Да бидам искрен, не очекував дека натпреварот меѓу Вардар и Беласица, одигран пред неколку месеци, воопшто ќе се одигра. Барем не во такви околности. За – благо речено – необичните услови во кои треба се игра мечот разбрав слушајќи вести. Не слушав јас, туку комшијата, ама кога тој слуша – слуша и половина улица.
„Почитувани гледачи, време е за вестите од спортот. Во сабота, како што знаете, ќе се случи целосно затемнување на Сонцето. Овој астролошки феномен голем број граѓани го очекуваат со нетрпение, но истовремено тој предизвика жестоки реакции кај љубителите на фудбалот, особено меѓу навивачите на Вардар. Имено, и покрај тоа што затемнувањето на Сонцето е целосно и ќе трае повеќе од осум часа, терминот за одигрување на второлигашкиот натпревар помеѓу Вардар и Беласица не е променет. Навивачи, спортски работници, новинари, поранешни играчи и пензионирани судии ја доведуваат во прашање регуларноста на натпреварот што ќе мора да се одигра во целосен мрак. Од ФФМ, пак, велат дека нема друг слободен термин на останатите стадиони во догледно време и натпреварот ќе се одигра во сабота на стадионот ‘Железарница’, според редовниот распоред. Како што знаете, почитувани гледачи, на стадионот ‘Железарница’ нема рефлектори…“
Не ми паѓаше на памет да одам на натпревар што практично не можам ни да го гледам, ама син ми запна: „Ај да одиме на Вардар! Те молам! Ќе биде интересно!“ Не помагаа моите објаснувања дека е бесмислено да пробуваш да гледаш фудбал во мрак.
Од телевизорот на комшијата се слушаа совети за тоа како е најдобро да се заштитиме додека го гледаме Сонцето при затемнувањето.
„Најдобрата заштита се специјални филмови или очила, но обично не е лесно да се дојде до нив. Од материјалите достапни за сите, најбезбедно е да се користат заштитни очила за заварување.“
Му образложував на син ми дека второлигашкиот фудбал и онака е подобро да го гледаш преку маска за заварување, но не попушти. „Те молам, те молам, те молам…“ – се стави на repeat. Немав друг избор освен да го однесам на мечот.
Спротивно од сите очекувања, стадионот „Железарница“ беше исполнет до последното место, едвај најдов две слободни столчиња напипувајќи во темницата. И другите гледачи во густиот мрак така некако си го пронаоѓаа патот до своите столчиња. Се слушаа удари врз фудбалските топки, довикувања меѓу фудбалерите, тренерски совети, а се слушна и свирчето на судијата кој даде знак за почеток на натпреварот.
Не се гледаше прст пред око. Силуетите на играчите станаа видливи за кратко, кога навивачите запалија педесетина факели. Набрзо потоа, густиот чад го покри и она малку што се гледаше од натпреварот.
Повторно мрак.
-Судија, оди на очно! Ало! @#$%&! – загрме познатиот глас на комшијата Перо.
-Тато, како знае чичко Перо дека судијата суди лошо кога ништо не се гледа? – ме праша син ми.
-Мали, судијата треба секогаш да го пцуеш! Гарант има зашто! – се чу глас од гледач кој се наоѓаше во близина, но не можев да го познаам по гласот. Од околните столчиња се слушаше кикотење.
-Појако бе! И баба ми може така! – пак се бунеше чичко Перо.
-Тато, а како знае дека шутот бил слаб? – праша син ми.
-Мали, не знам баш за овој, ама од десет шута, девет им се слаби! – одговори Перо. -ИДИ МУ, НЕ ЗНАЕ!!! – не престануваше да се истакнува со децибелите.
Син ми: Тато, а од кај знае чичко Перо –
Јас: Ај доста со прашања, остави ме да гледам на раат.
Син ми: Ама тато, ништо не се гледа.
Во право беше, не знаев како да се одбранам од ова.
Кога дојде полувремето, безуспешно се обидував да го дознаам резултатот. Со лактите ги потчукнував оние што седеа околу мене и прашував дали можеби водиме. Никој не знаеше, натпреварот не беше пренесуван на радио, а информации немаше ниту на интернет.
Судијата даде знак за почеток на второто полувреме, син ми се досадуваше, навивачите пееја:
ВО ГРАДОТ СКОПЈЕ ИМАААААА
САМО ЕДЕН КЛУУУУУУУБ….
