Убавата традиционална македонска музика во комбинација со звукот на 21 век се главната мотивација за формирањето на бендот „Калата“. Постојат четири години, досега настапиле на неколку музички фестивали, а го подготвуваат и својот прв албум. Спојот на традиционалното и на модерното кај „Калата“ звучи многу необично, бидејќи за обработка избрале специфичен и малку познат традиционален мелос. Приказната за „Калата“ ни ја открива Симеон Ангеловски, басист, аранжер и композитор во бендот.
На почетокот на јули настапивте на „Д-фестивал“ во Дојран. Какви чувства ве понесоа по настапот на фестивалот и како реагираше публиката на вашата музика?
– Пред сѐ, би сакал да кажам дека „Д-Фест“ и целата организација беа на високо ниво и воедно им благодарам на поканата да настапиме. Атмосферата и публиката беа прекрасни, дадовме енергија и ни беше возвратено.
Во текот на летниот период „Калата“ настапи на Д-Фестивал и на настанот „За Скопје“
Досега ретко сме имале можност да ве видиме на сцена. Практично, кога е формиран бендот и со каква инспирација?
– Бендот е формиран во 2018 година. Почнавме како дуо со Минела Богдановиќ (вокал) преработувајќи неколку стари традиционални македонски песни. Преку музиката цртаме паралела меѓу источната и западната култура, но со акцент на македонската традиционална музика и нејзиниот мелос.
Како се случи од дуо да прераснете во бенд со девет члена? Што беше пресудно за зголемувањето на членовите на бендот?
– Иако почнавме како дуо, знаевме дека ќе дојде момент кога ќе мора да се направи бенд, бидејќи тоа го сакавме уште од самиот почеток. Ме радува тоа што колегите од бендот се големи професионалци што максимално ги почитувам и без нив не би била „Калата“ тоа што е.
Што значи името „Калата“?
– Буквалниот превод за „калата“ е калај. Во близина на Македонска Каменица, од каде што потекнувам, се наоѓа вештачкото езеро Калиманци. Во езерото има остров што во одреден период од годината е полуостров, а на островот има остатоци од антички град, каде што се зборува дека имало рудник на калај, кој, исто така, се викал Калата.
Кој е музичкиот бекграунд на Симеон Ангеловски?
– Со музиката сум уште од најрана возраст благодарение на мојот татко, кој исто така е музичар (на тапани). Првиот инструмент ми се тапаните, потоа свирев на хармоника и на клавијатури, но во професионалниот музички свет зачекорив со бас-гитарата. Во овој момент член сум на „Калата“ и на „Дина Јашари бенд“, а како сешн-музичар имам настапувано со повеќе артисти и бендови од Македонија. Една од поголемите опсесии ми е да пишувам и да аранжирам музика. Засега тоа го правам само за „Калата“, но имам компонирано музика и за неколку кратки филмови. Еден од поомилените аранжмани ми е реаранжманот на „Жаклина“ (група „Елита“), каде што се појавува Игор Џамбазов како главен вокал. Спотот е во завршна фаза и се надевам дека премиерата ќе се случи до средината на месецот.
Симеон Ангеловски – Во професионалниот музички свет зачекорив со бас-гитарата
Дали имате објава на вашата музика на носач на звук и какви се плановите во тој правец?
– Досега имаме објавено три песни, и тоа само на Јутјуб. Во завршна фаза е целиот албум, на кој ќе има девет песни. Планираме промоција на крајот на летото, на која ќе го претставиме албумот. Се надевам дека нема да имаме кочници од типот на ковид-19.
Настапивте на настанот „За Скопје“ во МКЦ на 26 јули. Дали репертоарот што го изведовте на концертот ќе биде ставен и на првиот албум?
– МКЦ и целиот тим, како и секогаш, се големи професионалци и прекрасни домаќини, а во оваа пригода сакам да им се заблагодарам за сѐ што имаат направено за „Калата“. Ни беше чест да настапиме на настанот „За Скопје“ и да го отсвириме материјалот што официјално ќе биде издаден и промовиран до крајот на летово.
Кои се следните планови на бендот и планирате ли настап и на други фестивали?
– Во моментов целата енергија во „Калата“ е фокусирана на снимањето и на издавањето на албумот, и тоа ни е приоритет, но имаме и неколку покани за фестивали со чиишто организатори сме веќе во преговори да настапиме. Сакам да напоменам дека „Калата“ е дел од МОСТ (Balkan Music Export Programme), организација чијашто цел е извоз на балкански артисти на фестивали низ Европа. Со нив сме во контакт и имаме голема поддршка. Повеќе информации за МОСТ има на нивниот официјален сајт wwwmostmusic.eu.
автор: Тони Димков
фото: Лична архива