Приход
Приходот е почетната точка на личните финансии. Под овој термин се подразбира вкупниот износ на средства кои ги примате и кои ви служат за понатаму да ги трошите, штедите, инвестирате или заштитите. Ова ги вклучува вашата плата, хонорари, удели и други форми на приход.
Трошење
Трошењето ги подразбира сите средства кои ги исплаќате и целите за кои пренасочувате најголем дел од вашите средства. Трошоците се сѐ она што го набавуваме со нашиот приход. Тие вклучуваат кирија, кредит или хипотека, намирници, хобија, јадење надвор од дома, мебел и внатрешно уредување, поправки, патување или лежерни активности (како на пример претплата на Нетфликс).
Менаџирањето на сопствените трошоци е клучен аспект во личните финансии. Индивидуите мораат да се осигураат дека трошат помалку од што заработуваат, во спротивно нема да можат да си ги дозволат трошоците и ќе влезат во долг. Долгот може да биде финансиски мачен, особено кога станува збор за високи каматни стапки.
Штедење
Штедењето е она што ни останува по трошењето. Секој треба да цели да има заштеда за да може со неа да покрие поголеми трошоци или непредвидени, итни трошоци. Но, тоа подразбира дека не се троши целиот приход, што може да биде тешко да се изведе од различни причини, кои варираат од приход кој едвај ги покрива минималните трошоци до правење избори кои не се совпаѓаат со моменталните финансиски можности. Без оглед на околностите, секој треба да размислува на тоа како би можел да заштеди дел од својот приход, или да го зголеми приходот за да може да создаде услови за штедење. Препорачлив износ на заштеда е износ кој би покрил помеѓу три и дванаесет месеци од вашите трошоци.
Покрај тоа, средствата кои мируваат на штедни сметки може да подлежат на загуби поради појави како што е инфлацијата. Наместо тоа, средствата кои не се орочени или кои не се трошат, треба да се инвестираат во нешто каде вредноста постојано ќе им расте.
Инвестирање
Инвестирањето подразбира купување имот, како што се акции или учество во инвестициски фондови, со цел да се заработи на исплатата од влогот. Инвестирањето има цел да го зголеми приходот на индивидуата и да го надмине првично инвестираниот износ. Се разбира, постојат ризици во инвестирањето поради кои може да дојде до загуба.
За оние кои не се запознаени со него, вреди да се вложи време и труд во изучување на основите на инвестирањето. Доколку немате време, можете да размислите за најмување на професионален посредник кој би ве советувал како да го инвестирате својот приход.
Заштита
Под заштита се подразбираат методите кои индивидуите ги преземаат за да се заштитат себе си од неочекувани настани, како што се болести и несреќи, притоа зголемувајќи го својот приход или заштеда. Како заштитни мерки се препорачуваат полисите за животно осигурување, осигурување на имот и пензиски фондови.