продуцирана од Apple+ и има две сезони — втората излезе на крај на 2022 година. „Slow Horses“ беше толку добро прифатена од публиката, што веќе е потврдено дека ќе се снимаат уште две сезони. А како да не биде, кога главен протагонист е, верувале или не, Гери Олдман, попознат кај нас, миленијалците, како Сириус Блек… ок, и Черчил. И Норман.
„Slow Horses“ e крими-серија за неуспешни шпиони, или да бидеме попрецизни — неостварени MI5 агенти, кои ептен опасно зезнале работа, и сега се осудени да дремат во рандом дупка во Лондон и да извршуваат досадни административни работи додека Гери Олдман, нивниот шеф со скинати чорапи и цигара во уста 24/7, малку ги малтретира — ама сепак ги цени. Местото во кое тие работат се вика Slough House и на некој начин претставува административно чистилиште за неуспешните MI5 агенти.
Музиката е на Даниел Пембертон, кој исто така ја компонираше музиката за Енола Холмс 1 и 2, а песната „Strange Game“ од најавната шпица ја изведува Мик Џегер.
Undone
„Undone“ ја открив благодарејќи на Spotify — во некој рандом микс, се пушти дело на Ејми Доерти, насловено „A Life Without Limitations“. Инстантно бев hooked, целиот саундтрак беше феноменален; толку ме фасцинираше што просто морав да откријам повеќе за серијата. „Undone“ е првата оригинална анимирана серија за возрасни создадена со техниката ротоскопирање. Премиерно излезе во 2019 година, а две и пол години подоцна излезе и втората сезона.
„Undone“ ја следи приказната за 28-годишната Алма Виноград-Дијаз (Роза Салазар), која живее во Сан Антонио, Тексас. Животот на Алма комплетно се менува по сообраќајна несреќа во која таа има, како што би рекол Рос од Френдс, „a near death experience!“. Концептот за времето драматично се менува за Алма и таа открива дека има способност да се движи низ времето и просторот. Алма ја користи својата нова моќ за да дознае повеќе за смртта на својот татко.
Немојте да се двоумите дали да ја пуштите „Undone“ или не само поради тоа што се работи за анимирана серија — серијата е комплексна, и има интензивен психолошки наратив. Ако сте љубители на психолошки драми, анимација и добра музика, нема да зажалите.
Серијата има две сезони со по осум епизоди и е во режија на Хиско Хулсинг („Junkyard“, „The Sandman“). Коавтори и извршни продуценти се Рафаел Боб-Ваксберг и Кејт Перди. Другите извршни продуценти се Ноел Брајт, Стивен А. Коен и Томи Палота.
Гала Насева