Идејни творци на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ се џез-музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов. Фестивалот произлезе од потребата да се поддржи новата генерација домашни музичари, чија музика во себе ги интегрира и балансира автохтониот и светскиот современ израз. Претходница на основањето на фестивалот беше создавањето на дискографската куќа „ПМГ Џез“.
– Со две изданија зад себе, и публика која брои и до 2.000 посетители, „Крај Вардарот Џез“ успеа да воспостави континуитет и стана еден од очекуваните годишни настани во Скопје. Фестивалот е една од активностите на „ПМГ Џез“ (суб-лејбл на издавачката куќа „ПМГ Рекордингс“), кој ги следи мисијата и работата на издавачката куќа со цел да воспостави континуирана, вибрантна и динамична џез-сцена во нашата земја – истакна Мирко Попов на прес-конференција на која беше најавена програмата на фестивалот.
„Крај Вардарот Џез“ е млад фестивал кој сѐ уште ги бара своите форма, јазик и појавност, но успешната реализација на првите две изданија дава цврста конструкција за понатамошно истражување, раст и развој.
Заложбата на „ПМГ Џез“ е, пред сѐ, пронаоѓање, продукција, издавање и промоција на современа џез и етно (world) музика од домашни квалитетни автори со цел да се поддржи новиот бран џез-музичари. Во пресрет на фестивалот, Владан Дробицки истакна дека досега имаат издадено 35 изданија.
– Покрај вообичаениот формат на издавање на новите албуми на ЦД и во дигитална форма, „ПМГ Џез“ досега има објавено и две изданија на винил (грамофонска плоча), а тоа се музичката компилација од различни изведувачи „Крај Вардарот Џез 1“ и „Стела“ на групата „Љубојна“. Оваа година ќе се појави и третиот винил, музичка компилација од различни изведувачи „Крај Вардарот Џез 2 – Нов Бран“ – објасни Владан Дробицки.
Првата, интернационална фестивалска вечер на 23 септември во камерната сала на Филармонија ќе почне во 20 часот со музичари од регионот и настап на „Спејс Трио“ (Space Trio) од Бугарија и најреномираниот српски џез-состав, „Ејот“ (Eyot) од Ниш. Специјално за настапот во Скопје на составот „Спејс Трио“ ќе му се придружи истакнатиот џез-музичар од помладата генерација од Скопје, Дени Омерагиќ („Светлост“, „Одрон Ритуал Оркестар“).
Бендот „Ејот“ (Србија) е еден од најреномираните српски џез состави во последнава деценија. Нивната музика претставува еклектичен звук помеѓу рок и џез, панк и амбиент, импресионизам и романтизам, во исто време цврсто потпирајќи се на традиционалната музика на Балканот и источна Европа.
Втората фестивалска вечер ќе се одржи на 24 септември, со почеток во 20 часот, со концертен настап на култниот македонски бенд „Сетстат“, кои одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез формација. На концертот групата ќе настапи во проширен состав и ќе се претстават со специјална селекција на музички материјал од својот тридецениски опус, кој ќе биде одново аранжиран за ваков состав. „Сетстат“ имаат издадено девет студиски албуми, а во очи на фестивалот ќе се појави нивниот нов, 10-ти албум. Во составот на „Сетстат“ работат Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Панче Бујуклиев, Павел Дробицки и Гоце Наумов. Како гостин на бендот ќе настапи и наградуваниот џез-гитарист Филип Букршлиев.
Во името на бендот се обрати Панче Бујуклиев, кој очекува добар концерт, добра музика, но и интеракција со публиката.
– Целото искуство што сме го собрале во изминатите 30 години се надевам ќе биде препознаено на новиот албум, но и на концертот на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ – истакна Бујуклиев.
Во рамките на втората вечер, пред „Сетстат“, ќе настапи „Toka Shitet“ (ака Идриз Амети), фронтмен на групата „Бла-бла-бла“ со соло изведба на авторска музика на шаркија.
„Крај Вардарот Џез” е меѓународен фестивал на современ џез, светска и етно музика, а оваа година е селектиран како еден од десетте фестивали од Балканот, кои ќе учествуваат во програмата за размена на Фестивали и клубови (FEX – Festival & Club Exchange Program), која се имплементира во рамки на платформата „МОСТ музика“ (MOST music). Работата на платформата „МОСТ музика“ е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Фестивалот „Крај Вардарот Џез“ се организира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и со поддршка на Министерството за култура на РСМ.
Автор: Тони Димков