Кичиџоџи важи за исклучителен зелен градски појас и им е омилен на студентите и младите професионалци, главно поради алтернативните културни и музички простори распространети на негова територија.
Кичиџоџи е една од најпосакуваните локации за живот во поширокиот регион на Токио. Лесно е да се стигне секаде затоа што возната линија Чуо сообраќа од Кичиџоџи директно до комерцијалниот и административен центар на Токио за 20 минути. Во меѓувреме, линијата Собу го поврзува Кичиџоџи со универзитетскиот кварт Оканомизу, комерцијалниот центар Акихабара и источната префектура Чиба, позната по историскиот будистички храм Наритасан Шинзоџи, како и фамозниот токиски Дизни резорт.
Ретки се луѓето во Токио кои можат да си дозволат да живеат во близина на зеленило, но жителите на Кичиџоџи ја имаат таа можност и привилегија. Тие го имаат паркот Инокашира Коен, познат по преубавиот црешов цвет за време на популарниот празник ханами во март и април, кога сите Јапонци им се восихитуваат на прекрасните расцветани црешови дрвја. Овој раскошен парк со околу 600 цреши секоја пролет привлекува голем број посетители. Освен тоа, во овој парк распространет на 400.000 квадратни метри, секоја година се одржуваат голем број настани. Секој април, во Инокашира може да се проследи Музичкиот фестивал, а има и аниме настани во текот на октомври. Она што е сигурно е дека за да го доживеете Инокашира паркот во целост, потребен ви е повеќе од еден ден. Најдобриот совет е да земете кафе и да уживате во големото езеро што се наоѓа во средината на паркот, а љубителите на авантури можат да уживаат на брод или педалинка. Паркот е дом на голем број разновидни птици, а тука ќе можете да го видите и прекрасното шинто светилиште Бентен.
Кичиџоџи е дом на прочуениот музеј Гибли посветен на Хајао Мијазаки, човекот што ги создаде анимираните класици „Мојот сосед Тоторо“, „Принцезата Мононоке“ и „Spirited Away“. Овој музеј сега е целосно реновиран и содржи зоотроп, специјално кино за прикажување ексклузивни анимирани клипови, како и огромен „Catbus“, легендарното крзнено возило од „Мојот сосед Тоторо“.
Она што е исто така многу карактеристично за Кичиџоџи е неговата џез култура. Можеби едно од најпознатите џез места во Токио „Piano Hall Sometime“ се наоѓа токму во Кичиџоџи. Овој џез локал почнал да работи во далечната 1975 година, и ден денеска претставува свратилиште за младите талентирани локалци и креативците кои секоја вечер доаѓаат на некое од многуте шоуа во живо.
Хармоника Јокочо бил пазар на црно во текот на Втората Светска војна. Сега е претворен во мал кварт за шопинг, иако неговата атмосфера сè уште им буди чувства на носталгија на повозрасните посетители. Локалните жители ја посетуваат тамошната изакаја (јапонски паб) и уживаат во пијачките и храната. Ова е искуство е едно од неизбежните за сите туристи и локални жители. Важно е да се знае дека во оваа област може да се најде секаков вид храна и облека по мошне прифатливи цени. Во Хармоника Јокочо може да се помине цел ден и цела ноќ и повторно да се открие нешто ново.
Ако по некоја случајност патот ве однесе во Токио, не пропуштајте ја шансата да откриете зошто Кичиџоџи е тренди населбата во која сакаат да живеат повеќето жители на овој повеќемилионски град.
Драган А.