„Тешко е да се пишува за луѓе што ги познаваш и ги сакаш! Уште потешко е да се пишува за луѓе што добро ги познаваш и многу ги сакаш! Најтешко е да се пишува за луѓе што и многу добро ги познаваш и бескрајно многу ги сакаш!“
Се согласувам со Васко Шутаров, кој вака го започнува својот текст за каталогот по повод изложбата на Касиопеја Наумоска, која на 10 март ќе се отвори во галеријата на Кинотека насловена „30 години творештво“.
Едноставно, тешко се наоѓаат зборови со кои би се претставила енергијата на уметницата Касиопеја Наумоска.
Родена е во 1968 година, во 1993 год. дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во класата на проф. Рубенс Корубин, 2016 год. магистрирала Студии за култура на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје. Има реализирано над 40 самостојни изложби и перформанси во земјава и странство, учествувала во над сто меѓународни групни изложби во САД, Канада, Бугарија, Турција, Грција, Полска. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата за сликарство „Петар Мазев“ од Друштвото на ликовни уметници, во 2003 год.
30 години творештво за неа беа радост и одлука во миг да направи изложба со која ќе ја прослави својата неуморност и храброст да се справи со сите предизвици во животот.
На 10 март во Кинотека се претставуваш со изложба што ја наслови „30 години творештво“. Денес, по 30 години, какви сеќавања имаш, што преовладува во твоите мисли кога се потсетуваш на минатото, дали се тоа моментите на инспирација, процесот на творење, емоциите што доминирале, изложбите, колониите, организациски проблеми, третманот на општеството кон уметникот…
Секоја слика си носи личен белег, поттикнат од поривот, емоцијата што ме водела во создавањето. Имам слики, создадени одамна, но и нови, од кои не би се одвоила никогаш. Стојат околу мене и заедно си го живееме секојдневието. Имам слики, исто одамна создадени, а и нови, кои многу ги сакам, но си нашле нов дом за живеење.
Учеството на колонии е одличен старт за секој млад автор, да се запознае со колегите, а со самото тоа да се насетат и да се научат различни начини на творење. Сепак, ликовната уметност најчесто се случува зад затворени врати, а колониите се место за бесплатни лекции. Имав можност да запознаам врвни творци, легенди, не само од македонските уметници туку и многу од странство. Тие контакти и пријателства овозможуваат покани за учества надвор од Македонија, со што се збогатува почетната биографија на секој млад автор. Често се создаваат пријателства што траат со години, самата дружба на ликовните колонии овозможува еден поинаков, релаксиран, начин на творење, полн со разговори, музика, планови, идеи и незаборавни дружења. Сѐ уште сум гостин на колонии каде што повеќето од уметниците се познаваме и се почитуваме, муабетот ни е близок, хуморот, а тоа е сосема доволно за да се радувам на таквите средби.
Настојувам да ги елиминирам и да ги заборавам непријатните ситуации што низ годините сигурно се случувале. Што ќе ми се, да си ја трујам душата со нешто што поминало?! Та, нели, славиме живот.
Не сум те прашала, од каде љубовта кон цртањето, кога го откри тој порив во себе?
Потеклото ми е од Прилеп, а таму се бавиш или со тутун или со уметност. Излезе дека сум закачила некоја жичка што ја има во семејството генерации наназад, од музичари, архитекти, ликовни уметници, и неминовно, а и сосема нормално, беше да го фатам тој пат. Уште како мала присуствував на ликовните колонии во Прилеп, со часови седев во ателјето кај тетин ми и тетка ми и бев навикната на мирисот на сликарскиот материјал. Не само навикната туку и фасцинирана!
По колку години се претставуваш во Скопје, последната изложба (2020 година) ти беше во Прилеп на покана од тамошниот Центар за култура „Марко Цепенков“.
Како ти е конципирана оваа изложба, како пресек од 30-годишното творештво или претставување на најновите дела?
