Неговото име е синоним за гитарист. Уште од 80-тите, кога се појавил на сцената, Стив Ваи е дел од елитата врвни гитаристи што имаат поинаков пристап кон електричната гитара. Обично, генерациите пред него свиреа на начин на кој гитарските вештини се сметаа за уметност, со одредена одмереност, но неговата генерација го однесе во т.н. шрединг, кое е карактеризирано со уште поголема виртуозност, пиротехника, екстравагантност, ненормална брзина и техника. Во одреден контекст, тој пристап значи способност да се однесат идеите, звуците и техниката до крајни граници. Во тоа време, Ваи е дел од таа нова генерација гитаристи во група со неговиот школски другар и учител по гитара Џо Сатријани, Јингви Малмстин и со Џорџ Линч.
Оттогаш неговата кариера тргнува по нагорна линија. За време на таа декада, Ваи ќе стане член на бендови на Френк Запа, Alcatrazz, Public Image Ltd, David Lee Roth бендот и Whitesnake, како и сешн музичар на разни проекти. За време на таа декада ќе соработува и со гитаристот Рај Кудер на музиката од филмот „Crossroads“ каде што има своја мала, но важна улога на гитаристот на ѓаволот и познатиот гитарски дуел во финалето од филмот.
Сите овие искуства придонеле да се изгради како композитор, гитарист и продуцент и од 90-тите гради успешна соло-кариера со серија албуми што го ќе зацементираат неговиот статус на еден од најталентираните гитаристи виртуози. Неговите вештини, кои се градени со различни контексти, вклучуваат и напредно чувство за мелодии и хармонии, форма, тон и текстури, и постигнале да биде шредер каков што другите шредери посакауваат да бидат.
Покрај компонирањето, во соработка со Ibanez, Ваи е страсен дизајнер на гитари и на различна музичка опрема. Неговите потреби далеку ги надминуваат техничките способности на стандардните инструменти поради што дизајнира и гради свои. Меѓу последните е и познатата „Хидра“, гитара со повеќе вратови. Исто така, како дипломец на Беркли, кој во 2000 година доби и почесна докторска титула од овој универзитет, тој учествува како предавач на нивните курсеви за гитара.

Во декември 2021 го објави својот последен албум „Inviolate“, каде што покрај виртуозноста, сепак прикажува поинаква и позрела фаза во пишувањето и продуцирањето. Од летото 2022, тој е на турнеја каде што го промовира ова издание и оваа година повторно настапува во Европа во чии рамки ќе настапи и во Скопје.
Почнувајќи од минатата година, Вие сте на турнеја во поддршка на албумот „Inviolate“ и оваа година сте повторно во Европа со настапи. Какво е чувството да се настапува повторно ширум светот по оној период кога концертите беа забранети за време на пандемијата? Какво е чувството повторно да се поврзувате со луѓето преку настапите?
Во моментов, едноставно е неверојатно. За мене ова е на друго ниво, но дотаму стигнав неодамна, бидејќи на почетокот од турнејата, која започна минатото лето, се соочив со многу предизвици. Знаете, имав операција на рамото и морав да откажам настапи во Америка, а веројатно ја започнав европската турнеја малку прерано. Сè уште не бев сосема залечен, плус не можев ни да ја носам со мене Хидрата (гитарата). Потоа ја реализиравме турнејата низ Америка и тоа беше многу подобро. Се чувствував многу подобро.
Но, оваа турнеја, поради некоја причина, се чини дека сè оди како што треба со публиката. Се продаваат многу повеќе влезници и тоа е убаво, знаете. Но мојата поврзаност со инструментот, мислам дека колку повеќе старееме, толку повеќе се релаксираме. На некаков начин се опуштаме за работите. Кога бев помлад, бев многу остар и нервозен, но сега се релаксирам повеќе за време на настапите. Врската со нотите е посилна, подлабока. За мене ова е едно сосема различно ниво и ова му се случува секому кој открива нешто за што е многу заинтересиран и не се предава. Знаете, гитарата и музиката се мојот интерес целиот мој живот. Така што постојано копам и копам и можам да дадам сè од себе правејќи го ова. Затоа, кога велам дека достигнувам нови нивоа, тоа се случува со мое темпо. Затоа одредени работи се малку компромитирани, малку со рацете и брзината. Но, не постои начин да се зборува за поврзаноста со нотите бидејќи ова е многу лична внатрешна работа што музичарите ја имаат. За мене, тоа ги продлабочува работите и се пренесува за време на настапот. Се пренесува на начинот на кој луѓето се вклучени во настапот. Затоа е ова убаво. Оваа турнеја навистина е за мене омилена повеќе од која и да е претходно.
