Раскажи ни ја твојата лична приказна со видео игрите?
Игрите се дел од моето секојдневие откако се сеќавам за себе. Играм игри од 1995, прво почнав на на нинтендо, а бабите ми се чудеа како го контролирам водоинсталаторот на телевизор. Па дознав за РС игри од игротеката во МКЦ кај што се залепив за тие два три компјутери и играв Херкулес и Тарзан од Дизни. Наскоро тетка ми купи РС за преведување кој често го “рејдав” за да украдам некоја минута “гејмплеј” од цедиња со сто во едно од 97’-00’. А пред зграда ни отворија флиперница во касни 90-ти со 16битни игри и ps1 каде трошевме десетки и цело слободно време. Па конечно добив личен РС благодарение на мајка ми која сигурно сум ја удавил од молење. Всушност никогаш немам престанато да играм игри или да мислам на игри низ моето секојдневие веќе скоро 30 години.
Желбата за да се нурнам подлабоко во светот на игрите дојде во 2014 кога веќе не ми беше доволно само да ги конзумираме со пријателите како медиум туку и да ги создаваме заедно со други ентузијасти. Но брзо сфативме дека индустријата за создавање игри е огромна со многу различни професии и производни ленти за кои што немавме адектавтни вештини. И патот да бидеме дел од неа се чинеше како долг и исполнет со многу непознати предизвици. Но одлуката да тргнеме по тој пат сепак беше лесна поради љубовта, желбата и ентузијазмот што го чуствувавме за игрите. Тогаш почнав со припреми за авантурата што следеше низ гејминг индустријата.
Првите две години се спремав со темелно истражување преку сите достапни онлајн ресурси, форуми, книги и видеа од ветерани во гејминг индустријата. Ме интесираа сите аспекти на процесот на правење игри. Потоа имав прилика да се вработам во IT индустријата и да видам од прва рака како се произведуваат огромни комплексни софтвер апликации слични на Netlix во OTT индустријата.
Во тој период имавме чест со Бошко Чичаковски и Дамјан Стојановиќ две години по ред да го организираме меморијалниот турнир во чест на Никола Поповски – Ниџо, кој се надевам дека ќе имаме прилика повторно да го организираме наскоро. На турнирот се играше Call of Duty 2 и Mortal Kombat нашите омилени игри кои ги игравме со Ниџо, и имавме прилика да се запознаеме со уште многу љубители на игрите од целата република.
Во тој период исто така имав прилика да учествувам на неколку гејм џемс каде се запознав со дел од македонската и интернационалната независна сцена за развој на игри, меѓу кои и Ана Здравкова, со која што не престанавме да соработуваме.
Конечно во 2020, се чуствував спремен да ја започнам авантурата низ гејминг индустријата. Собрав храброст и првиот чекор го започнав во лудата лабараторија на Crazy Labs како дел од тимот за контрола на квалитет. Најрпвин имав прилика да работам со мал и динамичен тим од 10тина луѓе кој работеше на casual puzzle RPG игра, а по пола година направив трансфер во друг тим каде работевме на многу помали hypercasual игри вклучувајќи ја мега популарната Tie Dye од македонското студио Furious Avocado <3.
Но авантурата низ индустирјата не застана во Crazy Labs во 2022 имав можност кратко да соработувам со тимот на Golden Knights како проектен менаџер за проектот The Last Oricru. А потоа продолжив како гејм дизајнер на hypercasual игри во тимот на Boomhits се до Јули 2022. На почетокот од година со Ванчо Павлевски започнавме да работиме на првиот личен независен проект Rogue Tanks додека пак кога со Коста Марковски неофицијално ги засукавме ракавите и ги удривме темелите на Галактик Омнивор.
Што те мотивираше да ја го основаш ГО, и од каде името Galactic Omnivore?
Во тој момент во 2022 после три години поминати во промена на тимови, проекти и стилови на работа забележав една работа која не се промени. Тоа беше мојот ентузијазам да останам во гејминг индустријата и покрај сите предизвици кои се нижеа. Благодарен на претходните искуства во IT и гејминг индустријата решив дека сакам да допринесам на начин на кој што секогаш ми недостасуваше до тогаш на мене лично. А тоа беше активна заедница на истомисленици кои имаат желба да создаваат игри секој ден во секое слободно време што го имаат. Тогаш имав неколку искуства со формирање тимови после гејм џем или со договарање со други ентузијасти за соработка, но проектите гои ги почнувавме не се завршуваа. Прашањето “зошто” не се завршуваа всушност не ни ни беше толку важно, во споредба со разочарувањето од уште еден не завршен проект. Поради тоа мотивацијата за формирање на ГО според мене е сублимат од ентузијазам, љубов и желба на не остварени соништа да се преточат во готов произовд. А тој производ се манифестираше како платформа за развој на игри достапна за сите љубопитни ентузијасти кои сакаат да пробаат да создадат нешто со своите сопствени вештини. Се ова официјално кулминираше како здружението за развој на игри Галактик Омнивор кое го основавме заедно со Ана Здравкова, Коста Марковски, Славко Лазаревски и Дамјан Стојановиќ.
