За љубителите на блузот, името Мади Вотерс веднаш звучи познато и се знаат заслугите на овој великан на оваа музика. Меѓутоа, меѓу сите луѓе и популарни бендови што биле инспирирани од неговата музика, се наоѓа и неговиот најстар син Мад Морганфилд, кој неодамна настапи на четвртото издание на „Котон блуз“ фестивалот во Скопје заедно со локалниот блуз бенд „In the Mood“. Тоа беше незаборавна вечер исполнета со експлозивна енергија и автентична блуз музика. Бендот се покажа во најдоброто светло пред гостинот со својот талент и љубов кон оваа музика. Благодарејќи на нив, Мад Морганфилд таа вечер прикажа како изгледа една одлична блуз журка.
Мад е несомнено наследник на овој легендарен блузер, но тоа не го ограничува неговиот талент и потенцијал. Пред големиот концерт имав можност да зборувам со Мад за популарноста и за влијанието на блуз музиката ширум светот, наследството на татко му, градот Чикаго, и што е тоа што го внесува во светот на блузот.
Какво беше Вашето лично патешествие на откривање и прифаќање на блуз музиката од рани нозе?
Од самиот почеток, блузот беше неразделен дел од мојот живот. Можам искрено да кажам дека сум роден со блузот во мојата крв. Не се работеше за откривање, туку повеќе беше дека блузот ме откри мене. Дури пред да дојдам на овој свет, мојата мајка можеше да ги почувствува ритамот и душата на блузот во себе. Растејќи, бев опкружен со музика и таа стана природен дел од тоа кој сум јас. Можам да се сетам на безброј моменти кога бев воодушевен од силните емоции и моќните мелодии на блузот. Се чини дека блузот ме избра мене и оттогаш чекорам по тој пат.
Минатата година ја објавивте компилацијата „Portrait“. Дали можете да ми опишете каква приказна или каков портрет прикажува оваа компилација?
Компилацијата насловена како „Portrait“ е богат и живописен приказ на моето музичко патешествие и животни искуства. Таа опфаќа разновиден опсег на блуз и ритам и блуз песни, секоја со свој карактер. Албумот започнува со госпел-блуз песна што лично ја напишав и изведов, и таа го одредува тонот на колекцијата. „Portrait” е во суштина ремастерирана верзија на мојот претходен албум „Son of the Seven Sons“, со додавање некои претходно неиздадени студиски снимки. Таа е исцрпна презентација на мојата кариера односно на некој што израснал на западната страна на Чикаго. Секоја песна на албумот е автентична и вистинита, и ги отсликува приказните од мојот живот. Таа е интимен и искрен портрет за тоа кој сум јас како уметник и човек.
Дали би можеле да споделите некои од тие приказни?
Секако. Приказните што го обликувале мојот живот се интригантно вплетени во самите песни. Земете ја, на пример, песната „Blues in my Shoes“. Тоа е искрено опишување на личните борби и успеси, што ја отсликува суштината на моето патување. Една друга песна, „Cheating is Cheating“, опишува болна приказна за 14-годишна романтична врска што завршила со предавство. Овие приказни се искрени, реални и длабоко лични. Целиот албум е исполнет со такви приказни, кои се и охрабрувачки и предизвикувачки, и тие ја доловуваат суштината на моите искуства.

Блузот има толку многу богата оставина и се смета за важен културолошки центар што изнедрил толку многу различни музички жанрови. Кои работи ги земате од светот на блузот, кој сам по себе е богат и комплексен?
Сакам да го цитирам познатиот блуз автор и басист Вили Диксон, кој еднаш рекол: „Блузот е коренот, а сè друго е иднината“. Многу се согласувам со овој став. Блузот служи како основа за толку многу жанрови што се развиени со текот на времето. Меѓутоа, се разликувам малку во еден аспект – сметам дека пред блузот, постоела црквата. Уметници како Арета Франклин и Гладис Најт започнале во црквата, пеејќи химни во југот на Мисисипи, барајќи утеха и спасение преку музиката. Оттаму, се префрлило кај блузот, а од блузот се шири во џезот и понатаму. Тоа е прекрасен домино-ефект, каде што секој жанр се гради врз претходниот. Блузот има посебно место како зачетник на толку многу музики, а неговата комплексност и значење продолжуваат да инспирираат и да исполнуваат до ден-денес.
Вие го продолжувате наследството на Вашиот татко Мади Вотерс, кој беше легенда на блузот. Како е да го носите неговото име и како се одразува влијанието на неговата музика и оставина врз Вас?
Вистински благослов е што мојот татко беше Мади Вотерс и што во наследство ми го предаде блузот. Тоа е тежок товар, но и навистина почитувано и привилегирано место да бидете. Секогаш сум се трудел да чекорам по патот по кој и мојот татко чекорел, но исто така и да го изразам својот сопствен глас и стил. Влијанието на неговата музика врз мојата е енормно. Неговите песни и изведби, неговата присутност и страст ме натераа да ги истражам корените на блузот и да бидам свесен за нив при секоја изведба. Се чувствувам како да го продолжувам неговото наследство и да го споделувам сето тоа искуство со блузот со нови генерации.
На кој начин тој како уметник влијаел врз Вашето разбирање за музиката и за животот, особено за животот постојано на турнеи?
Влијанието на татко ми врз мене и како уметник и како индивидуа не може да се измери. Меѓутоа, важно е да се напомене дека јас не сум негово продолжение; јас сум свој човек. Исто како што синовите често ги обележуваат татковците а ќерките мајките, така нашите патишта може да се поклопуваат до одреден степен. Ако татко ми беше сликар или столар, многу е веројатно дека и јас ќе чекорев по тие патишта. Но, мојата поврзаност со блузот и музиката е уникатна бидејќи ми беше пренесена преку наследство. Растејќи опкружен со музиката на татко ми, добив подлабоко разбирање за блузот и за неговата моќ да пренесе директни емоции и универзални вистини. Животот на турнеи и на пат, со кој татко ми бил интимно добро запознаен, има свои предизвици и награди. Преку неговиот пример, ја научив важноста на истрајноста, посветеноста и да се остане искрен со себеси кога сум соочен со непријатни ситуации.
Бидејќи рековте дека сте родени во музика, кои се некои од работите што сте ги сфатиле за блузот?
Музиката е дел од мојот живот колку што ме држи сеќавањето. Меѓутоа, не беше само блузот кој влијаеше врз моите рани години. За време на детството и тинејџерските години, слушав голем опсег на музика како Бери Вајт, Хол и Оутс, и Стиви Вондер. Тоа беше мојот музички пејзаж, и со него природно се идентификувам. Верувам дека секој има посебна ера или жанр што влијаеле врз нив за време на тие периоди додека растеле. Што се однесува до мене, бев фасциниран од музиката од најрана возраст, и таа е постојано присутна во мојот живот. Се сеќавам како удирав по предмети за да правам ритми, па дури и се успивав со удирање ритми по масата. Влијанието на татко ми е несомнено, но исто така морав и да го зграпчам тоа што ми беше познато како дете, како што впрочем секој од нас го прави. Затоа, во суштина, едноставно правам музика бидејќи тоа е неразделив дел од тоа кој сум јас.

