Паметам кога бев некаде петто или шесто одделение и на летниот распуст едно сосема нормално попладне, додека седевме во маало пред кошот, одеднаш почувствував како да го губам здивот и ми фали воздух. Мислев дека се задушувам и ќе се случи нешто многу страшно во секој момент. Бев преплашен и помислив дека сум тешко болен, ми беше страв. Оваа случка со никого не ја споделив и ја чував како најголема тајна, личен страв и слабост.
Многу години подоцна препознав дека тоа што тогаш ми се случило е анксиозност, а настанот некој вид паничен напад. Потоа низ животот често ми се повторуваше ова, посебно кога бев во периоди со стрес (испити, недоразбирања, проблеми дома), а и денес понекогаш сè уште ми се случува истата сензација – одеднаш од никаде и без никаква физичка активност, како да губам здив и имам потреба од непрестајно проѕевање за да ги наполнам белите дробови со кислород. Во постојано брзање сум и не можам да го фатам текот на сопствените мисли, во главата ми е нејасно.
Но, она што е различно од детството е што сум постар, поискусен и способен полесно да препознаам (поради искуството) што се случува со моето тело и ум. Дека сум влезен во fight or flight режим. Верувам дека благодарение на ова, сега полесно ми успева и да излезам на крај со овие непријатности и да продолжам по својот пат полесен и поспокоен. Тоа што исто така многу се разликува од минатото е што сега сосема слободно зборувам за тоа што го чувствувам, и во тоа наоѓам огромно ослободување. Стравот не сака кога е споделен со некого и јавно признаен.
Вчера, по подолго време, бев на планинарска тура по повод 13 ноември, ослободувањето на Скопје. Ја посетив планината од грбот на градот – Љуботен. Тоа е еден прекрасен шилест врв како парче тоблероне, што се гледа од секоја убава скопска тераса.
Одејќи нагоре, ми текна како се менуваа моите спортски интереси низ времето: најпрво беше трчање на кеј на пауза додека студирав, па планини со планинарско друштво, па велосипед на планина, потоа велосипед низ скопските села, па турно скијање (без користење ски-лифтови) и, најново, сега мислам дека е од сè по малку. Тоа што ги спојува сите е желбата да бидам надвор и таа секогаш е присутна. Верувам дека тоа бидување надвор, најчесто сам, со покачен пулс и забрзано темпо, има катарзично дејство врз мене и најмногу ми помага во разбистрување на умот и смирување на анксиозноста. После ден исполнет со ваква активност, телото е изморено и му треба одмор, но моите мисли се многу попрецизни и јасни и светот не го гледам како црно-бел туку ги забележувам и сите негови финеси што не се ниту црни ниту бели, туку се само такви какви што се – некаде помеѓу. Спортот го гледам како вид медитација во движење.
На планина без разлика на медиумот (планинарење, велосипед или скии) ја сакам природата, нејзините најразлични бои, камења и треви, води и снегови. Ги сакам и луѓето што одат таму, а се толку оригинални, кои имаат секој свои различни проблеми и предизвици, но таму горе сите се спокојни, расположени и убави. Висината и широкиот отворен поглед прави да согледаме колку сме мали и незначајни низ тоа пространство. Дека со нас или без нас природата ќе продолжи да си биде.
На велосипед го сакам брзото вртење на педалите, синхронизацијата со моето дишење, високата концентрација на моментот и убавината на пристигнување на уште подалечни, различни места, потоа пиење пиво во селска продавничка, разговарање со мештаните на секакви теми со отворено срце, сведочење на перспектива различна од мојата, додека умот е јасен и исчистен од секојдневното едноумие во градот. Фасцинантно ми е колку невидени места и приказни сѐ уште имам од Македонија за гледање и слушање и колку многу може да научам за себе и за нашиот народ и држава од нив.
На трчање ја сакам тишината, чекорите и едноставната благородност на спортот. За трчање не е потребна никаква опрема освен пар патики, а трчањето ни дава сериозен фитнес за сите други спортови. Трчањето беше и мојот најсилен лек за справување со загубата на мојот брат Димитар, кој повеќе не е на овој свет како што го знаеме овде, но неговиот спомен и мисија живее преку нашата тркачка иницијатива GITKO STRONG каде што го празнуваме пријателството, позитивната мисла, отвореност кон светот и ведар дух преку учество во спортска активност.
Затоа и во сите претходно споменати активности, секогаш сум наоѓал потреба од социјална компонента (екипа за планина, другари за групна вожња и пијачка после), затоа што уживањето и благодатите се уште поголеми кога се споделени.
За подобро да се информирате за Мовембер и аспектите од машкото здравје кои се во фокус на оваа иницијатива, посетете ја веб страницата на Златен Даб.
Автор на текст и фотографии: Никола Здравевски
Никола е дипломиран електроинженер роден во 1988 година во Скопје. Порано многу веруваше во логика, сега ја цени и интуицијата. Сака спонтаност, искреност и спортови што бараат издржливост. Татко е на Јосиф Здравевски.