Дали можете да зборувате за албумот „Inviolate“ од креативна гледна точка? Какви приказни раскажуваат темите кај ова издание?
Приказните што песните ги раскажуваат, се засноваат на тоа како слушателот ги доживува песните. Пред пандемијата работев на проектот „Real Illusions Part 3“. Тоа беше голем проект за кој беа потребни многу учесници, пејачи, најразлични типови музичари, а потоа се случи пандемијата и секој мораше сам за себе да најде начин како ќе се снајде. Музичарите се многу издржливи, изнаоѓаат решенија. За време на пандемијата, ги сменив насоките и одлучив да заминам на турнеја бидејќи долго време се чекаше да може да се замине на турнеја. Затоа одлучив да снимам албум, кој е многу мелодичен односно со многу мелодии и гитарски ориентиран, кои ви се дадени како на тацна.
Поради пандемијата имав повеќе време да работам на некои работи, некои техники што бараа многу време, како кај песната „Candle Power“. Тука користам една техника што баш и не е во мојата зона на комфор. Свирев гитара со чист тон, многу слична на тонот на стратокастер гитара. Не користев трзалка, што никогаш не го правам. Обично не посветувам многу внимание на моите прсти, но развив техника што ја нарекувам „joint shifting“ и тоа е кога ја прегнувате нотата во различни насоки кога ја пуштате. Тоа е нешто слично на ефект од кантри музиката, но посилно, и за тоа беше потребно многу време. Сето тоа беше многу забавно бидејќи нема ништо подобро од откривање нешто ново во креативниот процес. Бев радосен како да е Божиќ. Имав и проблем со рамото и морав двапати да го оперирам и исто така морав да ги оперирам прстите. Имаше некои работи што морав да ги средам. Сега сè е добро, но по операцијата на рамото, не можев да свирам со десната рака. Затоа одлучив да снимам песна што ја снимив само со една рака која се вика „Knapsack“, и таа е на албумот. Постои и една песна на албумот која долго време сакав да ја снимам, „Little Pretty“. И таа има многу богата хармонична и мелодична структура.
Но, имаше нешто што успеав да го направам, нешто што го имав замислено. Ова се однесува на „Teeth of Hydra“, тој луд гитарски инструмент со 3 вратови и тоа започна пред околу 7 години како идеја, кога се замислував да свирам цела музичка композиција на овој еден инструмент и единствената друга работа што може да се слушне се тапаните и клавијатурите, но сè друго, басот, гитарата, ритамот – сè е отсвирено во еден тејк со Хидра. Откако го снимив и го завршив, зборував за албумот со медиумите, но тие не разбираа како свирам со инструментов. Затоа одлучив да направам видео. Затоа снимив видеоспот за „Teeth of the Hydra” и тоа е многу забавно. Тоа е многу интересно и всушност затоа и сум тука. Јас сум еден од оние луди уметници, кој е малку еклектичен, малку ексцентричен и добивате чудни работи како оваа. Но тоа е интересно да се гледа, ве поттикнува и е фасцинантно, што значи дека добро си ја завршив својата работа.

На турнеја сте од минатото лето како поддршка на новиот албум. На кој начин песните од албумот „Inviolate“ имаат еволуирано од моментот кога почна турнејата па досега?