Доаѓате од град што се смета за едно од родните места на современиот блуз, град што живее на работ помеѓу традиционалниот и современиот блуз, но е и родно место на други популарни жанрови. Кои се некои од елементите што ги земате од разните форми на блузот и други жанрови на музика и ги вметнувате во своите песни?
Бидејќи сум од Чикаго, град со богата блуз традиција, бев изложен на широк спектар музички влијанија. Иако блузот несомнено е срцето на мојот звук, моето музичко воспитание е уникатна комбинација на традиционални и модерни елементи. Мојот татко Мади Вотерс пораснал во памучните полиња на Мисисипи за време на ерата на ропството, што го формираше неговиот музички стил на длабок начин. Наспроти тоа, детството во Чикаго ме изложи на различни видови музика, вклучувајќи ги ритам и блузот, соул и госпел музиката, па дури и Моутаун. Музичарите како „Темптејшнс“ и Стиви Вондер ми значеа многу. Меѓутоа, кога креирам музика, дозволувам таа да се слее природно од мене. Не се обидувам свесно да ги вклучам различните звуци или елементи од други жанрови. Блузот е во моите гени и се манифестира автентично преку мене, отсликувајќи го моето уникатно гледиште и искуства.

Дали клубот на Бади Гај „Legends“ во Чикаго е сè уште активен?
Да, таму е. Тоа е фантастично место, кое е збиралиште за блуз ентузијасти и музичари и е место каде што блузот оживува и има одиграно значителна улога во зачувувањето на духот на овој жанр. Самиот Бади Гај е икона во светот на блуз музиката и овој клуб служи како сведоштво за неговите придонеси за блуз заедницата. Препорачувам силно да се посети „Legends“ ако имате можност. Тоа е посебно место каде што можете да уживате во возбудливата атмосфера на блузот и да проследите неверојатни настапи и на етаблирани и на нови таленти.

Што е тоа што прави блузот да биде универзално прифатен?
Моќта на блузот лежи во неговата способност да ја долови суштината на самиот живот – радостите, тагата, борбата, страдањата и триумфите што сите ние ги искусуваме. Кога настапувам, се трудам да ја сочувам автентичноста и директноста на блузот. Сакам публиката да ја почувствува моќта и емоцијата зад секоја нота и стих. Блузот е универзално прифатен бидејќи зборува за човечкото искуство што сите го споделуваме. Без разлика кои сме ние или од каде доаѓаме, сите се соочуваме со предизвици и минуваме и маневрираме низ случувањата во животот. Блузот служи како средство за поврзување со другите на длабоко ниво. Кога некој ќе слушне некоја блуз песна, мислам дека веднаш ќе се препознае и ќе каже: „Еј, сум поминал низ ова“.
На крајот, каква порака или емоции се надевате да пренесете кај Вашата публика преку Вашите песни и настапи?
Преку мојата музика и настапи, моја крајна цел е да пренесам порака на заедништво и разбирање. Без разлика на нашите разлики, сите споделуваме слични искуства и емоции. Блузот служи како моќен медиум за поврзување едни со други. Сакам публиката да ја почувствува моќта и автентичноста на оваа музика, да се вклучат во своите емоции, да најдат сила и радост наспроти животните предизвици. Блузот е универзален јазик што ги надминува сите ограничувања и се надевам дека ќе продолжам да го одржувам духот жив преку мојата музика, изведби и интеракција со публиката.
Ненад Георгиевски