Во пресрет на десетгодишниот јубилеј на „Шарла Рекордс“, издавачка куќа на независната македонска музичка сцена, Давид Ангелевски има амбициозни планови и вложува голема енергија во однос на издавањето на музичките приказни на младите бендови. Од претходно Ангелевски е познат како радиоводител и уредник во музичкото радио „Канал 103“, каде создаде солидна база на информации и познавања на сцената, а „Шарла Рекордс“, практично, е надградба на неговата музичка естетика.
Според последната објава во октомври 2022, бројот на објавени албуми под етикетата на „Шарла Рекордс“ е 78 со албумот „Време е!“ на „Вагина корпорејшн“ (Vagina Corporation). Кога е датиран почетокот на издавачката куќа „Шарла Рекордс“ и со каква мисија ја почнавте целата работа?
– Приказната на „Шарла“ тргна во октомври 2013 година, како издавачка авантура со моите пријатели Марсо и Симе. Бевме колеги во „Стотројка“ и имавме добар увид во музичкиот потенцијал овде слушајќи музика од некои талентирани момци и девојки кои чекаа да станат артисти преку официјални изданија. Повеќето од нив имаа готови снимки што им седеле во компјутер без никој да ги слушне. Нашата задача беше да ги охрабриме и да им понудиме соодветна визија, наратив или некаков правец на движење на тие материјали.
Тука, секако, помогна и фактот дека работевме во „Стотројка“. Затоа и може да се каже дека „Шарла“ се изгради врз платформата на тоа радио како негов органски дел. Во меѓувреме, формално останав сам да го водам лејблот, но само формално, затоа што како се развиваше приказната и се ширеше кругот на музичари кои издаваа за „Шарла“, така таа природно израсна во еден неформален музичко-издавачки колектив. Во секој случај, основачката парадигма која беше и остана до денес е да промовира нови артисти и бендови низ својот сопствен, автентичен стил и начин на работа.
Кои се критериумите што ги имате при изборот на артистите што ги објавувате под етикетата на „Шарла Рекордс“?
– Важно е да се каже дека „Шарла“ не работи според комерцијалната логика на некаков музички пазар, кој како таков овде и не постои. Тоа во добар дел ги „ослободува ланците“ и овозможува критериумите за издавање да ги постави на чисто уметничка основа во алтернативната смисла на тој поим. Тука клучниот збор е автентичност.
Главно работиме со млади артисти на кои не им недостига авторска храброст, наше е да ја поттикнеме таа енергија, да ги инспирираме во насока на освојување нови и непознати музички хоризонти. За нас е тоа драгоцена вредност, да им помогнеме да разберат дека музиката е моќна алатка за себеспознавање и оставање траги во времето во кое живеат. Таквиот поглед во огледало треба да биде авторски храбар, искрен, слободен и без калкулации со комерцијалниот аспект. Тој доаѓа со зрелоста и времето поминато во сопствениот музички и човечки развој.
Во таа смисла, нашиот однос е фер. Знаат дека целта на „Шарла“ е преку нивната музика да ја раскажува својата приказна, притоа нудејќи креативно посредништво. Секој од нив учествува во ширењето на издавачкиот контекст, а лејблот ги води низ еден вид издавачко-кураторски процес во кој толкуваме, интригираме, се запознаваме, развиваме и помагаме да се рашири кругот во корист на сите.
Колку сцената е активна и податлива за реализација на албумски изданија? Како вообичаено оди комуникацијата со артистите?
– Сцена е многу повеќе од само музичка продукција или концертни настани. Се работи за комплекс од повеќе фактори кои „живеат“ околу таа содржина и генерираат одржлив обрт доволен барем за економски опстанок на сите тие фактори. Затоа денес немаме специјализирани музички медиуми и критика, продавници за изданија, алтернативни барови, ниту концертни места надвор од МКЦ.
Во такви услови, функционирањето на алтернативната сцена е оставено на ентузијазмот и идеалите на поединци или на мали интересни групи со ексклузивен пристап до државните фондови за култура. Тоа наместо да ја дисперзира, за жал, ја централизира продукцијата околу неколку точки на моќ и влијание. Но, она што може да нѐ охрабрува е дека и покрај сите неповолности, количината на музички потенцијал и, воопшто, потребата за квалитетно музичко изразување е исклучително висока, што впрочем никогаш и не било проблем за оваа средина. Токму тоа ја возбудува и одржува целата енергија во и околу „Шарла Рекордс“. Затоа и комуникацијата ни е лесна, затоа што се заснова на огромна взаемна почит, грижа и пријателство. „Шарла“ е исклучително посветен и искрен фан на артистите и бендовите што ги издава.
Самиот си автор на десетина албумски изданија под псевдонимот „Пиколомини“. Што во овој период се случува на тој план?
