Тешко е да се утврди точната локација на една од најголемите библиотеки во светот. Веројатно е така затоа што се наоѓа насекаде по малку. Супердисперзирана е. Дополнителен проблем создава тоа што нема ниту име. Вработени, исто така, нема. Картотека и каталошка база на податоци? Нема шанси… Ако постои некаков директор, веројатно станува збор за прилично таинствен и конспиративен тип. А сепак, библиотеката е тука, меѓу нас, околу нас, и тешко дека постои читател што не членува или барем некогаш не членувал во неа.
Граѓата во оваа библиотека се состои од книги со посвета наменета за некој друг, а не за актуелниот сопственик на книгите. Признајте, имате барем една таква книга во домашната библиотека. Признавам, јас имам повеќе од една.
Првата книга со туѓа посвета ја открив во домашната библиотека. Чудно, во посветата стоеше токму моето име: авторот со искрени пријателски чувства му ја подарил на Иван Шопов. Од запишаниот датум (децении пред да се родам), ми стана јасно дека тоа никако не може да биде посвета за мене туку за дедо ми. Така, без да сакам, станав дел од еден чуден фалсификат. Бизарно или не, книгата и денес ми е една од омилените. Како наслов, не како предмет.
Преселбата на книгите од еден кај друг сопственик е сосема природна. По нечија смрт, книгите од домашната библиотека честопати се подаруваат, се продаваат или завршуваат на отпад, од каде што понекогаш панично и манично ги спасува некој чудак-библиофил. Така, логично и очекувано е порано или подоцна да станеме сопственици на туѓи книги. Онакви, со посвета. Тука се и оние книги што некој некому ги позајмил, па никогаш не биле вратени. Тука се и оние што паднале како жртви на некое сезонско чистење или едноставно не го преживеале префинетиот книжевен вкус на нивниот сопственик. Тука се и книгите што се подаруваат и се преподаруваат, оние што се наследуваат и оние што просто се губат. Да, има и украдени.
Купувајќи и трупајќи книги, без да сакам добив увид во нечии љубовни врски, семејни релации, роденденски желби, шеги, а бев известен и за тоа дека некој завршил учебна година од основно или средно училиште со „одличен успех и примерно поведение“. (Браво!) Од една скопска книжарница купив стара поетска збирка, на која беа напишани две посвети. Првата беше премачкана со коректор, па така и нечија приватност беше заштитена. Поретко, се случува да наидам на книга со скината прва страница, на која најверојатно имало посвета. Ама веќе ја нема. Така се спасувам од грижата на совест дека сум воајер што неовластено упаѓа во туѓи внатрешни светови. Истовремено, некако ми е жал што имагинарната библиотека останала посиромашна за еден наслов.
Деновиве на интернет наидов на оглас за стари книги. Под една од нив пишуваше: СО ПОСВЕТА ОД АВТОРОТ! Таа беше поскапа од другите. Ексклузивната посвета за некој човек што не го познаваме, во случајов требаше да претставува додадена вредност. Ме фати чудна јанѕа и ме натера да заборавам дека тој наслов ме интересира, па елегантно го одминав.
Со насмевка се присетувам дека во домашната библиотека имам и еден прекрасен дупликат – поетска збирка со туѓа посвета. „Зошто ми ја даваш книгава“ – ја прашав девојката што ми ја подари. „Татко ми има две. Авторот заборавил дека еднаш му ја подарил, па му ја подарил и по вторпат. Дури и посветите се исти!“
Секогаш се смеам кога ќе се сетам и на поетската минијатура од Асја Бакиќ:
Владимир Топовиќ
пријателски 1962.
им ја подарил на Зора и Милан Курјак
антологијата на нова југословенска поезија
бидејќи повеќе ја нема Југославија
и нема повеќе пријателство
книгата заврши кај Бране и мене
Но, чудниот, мистериозен, конспиративен директор, кој од заднина ги влече конците на оваа неофицијална библиотека, не ни остава многу време за смеење. На членовите на библиотеката им подметнува и други стапици. Освен посветите, тука се и другите траги што ги оставиле поранешните сопственици на книгите. На пример, линиите со кои читателот претходник ги обележал за него значајните редови. Читате, се обидувате да си пробиете сопствен пат во книгата, да поставите свои патокази обележувајќи ги местата што се важни за вас, но никако не можете да ги игнорирате претходно подвлечените линии. Повторно, без да сакате, обрнувајќи внимание на редовите што ги подвлекол оној што некогаш ја поседувал книгата, се храните со туѓи впечатоци и пак присвојувате нешто што е туѓо…
Не знам со колку книги во иднина ќе ја збогатам замислената библиотека, но досега не сум донирал ниту еден наслов. Книгите со посвета за мене избегнувам и да ги позајмувам. Но, понекогаш сум притиснат до ѕид и од мене бараат да позајмам книга за која со сигурност знаат дека ја имам. Ко’ за беља, баш на таа книга има посвета за мене, а оној што сака да ја прочита не е многу познат по тоа што ги враќа позајмените книги. Во таквите случаи, неколкупати имам купено уште еден примерок, специјално за позајмување. Дупликатот неповратно заминува, но барем посветата е спасена.
Неволно го правам овој потфат, ама се тешам со идејата дека директорот на библиотеката за која зборуваме го очекуваат многу посериозни и посложени задачи од мене. Кога-тогаш во неа ќе мора да се стави некаков ред. Можеби ќе треба да ѝ се даде име? Како ќе ги каталогизираат насловите во неа? Според јазикот на кој е напишана книгата или според јазикот на кој е напишана посветата? Според државата или според градот (ако се наведени) во кои се објавени или во кои се подарени книгите? Хронолошки? Ќе има ли посебен регистар на љубовни посвети, роденденски честитки, испраќања во војска, завет за вечно пријателство… Не знам, не е мој проблем. За тоа е задолжено неформалното раководство на неофицијалната библиотека.
Мене ми припаѓа само честа да бидам нејзин член, заедно со уште стотици милиони читатели, partners in crime од целиот свет.
П.С. Трагите што ги оставаме во книгите не се безопасни. Не знаеме кај кого ќе заврши некоја чкртаница и какви последици ќе остави. Пред петнаесетина години, читав туѓ примерок на „Евгениј Онегин“ од Пушкин. Среде книгата, од никаде изникна крупен натпис со пенкало, како крик: ШТИП Е ГРАД НА ФУДБАЛО! Оттогаш, кога и да помислам на Пушкин, помислувам и на ФК Брегалница. Ако не се лажам, во моментов се на шестото место на табелата во ПМФЛ. Им посакувам среќа во пролетниот дел од сезоната.
Иван Шопов