Се запознаваме со AudioCigla (Дамјан Божиновски), младиот музичар што неодамна настапи на Земјотрес 11. AudioCigla е првиот соло-проект и воедно и прв музички проект на Дамјан. Тој продуцира, пишува и изведува сам бидејќи, како што вели, ужива во целиот процес на создавање музика, но во иднина планира да состави и бенд за изведување во живо. Досега има издадено неколку синглови, а бил дел од проектите на неговите пријатели и соработници DamageControl и Marz како вокалист. Доколку ги преслушате неговите досегашни синглови, брзо ќе сфатите дека имаме одличен музички артист во најава и дека овој млад човек допрва ќе се докажува на нашата музичка сцена.
Како стигна до називот AudioCigla?
Откако ја завршив „Електро момак“, дојде време да се објави, но сè уште немав испланирано под кое име ќе се претставувам. Го одбрав Аудиоцигла затоа што цигла ми беше прекар уште од пубертетските денови, но не би знаел да кажам од каде произлезе и како зачна. Така го додадов аудио пред цигла и БУМ…
Лично ми се допаѓа и ми е драго што го одбрав затоа што на почеток е чудно и можеби малку комично, но полека луѓето се навикнуваат и си добива некоја своја вредност.

Кажи ни нешто повеќе за Електро Момак…
Ќе го искористам прашањево да објаснам неколку работи во врска со песната. „Електро момак“ не е песна за мене лично, туку е една претстава на нашево моментално општество и недостиг на супстанца во многу електро луѓенца. Приказна што често се раскажува, но сепак вреди да се чуе. Со тоа кажано на секој електро момак би му препорачал да се задлабочи во искуствата и во сензациите што ги нуди животот и да се фокусира на работите што навистина вредат и исполнуваат.
Мене лично денот ми е типично средношколски. Стани рано, оди во школо, спремај се за матура… Со тоа што гледам да напишам по некој збор секој ден, да свирнам по малку и можеби ќе произлезе некоја идеја. Исто така сум доста физички активен и се обидувам да живеам здраво.
За креативниот процес на правење музика…
Музиката ми е примарен начин на самоизразување, во моментов се учам да креирам видеа, но во музиката сум највешт. Кога станува збор за креативниот процес, никогаш не форсирам ништо. Не седнувам да правам музика туку музиката ме седнува мене. Идеите си доаѓаат сами кога има потреба да си дојдат. Можеби е некој нов збор што сум го запишал, нешто што сум го чул или нешто што сакам да го искажам во тој момент. Најчесто почнувам со инструменталот, па пишувам текст, но се случува да напишам строфа, да ја испеам со гитара, па отпосле да го направам инструменталот и да го завршам текстот. Најомилените песни сум ги напишал на вториов начин.

3 музички артисти што вистински ме промениле…
Претешко прашање!
- Odd Future – Иако ја израснав OF фазата, Tyler, Frank и Earl беа првите артисти што ме навлекоа на музика.Се сеќавам како 15-годишен јас од сабајле до вечер ги преслушував сите нивни албуми додека скејтавме со другарите скејтерчиња.
- King Krule – Одличен писател и многу уникатен глас.
- Radiohead – Нема што многу да се каже, култен бенд со одлична дискографија.

Настапот на Земјотрес 11 за мене беше…
…Најдоброто прво искуство за почетник музичар како мене. Благодарност до Фитз и целата екипа што ми дадоа можност да настапам и да ја почувствувам сцената со толкава публика. Фидбекот беше одличен, ме дознаа многу нови слушатели, се запознав со голем дел од нив, запознав и многу други квалитетни артисти. „Земјотрес“ ми е врежан во меморијата и е искуство што нема да го заборавам.
Во последно време на мојата плејлиста можеш да ги најдеш траките:
– Astroturf – King Gizzard & The Lizard Wizard

Алтернативната музичка сцена во Македонија, во моментов е…
Новиот музички бран е очигледен, последниве две години беа доста плодни кога станува збор за музиката. Се креираа нови бендови и излегоа нови артисти, алтернативни и mainstream. Воскресението на музичката сцена е големо освежување од претходните 10 години кога речиси и да немаше македонска музика, а таа што ја имаше, се правеше за тотално друга демографија слушатели. Ме радува што многу креативци ги користат ресурсите што ни се достапни и прават навистина креативни дела. Бендови како „KEM“ и „Lufthansa“ ми се редовно меѓу најслушаните артисти последнава година.
Кога ја правев „Самовила“ мислев на…
„Самовила“ ја завршив од почеток до крај во помалку од 2 часа. Започнав со инструменталот што во интрото ме потсетуваше на играта „музичко столче“ со начинот на кој перкусијата доаѓа и си оди. Текстот го напишав во 30-ина минути, едноставно инспирацијата течеше непрестајно, најверојатно затоа што „Самовила“ е многу искрена песна и си дојде директно од умот.
Го сакам Скопје затоа што…
…Скопје е мојот град и во Скопје се сите мои луѓе. Понекогаш е репулсивен, но не би го заменил за ниеден друг.
Во моментов работам на…
Штотуку го завршив моето прво EP „Astral“ што излезе пред неколку дена! „Електро момак“, „Самовила“ и 4 нови песни што едвај чекам да ги објавам. Заедно со визуелниот артист @scvm__ спремаме 3Д анимиран спот на една од песните, нешто што ретко се гледа кај нас. Покрај EP-то го работам проектот „Македонско улично радио“. Замислата е да биде платформа за промоција на македонската алт сцена, без разлика на уметноста во која се твори. Сè уште го изработувам планот, но за скоро време ќе започнеме со реализација.
Јосип Коцев