Настапите во живо се една сосема поинаква ситуација. Ова е нешто што многумина од младите музичари допрва го откриваат бидејќи можете да седите во вашата спална и да вежбате додека не помодрите во лицето и да мислите дека сте многу добри. Но, кога ќе стапнете на сцената, работите се многу поинакви. Светлата удираат во вас, а вие ја чувствувате еуфоријата од моментот.
За некои луѓе ќе биде потребно да се приспособат. Така беше и со мене. Морав да се приспособам бидејќи кога почнав бев млад, и кога се појавив на сцената, повеќе ме интересираше настапувањето. Сакав да бидам рок-ѕвезда. Затоа ми беше потребно време за да направам рамнотежа помеѓу настап и свирењето.
Кај моите настапи сакам да има разновидност и различност. Сакам да имам песни со големи, долги мелодии, кои се исти секоја вечер. Дури и солата, бидејќи и солажите се исто така мелодии, како кај „For the Love of God“. Таа песна е голема и долга гитарска песна, но за мене таа е целосно мелодична и не сакам да ја менувам. Не импровизирам на неа. Но, од друга страна, има парчиња музика каде што се случува длабока импровизација. Има работи што секојпат кога ќе се качиме на сцената, никој не знае што ќе направиме и веднаш се впуштаме во нешто што е сосема непознато.
Од тоа излегуваат многу добри работи, а понекогаш е хаос, но вреди да се ризикува. Меѓутоа, сакам да имам рамнотежа. Моите концерти не се целосно импровизирани, но не се ни целосно однапред напишани. Затоа од песните од „Inviolate“, како пример ќе ја дадам песната „Аvalanche“ со која го почнуваме настапот. Таа има мелодија, има различни секции и ја почитувам мелодијата. Така е и со секоја друга песна и ги почитувам мелодиите на секоја песна. Потоа таа има долга соло-секција. Никој не знае колку долго ќе го свирам тој дел. Бендот не знае, јас не знам. Тој е целосно импровизиран и настапот го отвораме со него. И тоа е многу убаво. Потоа изведуваме песна што се вика „Lights Are On“ од „Modern Primitive“ и таа има мелодија, има структура. Ние се придржуваме кон тоа, а потоа се случува невиден хаос.

Дали луѓето се повеќе приемчиви и отворени за ризици и експерименти за време на концерти?
Не можам да зборувам за сите, но за мене е различно искуството кога сте во публиката и го чувствувате тоа што доаѓа од сцената. Бас-тапанот го придвижува вашето тело, светлата како да пробиваат низ вас, енергијата што доаѓа од бендот и енергијата од луѓето околу вас. Ова е наелектризирано опкружување и е фантастична можност за луѓето да се вклучат во еден настан што е истовремено заносен, исполнителен и уметнички. Тоа е прекрасно. Се сеќаваш како беше кога го немавме ова цели две години? А сега влегувате во концертната сала и си велите, го знам ова чувство.
За време на Вашата долга кариера имате настапувано со многу познати личности и сте членувале во едни од најпознатите бендови. Бевте член на бендови на Френк Запа, Дејвид Ли Рот, Whitesnake, меѓу другите. Како овие искуства Ве изградија како композитор, гитарист и, воопшто, како уметник?
Мислам дека најважно е прво да откриете кои се вашите интереси. Пронајдете го нештото што за вас е многу интересно, креативно и ве исполнува. За мене тоа беше компонираната музика, гитарата и рокот. Тие три нешта беа најважни што се однесува до моите интереси. Кога заминав во светот, се насочив кон тие работи.
Прво беше Франк Запа и тој имаше сè. Тој компонираше музика со рок-бендови. Тоа беше фантастично, бидејќи можев вистински да ја канализирам својата музикалност, својата музичка мисла, но не на композиторски начин, бидејќи Франк компонираше сè. Но можев да земам некоја нетипична музика на гитара и да ја изведувам. Потоа, почнав да настапувам со Дејв Рот и Whitesnake, и тоа беше целосно различен свет бидејќи тогаш бев изведувач и морав да забавувам 20.000, понекогаш и 100.000 луѓе, и тоа е сосема различен свет. Аспекти од компонирањето се вклучени, но не многу. Тоа е чист рокенрол. И за време на целата моја кариера компонирав и неодамна снимив околу 4 часа моја музика заедно со Metropole Orchestra и со друг оркестар во Финска.
