Неодамна во Културно-информативниот центар во Скопје беше поставена интересна изложба на фотографии на младиот фотограф Никола Јовановиќ, насловена „Мразам плејбек“. Изложбата ја сочинуваа 25 фотографии, кои сведочеа две важни работи – очигледниот талент за фотографирање на авторот Јовановиќ и приказ на нова генерација млади алтернативни македонски бендови, кои се веќе забележани и оставаат свој белег. Зборувавме со Никола за неговата љубов кон музиката и фотографијата и за местата каде овие две уметности се сретнуваат во неговите дела.
Каква приказна раскажуваат фотографиите што беа дел од „Мразам плејбек“?
Фотографиите што беа дел од концептот „Мразам playback“ сведочат за една нова млада музичка сцена во Македонија. Моментално можеби се само документарни фотографии од музички настани, но се надевам дека еден ден ќе бидат дел од историјата на македонската музичка сцена како еден мој мал придонес во архивирање на новиот бран музичари.
Што беше мотивацијата зад фотографиите што се дел од изложбата?
Мотивацијата да отворам изложба од овој тип беше да се прикаже мал дел од мојата музичка архива, како една ретроспектива на последниве неколку години. Селектирани беа 25 најдобри фотографии од 2020 година па наваму, од повеќе различни бендови и нивни постави во текот на времето.
По пандемијата се чини дека наеднаш се појавија многу млади бендови/музичари, кои зрачат со посебна енергија. Што е тоа што е карактеристично за луѓето што се дел од таа сцена?
Сите овие бендови што на некој начин стојат на чело на новиот бран се формирани во периодот непосредно пред почетокот на пандемијата – зборувам за периодoт од 2018/2019 година. Пандемијата создаде простор да се започне ново поглавје на музичката и на ликовната сцена. Карактеристично за таа сцена е што не се обидува да наликува на некоја сцена од минатото, туку да биде своја, автентична, уникатна, со свој печат за понатаму.
Како почна да се занимаваш со фотографија или поточно што беше тоа што те привлече кон концертната фотографија?
Со фотографија почнав да се занимавам кон средината на 2019 година. Во тој период не ме интересираше многу фотографија и немав некоја сериозна намера да почнам да се занимавам со тоа. Еден од првите бендови со кои почнав да соработувам беа „Хајка“. Со нив се запознав кон крајот на декември 2020 година во подрумот на гимназијата „Никола Карев“ и всушност тоа ми беше и прва фотосесија на бенд. Подоцна тие ќе бидат причината поради која ќе почнам посериозно да се занимавам со музичка фотографија.
Како музички фотограф, што е тоа што посебно се трудиш да го доловиш и да го пренесеш преку фотографиите?
Се обидувам да го доловам тој „театар“ што музичарите го изведуваат на сцената, контактот со публиката, психологијата на бендот. Секој бенд носи нешто свое, гледам да ги прикажам такви какви што се.
Кои се некои од фотографите чии дела влијаеле врз тебе?
Најмногу црпам инспирација од Антон Корбејн, за мене еден од најдобрите европски портретни фотографи. За него дознав од мојот другар Филип, кој ме спореди со него и ме нарече „македонскиот Антон Корбејн“. Истражував и анализирав и други фотографи, меѓутоа Корбејн најмногу ме привлече со стилот, начинот на композиција, контрастот, изборот на позадина.
Покрај фоткиве што беа дел од изложбата, кои се некои од другите фотографии од својот опус што ти значат многу?
Сите фотографии што ги имам документирано за мене имаат посебно значење и вредност. Секоја раскажува посебна приказна, се трудам моите фотографии да бидат приказни, а не само фотографии.
Покрај концертни фотографии, изложбата ја сочинуваат и портрети. Претходната изложба беше исклучиво со портрети. На кој начин ја комуницираш музикалноста или музичкиот идентитет преку портретите?
Ликовите имаат посебна магија за мене, секоја црта, секоја сенка и израз на лицето прикажува некаква документирана емоција што може да ја идентификува музиката со која се занимаваат овие музичари.
Каде можат луѓето да ги следат твоите активности и дела?
На Инстаграм сум најмногу активен бидејќи е една од најфреквентните социјални мрежи. Мојот профил @_devils_springs_vodka, заследете ме!
Ненад Георгиевски