Песната делуваше приспивно врз син ми, кој заспа врз моето рамо.
-Појако бе! И баба ми може така! – некое девојче го имитираше чичко Перо.
-Не можам, не можам ни така, внучке… – се чу гласот на баба Живка.
-Баба Живка, ти ли си мори? – викна чичко Перо.
-Јас, сум, јас сум! Кај ја оставам Јана сама да оди на стадион. Жива беља е…
-Ристо кај ти е?
-Не го носам веќе со мене. Се договоривме да не се возбудува, да не вика, ми ја плаши Јана кога ќе се разрипа и ќе се раздере: АЈДЕ ВАРДААААААР!!! Да ти кажам право, Ристо и онака не догледува. Сега во темницава, па, ич, ха-ха.
Малку ми е срам да признаам, ама и мене ме фати дремка во темницата. Не го дочекав крајот на мечот и си заспав покрај син ми. Ме разбуди чуварот, кога небото веќе беше ѕвездено и чисто. Затемнувањето на Сонцето веќе не беше актуелно, на смена беше Месечината. Чуварот не беше баш љубезен тип:
-Шо праите овде, бе?! Утакмицата заврши пред сто саати! Ајде по дома!
Сепак, пробав да извлечам од него информација за резултатот.
-Кој да знае, ништо не се гледаше.
-Ај, ќе кажат на вести – се понадевав.
-Нема да кажат. Никој не знае. Прст пред око не се гледаше.
-Сигурно знае Перо – промрморев како за себе.
-Не знам кој ти е тој Перо, ама тешко дека знае – не попушташе чуварот.
Син ми немаше грижа на совест што ме одвлечка на натпревар на кој е бесмислено да се оди, а јас немав срце да се карам со него поради тоа. Се вративме дома и си легнавме, знаејќи дека во недела наутро нѐ очекува будење со познатиот аларм – телевизорот на комшијата. Заспавме со цврсто уверување дека Вардар победил.
„Не стивнуваат контроверзите за вчерашниот натпревар помеѓу Вардар и Охрид на ‘Железарница’, за време на затемнувањето на Сонцето. Ова е веројатно првиот случај во историјата на фудбалот кога резултатот е непознат поради густ мрак. Од Беласица бараат натпреварот да се регистрира со службена победа од 3:0 во нивна корист, затоа што домаќинот не ги задоволил основните услови за игра, додека Вардарци велат дека победиле со 5:1 и најавуваат дека како доказ ќе приложат експертиза од јасновидец кој може да го потврди нивниот триумф. Од ФФМ засега молчат…“
* * *
Тука некаде можам да ја прекинам псевдо-репортажава. Веројатно на читателот уште многу порано му стана јасно дека ваков меч никогаш не се одиграл. Кога би се случило ова, би било еднакво на чудо.
Но, околу ФК Вардар секако се случуваат чудни и чудесни нешта. За многумина, меѓу кои и авторот на текстов, непоимливо е тоа што Вардар сѐ уште се мачи играјќи во втората македонска фудбалска лига. Неверојатно е тоа што сѐ уште е најголемиот македонски спортски бренд, а егзистенцијата неколку години му е доведена во прашање. Несфатливо е тоа што не се знае на кој стадион ќе го одигра следниот меч. Фантастично е тоа што и покрај целиот хаос, пред две кола имаше рекордна посетеност на стадионот „Борис Трајковски“. Чудесно е тоа што фудбалери на кои им се должат барем дванаесет плати покажуваат лудо ниво на пркос и сѐ уште се во игра за влез во првата лига. Фантастично е нивото на аматеризам собрано во клубот. Не, не во пејоративна смисла, туку во изворна, која нѐ води кон латинскиот глагол amare – да се љуби. Тука некаде лежи објаснувањето зошто ФК Вардар сѐ уште постои, пркоси и инаетливо опстојува.
Надвор е пролет, живи сме и ме обзема некаков беспричински, неоправдан оптимизам. Редовна сезонска појава, како што порано ме фаќаше алергија. Оптимизмот ми се прелева и на спортски план: убеден сум дека ФК Вардар наскоро ќе се врати на врвот. Ветувам, тогаш, наместо псевдо-репортажа како оваа погоре, ќе напишам вистинска, од местото на настанот, додека играчите на Вардар го креваат шампионскиот пехар.
Stay tuned!
Иван Шопов
*Сите слики (освен последната) се генерирани со DALL-E 2