Е сега за името. Тоа потекнува од слаткоречивоста на мојот драг пријател Андреј Деловски, кој се пошегува со мојот желудник дека е галактички сештојад. Бидејќи обично јадам многу чудни комбинации на храна. Ми се допадна идејата за такво вселенско чудовиште кое јаде се што ќе сретне. Инспириран од неописливиот страв што го будат древните богови кои ги опишува H.P. Lovecraft, си реков зошто да не биде и Galactic Omnivore едно од нив. Впрочем H.P Lovecraft е и дел од инспирацијата за формирање на егалитарна заедница. Бидејќи и тој самиот го создал митот за Ктулу кој што го развивал во соработка со други писатели.
Како би ни ја опишал вашата заедница? Што значи тоа егалитарна гејминг заедница?
Искрено не сум доволно објективен да ја опишам јас, Ана ќе сакаш да го превземеш ти ова прашање?
Хахахаха, кај ме намести. Како би ја опишала нашата заедница? Динамична, енергична, уникатна…. може тука да вметне тој гифот од Лејди Гага каде што реди епитети. Ама да, од почетокот на годината навака, навистина се споија луѓе, кои што досега или не се познавале, или немале можност, или се срамеле еден од друг ама сакале да соработуваат. И тоа некако е магијата во целава работа. Егалитаријализмот, некако сам си дојде како атрибут, бидејќи на никому не му е гајле кој си, што си, за кој гласаш, во кој веруваш, со што се идентификуваш, дали сакаш повеќе мачки или кучиња. Сите предрасуди што може да избувнат и да предизвикаат поделби, се сведени на абсолутен минимум, скоро на нула. Досега луѓето што се приклучиле или сакаат да се приклучат, имаат само една заедничка цел, а тоа е да прават игри во безбедна средина, што ги гледа работите со отворен ум и се труди да го извади најдоброто. Немаме директори, немаме менаџери, немаме структура за задоволување, така што секој може да извади некоја идеја и да ја истера до крај. Тука има малку одење напред назад, бидејќи сите сме сепак индивидуалци со различни позадини и познавања, ама тоа не нè дели, туку баш не сплотува. Се случува да имаме конфликти во ставови и методологии, но начинот на наоѓање на решенија и стремежот кон наоѓање на решение наспроти дополнителен конфликт, генерира здрава и свесна средина. И тоа навистина ми се допаѓа, бидејќи сите сме поминале низ некаков тип на добар или лош систем од кој што сме извлекле позитивни заклучоци и искуства што сакаме да ги преточиме во нешто подобро за сите.
Какви работи создавате заедно со членовите на ГО? Раскажи ни за некој ваш проект.
Ти благодарам Ана, ме спаси!
Најпрвин создаваме заедница преку која членовите на ГО ќе можат да ги реализираат нивните проекти. Практично и виртуелно ние создаваме и сакаме да создаваме секаков тип на игри без дискриминација на нивните технички спецификации. Тие може да бидат дигитални или физички, онлајн или офлајн, за мобилен, РС или конзола. Додека секој од нашите членови допринесува до создавање на игрите и на заедницата со своите лични вештиини во склоп на нивните лични интереси.
На пример јас сум ангажиран со основање на заедницата и давање подршка таму каде што е најпотребно според моето работно и професионално искуство. Бидејќи сметам дека на тој начин најмногу можам да допринесам до реализација на моите лични проекти, а решенијата што ќе се покажат како успешни за моите лични проекти ги споделувам со заедницата. Додека пак секој член добива право да води по еден проект од идеа до реализација. Со тоа секој добива креативен простор каде има апсолутна креативна контрола на својата идеа. Додека пак другите членови допринесуваат до реализација на таа идеа.
Еден од проектите кои се имаат родено од овој начин на соработка е Life of Slaviyan – идеата за овој проект се роди кога Коста Марковски ни ја сподели на една од нашите работилници за развој на игри Game Development Workshop #2. Веднаш знаевме дека е “леплива” идеа, бидејќи сите присутни имаа нешто да додат. Во кратки црти ја следиме приказната на Славјан – млад човек во измислена источно европска земја, кои се соочува со сите мемиња што ги гледаме за славјани онлајн. Живее со семејството, нема стабилна работа, ниту перспектива во животот. Но откако ќе има мала собраќајна незгода со Западно-Европејци и ќе ја воочи разликата помеѓу неговиот фамлијарен однос и нивниот почнува да си го преиспитува животот и ќе се обиде да се надмине себе си.
Моментално проектот е во пред-продукција, спремно е првото поглавје од приказната и со стори борд. Во наредна фаза ќе работиме на гејм дизајнот и припрема на визуелни ресурси.
