Кажи ни нешто за себе.
Јас сум Матеј, млад продуцент/DJ од Скопје кој се води под уметничко име DamageControl. Главно ме влече хипхопот и тоа се одликува многу добро во мојата музика. Ме инспирира секојдневието и поедноставните аспекти на животот. На мои 17 години немам многу доживеано, но тоа што го имам мислам дека добро го претставувам во своите творби.
Како почна да се занимаваш со музика?
Почнав да се занимавам со музика пред околу 6 години кога со другар баравме занимација после училиште, па може да се каже дека започнав од досада. Музиката што ја правев не ја појавува од самиот почетокот, но почнав да ја третирам посериозно откога се запознав со повеќе млади артисти од нашата сцена. Тие ми помагаа со создавање и подобрување на своите песни до нивото на кое што се чувствував доволно сигурен да ја извадам својата музика за целиот свет. Го извадив своето прво ЕП „Облаци” на 31ви март 2022.
Како го создаде твојот прв албум? Што те инспирираше, како почна, а како заврши целиот процес?
Својот прв албум го спремав околу 9 месеци, го крстив „ФАЛА ВИ И УБАВА ВЕЧЕР” и излегува денес. Проектот е главно инспириран од Алтернативната хип хоп сцена во раните 2000ти на места како Њу Јорк со елементи од Југословенски фанк и евергрин. Го почнав со четвртата трака, „Бомби“ која ја направив дента кога добивме лажна дојава за бомба во училиште и стилистички го предвиде целиот вајб на албумот, а процесот заврши со микс и мастер на секоја трака со помош на Аудиоцигла и промоција на албумот во brutalisk на 9ти Август. Има гостувања од Gqmbit, Nikartic, Sexy Marsa, Meggy, Funky, Leopard и Mana. Сакав на еден проект да ја спојам на некој начин подземната македонска сцена и затоа имам гостувања не само од Скопје, туку и Штип и Куманово. За визуелниот дел од проектот го ангажирав scvm млад артист од Штип кој се занимава главно со графички дизајн. Иако требаше многу време и работа на крајот мислам дека сè се исплати.
Кои артисти те инспирираат периодов? Локални и светски?
На глобално ниво ме инспирираат голем број артисти, не само поради музиката туку самите тие како личности, но за албумов конкретно ме инспирираа ликови како MF DOOM, Quasimoto, Joey bada$$ и Little Simz. Од локалните артисти ме инспирира секој и секого кој има добра музика и се гледа дека го интересира тоа што го прави, дека на крајот на денот сите сме тука и се бориме за создавање на музика на македонски јазик која ќе им се допаѓа на луѓето и ќе создаде добри спомени за младината.
Клелија Живковиќ