– Некаде во 2017 година, паралелно со мојот матичен бенд „Пиколомини“, решив да почнам да работам музика под различни псевдоними во однапред зададени концепциски рамки. Така настанаа проектите „Tribute to Dead Gentleman“, „Уна“, „Иваново детство“ и некои други, преку кои сакав да откривам нови музички простори надвор од она што беше идеја кога го стартував „Пиколомини“. Се испостави дека таа авантура ми помогна музички да се развивам во различни правци и стилски и жанровски, и тоа патување се уште трае. Музиката има моќ да овозможува трансформации, да бидеш она што сакаш преку игра со виртуелни идентитети и приказни поврзани со нив, тоа може да биде возбудлив експеримент каков што реалниот живот не може лесно да ви го дозволи. Врската со „Пиколомини“ стана еднонасочна и предвидлива и затоа имав потреба од еден ваков излет. Времето ќе покаже што ќе му донесе.
Оваа пролет беше објавен албумот „Афионови полиња“, чиј наслов коинцидира со наслов на песна од 2001 година. За што станува збор?
– Се работи за еден музички серијал кој го започнав во првата година од пандемијата преку проектот „Скопски сновиденија“, а продолжи оваа година со „Афионови полиња“. Тоа се автономни изданија кои егзистираат сами за себе само преку насловот и содржината, во смисла дека се без авторски псевдоним. Слично како што функционираат филмските остварувања. Повторно сакав да си поиграм со идентитетот со тоа што условно ќе го отстранам авторскиот концепт од материјалот и така ќе си овозможам директна врска со идејата, во овој случај сликата на афионови полиња која долго време ја носам во глава како фасцинација. Останатото е поетика која таа слика ја ослободува и движи по линија меѓу природното и општественото. Би рекол дека е романтичен албум кој третира реални општествени теми, но свесен за природата како зрела можност. Врската со истоимената песна е сосем случајна.
Покрај музичките албуми, пред две години ја објави книгата „Деца во длабоко“. Колку книгата, практично беше дополнување на музиката?
– Книгата се случи непланирано. Мојот долгогодишен пријател и колега Александар Сандревски – Марсо по повеќе години пауза реши да го обнови неговиот книжевен лејбл „АШ“ и мислеше дека тоа треба да се случи со дел од текстовите од моите музички проекти. Беше интересно да се направи селекција од песни кои стојат на свои нозе, односно функционираат и без музика. Задоволен сум дека можев да изберам доволно за да направат една мала, но за мене значајна збирка. Се сеќавам дека кога почнував да правам музика на македонски јазик имав многу проблеми со текстовите, на некој начин бев дете во длабоко.
За потребите на „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска во Драмски театар првпат компонираше авторска музика за театарска претстава. Какво искуство беше тоа?
– Со Зоја малку се познавав. Ме викна на проектот со образложение дека сакала да работи со некој што немал претходно искуство со театарска музика и дека таа дебитантска енергија би можела да ѝ донесе нешто ново. Со целиот ризик, се разбира. Тоа го сфатив како голем влог на доверба и одговорност со која требаше да се посветам, иако се работеше во многу неповолни услови во екот на пандемијата.
Задоволен сум од крајниот исход, особено што екипата се изјасни дека музиката многу им помогнала во процесот на градење на ликовите и дека практично се сраснала со претставата. По сѐ изгледа дека ризикот авторски ѝ се исплатеше на професорката, на која многу сум ѝ благодарен. Убаво искуство кое очекувам да се развива во следните години. Во меѓувреме, музиката за претставата ќе излезе како албумско издание во текот на овој месец за „Шарла“.
Многу години беше соработник на музичкото радио „Канал 103“. Каков е твојот статус во овој период во однос на радиото?
– Музичкото радио „Канал 103“ е мојата матична куќа, би рекол животно школо кое сериозно учествуваше во мојата изградба и како човек и како музичар, од двете страни на микрофонот. Практично, целото музичко искуство го стекнав таму. Бев музички новинар и уредник, организатор на музички настани, издавач, работев џинглови, техника, една своевидна музичка академија за алтернативна култура на која ѝ посветив 15 години. Таму влегов како фан и излегов како фан, тоа е врска што ја носам за цел живот. Се повлеков за да посветам повеќе време на „Шарла“, но и за да оставам простор на новите генерации да го видат радиото од ракурсот на своето време и да се обидат да ја направат „Стотројка“ каква што треба да биде денес. Тоа не е мал предизвик. Ја следам нивната работа и им посакувам да го решат нејзиниот формален статус со кој „Стотројка“ би се вратила на ФМ-скалата. За почеток.
Кои се следните планови на „Шарла Рекордс“?
– При крајот на летото ја најавивме есенската издавачка офанзива на „Шарла“, која е во тек и која би требало до крајот на годината да нѐ донесе до 85 изданија. Тоа би бил добар залет за влез во 2023, во која славиме 10 години постоење. Амбициите се тука, планираме една репрезентативна компилација по повод јубилејот, која би ја промовирале на музички настан со живи настапи на некои од артистите на „Шарла“. Во план се и други содржини слични на оние од петтиот роденден.
Втората цел е следната година да дојдеме до 100-то издание кое совршено би се вклопило во рамките на јубилејот. Ќе видиме. Иако условите за работа во независното музичкото издаваштво од комерцијален аспект воопшто не се поволни, сепак постои една неразумна енергија која постојано заведува и придвижува во правец на музичко патување и раскажување. Притоа, секоја средба со нова музика е магична.
Тони Димков