Сите искуства што сте ги имале, го збогатуваат вашиот потенцијал, бидејќи вие учите и сите тие ме инспирирале да најдам свој интерес, интересните работи во мене, а потоа и да ги изнесам надвор. Кога се приклучив во бендот на Дејв Рот, кој е познат по Van Halen и таквиот звук, немаше да компонирам музика. Морав да се фокусирам на гитарата. И тоа ме натера да го направам тоа. Но, после, работи како што е „Inviolate“, мојот нов албум, имаат композиторски елементи. И мојот ум, меша рокенрол со композиција, а потоа и со гитара. Така го добивам тоа што го добивам.

Уште еден интересен музичар со кого имаш работено во 80-тите беше Рај Кудер. И двајцата работевте на саундтракот за филмот „Crossroads“ на Волтер Хил. Ова ми беше прво запознавање со Вас кога го игравте ликот на Џек Батлер. Какво беше искуството од соработката и со Волтер Хил и со Рај Кудер на тој филм?
Па, кога почнуваш да работиш на проект, навистина не знаеш каков ќе биде исходот и како луѓето ќе го доживеат. Даваш сè од себе и го правиш тоа што чувствуваш дека е добро за проектот и тоа и го направив. Добив повик од Рај Кудер во 80-тите години и тој ми рече дека работи на овој филм и има дел каде што се случува дуел со гитари и се обидуваа со најразлични музичари да изнајдат решение тој да биде успешен. Меѓутоа, едноставно во секој случај се завршувало со џемови (импровизации). Кога го прочитав сценариото, реков дека на оваа сцена ѝ треба малку театар, треба малку претерување. Јас знам да претерам и го погледнав сценариото и реков, да, треба да се случи ова во таа сцена и треба да се гради, и секој од музичарите ќе треба да се обидува да направи нешто подобро од другиот.
И така, го прочитав сценариото и со Рај работевме на градење на сцената со дуелот. Беше напорна работа. Мислев дека треба да изгледа како дуел во кој ќе загубам. И беше забавно. Потоа ме прашаа дали сакам да бидам дел од филмот, бидејќи прво беше важно да го снимиме саундтрекот. Реков, одлично. Кога ме праша Волтер Хил дали би сакал да бидам дел од филмот, помислив дека не сакам да го правам тоа. Не, не сакам да бидам актер. Јас не сум актер. Но потоа ми рекоа, добро, но ајде прочитај го сценариото. Можеш да го направиш ова. Помислив дека можам да бидам таа мрачна персона на Џек Батлер. Знаев што е потребно. Мислам дека беа потребни околу 12 дена за да се сними, но за тоа време се работеше по 18 часа секојдневно.
Тоа што беше смешно е дека снимавме 12 дена и по еден месец ми се јавија повторно и рекоа, сега го монтираме филмот и ти не изгуби во дуелот доволно лошо. Луѓето не можат да препознаат дека си изгубил. Поради тоа мораа да ги вратат сите луѓе назад и повторно да снимат една мала сцена. Не ми се веруваше дека го направија тоа. Тоа беше малку проблематично бидејќи ја бев скратил косата малку, разни работи. Но направив така да биде очигледно дека загубив.
Како гледате на некои постари Ваши албуми од денешна перспектива, како „Sex and Religion“ и „Passion and Warfare“? Какви беа амбициите за овие изданија во тоа време?
Кога го снимив „Flex-аble“, мојот прв соло-албум, бев многу млад и наивен, а и тој албум звучи така. Но со „Passion and Warfare“ тука имаше нешто што долго време растеше во мене бидејќи беше тип албум што ги претставуваше моите вистински интереси во рок-музиката, композициската музика и свирењето гитара.