Како изгледаа првиве неколку месеци функционирање како ГО? Што научивте? Имаше ли некои изненадувања?
Па првите неколку месеци работевме на изработка на алатките кои ќе ни бидат потребни за да можеме да функцонираме во согласност со нашите апетитит. Тоа значеше изработка на на вебстрана за да можеме да бидеме достапни јавно, дискорд сервер како основен канал за комуникација и правна основа за нашите активности преку легализација како здружение на граѓани. Работите тргнаа глатко после Глобал Гејм Џемот во јануари каде ни си приклучија нови членови на кои им се допадна нашата иницијатива.
На почеток се собиравме не формално во заеднички простор наречен GOHQ каде можевме да твориме и да се изразуваме креативно. Подоцна остваривме соработка со Хаклаб Кика каде до сега реализиравме пет работилници и продолжуваме да имаме секојдневна соработка каде нашите членови може да го користат просторот за да се самореализираат во своите проекти и во заедницата.
Некои од нашите членови (Андреј Буровски) стримаат како прават игри или како ги играат своите омилени игри (Иван Кикерков). Научивме како подобро да соработуваме помеѓу нас и сеуште учиме како да ги користиме алатките што ни се достапни. Една од нашите членови реши да ја превземе одговорноста за организирање на дискрод заедницата (Наташа Трпевска), додека пак други членови продолжија со нов ентизијазам и со подршка од заедницата да развиваат веќе започнати проекти како Дамјан Дабовски со Neon Arena.
Изненадувања има секој ден бидејќи голем дел од нас прв пат се соочуват со многу нови и непознати предизвици. Но најмногу ми имаат останато во сеќавање изненадувања кога непознати луѓе со непознати алатки и стилови на работа ќе успеат за многу кратко време ќе создадат нешто компленто ново за многу кратко време. На пример архитект (Андреј Ѓеоргиевски) кои работи во грасхопер и рајно се спојува со левел дизајнер (Данијел Дедиќ) кој знае да работи во Unreal и за еден ден успеваат ги интегрираат своите вештини за да создадат дигитален виртуелен простор базиран на вистински простор наречен КОН Засолниште на уметностите. Виртуелен простор кој подоцна може да се искористи во било кој од нашите постоечки или идни проекти. Додека пак Маја Миланова која е all-star QA имаше прилика да се реализира како 2D артист преку играта Phone Detective која е блиску до издавање.
Како можат луѓето да знаат дали „си одговарате“ и дали да ви се приклучат?
Во нашето здружение има занаетчии, креативци и логичари со разновидни професионални позадини. Но тоа што не обединува е целта да создаваме игри заедно. Доколку некогаш ве фрустрирале невидливи ѕидови, сте нашле багови, сте си играле со саати во некој левел едитор, сте фатиле сами да ја модифицирате играта, или едноставно сте рекле “јас можам да направам подобра игра од ова”, тогаш има голема шанса да ви се допадне тоа што го правиме во Г.О.
Гејминг индустријата всушност “си одговара” со многу луѓе од различни професии и вештини, и многу луѓе веќе имаат доволно вештини да за прават игри уште денес, само никогаш немале можност да пробаат. Доколку сте љубопитни да создадете ваша игра или да ги искористите вашите лични вештини на нов начин, ве поканувам да се обидете.
Кои се вашите најлуди соништа за ГО?
Мир во светот, нашата веб страна да биде водена од вештачка интелигенција со која ќе можете да си разговарате за сите проекти, личности и вештини што ве интересираат. Да имаме креативни простории насекаде околу нас каде било кој шти има желба да создава игри може влезе од улица и едноставно да почне да го прави тоа. Да допринесеме во подобрување на квалитетот на живот на граѓаните преку креативни проекти за сите возрасти. Еден ден гејминг индустријата да биде препознаете под посебна шифра на дејност во републиката и да имаме државно регулирано академско образование за сите професии кои се клучни за развој на гејминг индустријата. И се разбира сите што сакаат да се само-реализираат во гејминг индустирјата да имаат здрава средина за личен раст и развој и достоинствена заработувачка од тоа.
Како можат читателите на PopUp да ве поддржат?
Сакам да се заблагодарам на PopUp и на вашите читатели за досегашната подршка и да ги поканам сите заинтересирани за активностите на здружението да повелат да не заследат на нашите социјални мрежи преку нашата веб страна. А доколку ви се допаѓа нашата иницијатива да создаваме игри заедно повелете на нашиот discord сервер, каде ќе имате прилика да се сретнете со истомисленици насочени кон развој на игри. Се разбира секоја подршка е добредојдена, особено таа што вашите читатели би сакале самоиницијативно да ни ја споделат преку мејл.
Клелија Живковиќ
Фотографиите се од архивата на Galactic Omnivore