Штом го реализирав тоа и албумот постигна голем успех, почувствував дека имам потреба да направам нешто што има некаков комерцијален потенцијал. Тогаш го направив „Sex and Religion“. Пристапот што го имав беше метал, но со поинаков тип мелодија и поинаков тип интензитет и Девин (Таузенд) беше одличен за тоа. Но потоа почувствував дека сакам да снимам албум, кој беше соголен, многу едноставен, бас, тапани и гитара, и толку. Тогаш се случи „Alien Love Secrets“. Многу добра музика произлезе од тоа. Тука се песни како „Tender Surrender“, „Bad Horsie“, „Juice“ и „Die to Live“, која е една од моите омилени.
Потоа сакав да почнам да истражувам погуста инструментално вокална музика. На секој албум му пристапив онака како што ме водеа моите интереси во тоа време, со многу страст и возбуда. Тоа се работите што ве водат, а и ве штитат секојпат кога минувате низ невреме.
Дали може да ми дадете увид во Вашите активности како предавач на колеџот Беркли? Таму Вие имате дипломирано пред да му се придружите на Запа, а пред неколку години и Ве прогласија за почесен доктор на науки.
Предавам таму. Тоа што го направив беше да соработувам со Беркли за да направам видео за студенти, кои можат да го посетуваат курсот онлајн. Во основа им анализирам песна што ја напишав, „Frank“ од Ultrasound. Тоа е добар курс. Од време на време им се придружувам на студентите, можеби еднаш во еден семестар се наоѓам со студентите и зборуваме. Убаво е.
На Јутјуб има интересно видео каде што е прикажана Вашата колекција гитари. Има цел еден ѕид со гитари, кои повеќето самите ги имате дизајнирано. Што е тоа што Ве мотивира да работите на дизајн и изработка на гитари и опрема?
Toa што ме инспирира е потребата гитарата да функционира на посебен начин. Навистина не собирам стари гитари. Сакам гитари што имаат уникатна функционалност каде што само тие можат да направат нешто што другите не можат.
Затоа имам најразлични гитари почнувајќи од нешто наједноставно како JEM или гитара со 30 прага или гитара со тремоло или две, ситар гитара, Хидра гитарата. Сакам уникатни инструменти, кои ви овозможуваат да правите работи што не би можеле да ги правите на конвенционален инструмент.
Идејата е на право место, а потоа ја имав таа среќа да соработувам со таква компанија како Ibanez, кои се среќни да направат сè што мојот ум ќе смисли. Тоа резултира во сите тие луди гитари, но сите тие имаат посебна функционалност за мене.

Постојат луѓе што велат дека сè што може да се отсвири интересно на гитарата е веќе отсвирено. Какво е Вашето гледиште?
Веројатно истите луѓе веруваат дека универзумот е исто така ограничен. Никој не може да го исцрпи потенцијалот на кој било инструмент. Тоа е само кусогледост и е во ред. Повеќето луѓе веруваат дека таму каде што се во моментот, веќе дошле до завршната линија. Генерално, човештвото чувствува дека таму каде што е сега е местото каде што ни е наменето да завршиме, дека сме го достигнале највисокото ниво. Тоа е лудило.
Неодамна открија дека целата теорија за Големата експлозија е погрешна. Ајде да видиме, ајде да го откриеме потеклото на универзумот. Да, ние научниците можеме да го направиме тоа. Даваат теорија кон која секој се придржува со декади и декади, а потоа таа станува закон. Потоа, наеднаш, ќе испратат еден телескоп и упс, погрешивме во врска со потеклото на универзумот. Ова е неверојатно несвесно и арогантно да се верува дека човечкиот ум може да го открие потеклото на универзумот бидејќи сè уште сме постојно во развој и секогаш ќе бидеме. И знаеш што? Повеќе сте свесни за вашата сопствена еволуција и како што се движите напред поради што таму каде што сте сега е само привремено. Затоа, ако некој верува дека сè е веќе отсвирено на гитарата што можело да се отсвири, еве го мојот spoiler alert: греши.
Кој и да го вели тоа, може да земе една гитара и да отсвири нешто што никогаш претходно не било свирено на нивен начин. Ова е доказот за тоа.
Ненад Георгиевски