Последните претставувања во Скопје ми беа во 2016 година во Галеријата на МКЦ, а 2018-та во Клуб-ресторан МКЦ, кој сега веќе не постои. Гледајќи го просторот во галеријата на Кинотека, ќе има место да направам еден пресек на неколку постари дела, а сѐ друго е од последниве две години.
Знам дека одлуката за изложбата не ја донесе по долго планирање, туку импулсивно, како желба за славење на животот.
Не конкурираш за средства од Министерството за култура? Те разочарува ли нивниот однос и третирањето на уметноста, начинот на аплицирање или средствата што се доделуваат за изложба се понижувачки за уметникот?
Зошто одлучи сама да си ја организираш изложбата?
Неодамна објавив нова слика на социјалните мрежи со тематика што ја работев за дипломската работа на Ликовната академија. Тоа ме потсети на првата самостојна изложба во 1993 година, која исто беше насловена „Алтернативен ритам“. Оттаму и одлуката, 30 години активно учество на ликовната сцена во и вон Македонија е сосема пристоен повод да се организира изложба. Потоа сѐ тргна многу брзо и лесно. Да, оваа изложба ја организирам сама, но не би можела да се оствари ако коцките не се наредеа, отвореноста на Кинотека, текстови за каталогот, пријатели и колеги што безрезервно ме поддржуваат и со кои долгогодишно се познаваме и се почитуваме.
На конкурсот на Министерството за култура конкурирав за реализација на самостојна изложба надвор од Македонија откако добив лична покана од нашата амбасада во Виена. Последниве години нашите амбасади низ Европа го отстапуваат својот деловен простор за поставување изложби како дел од културната дипломатија на амбасадата. На лично задоволство, Комисијата од Министерството за култура реши да ја одобри оваа изложба. Изложбата ќе биде заедничка со Катерина Деспот, уметник, професор, другарка, со која заедно го направивме концептот за нашето претставување и ќе оди под еден наслов.
Околу доделувањето на средствата, во врска со реализацијата на изложбата, не ни конкуриравме за некои баснословни суми, тргнувајќи од објективни очекувања, дури побаравме и помалку од потребите за остварување ваков тип изложба.
Начинот,пак, за апликација е многу олеснет, нема гужви, чекање, па враќање по други документи што недостасуваат. Кај го имало тоа од дома да седиш и да аплицираш?
Колку е тежок тој пробив на уметниците вон границите и претставувањето надвор? Не е ли олеснат патот со социјалните мрежи или треба посебен талент и за нивно користење за таа намена?
Постојат повеќе начини за претставување надвор од граница, наједноставно е со учества на меѓународни симпозиуми и ликовни колонии. За самостојна изложба пожелно е да се има лична покана од местото или од галеријата на основа на која може да се аплицира за одобрување средства. Галериите доколку имаат интерес и побарувачка, од продажбата на делата понекогаш ги покриваат тековните трошоци, а некогаш сам ќе си го одврзеш ќесето.
Промената на животот со постоењето на социјалните мрежи е неминовна. Но, тоа не е знак дека целата уметност ќе се пресели исклучиво во виртуелниот простор. Уметноста или ликовното творештво, како изолиран момент во создавањето, со овој виртуелен начин на презентација само добива, се овозможува брза и широка интернационална публика.
Како се допира до публиката? Сликарот би требало да живее од својот труд, да ги продава своите дела. Колку е тежок тој процес за уметникот, затоа што е нешто сосем различно од начинот на кој тој размислува – визуелно, без математики и калкулации. Кој купува слики денес?
Не знам како се допира до публиката поинаку освен да се создава навика за посета на музеи и галери, нема рецепт за тоа, за секој автор има публика, но најубаво е да се фати редот уште од помала возраст, да се негуваат естетските вредности, а со самото тоа и да се изделка вкусот за квалитет.
Процесот, пак, ако зборуваме за создавање едно дело, не е воопшто лесен, потребни се многу часови физичка а богами и психичка работа, некогаш и пауза за да си дојде сѐ на свое место. Другиот процес или трговец поединец (едно време така требаше да се регистрираат самостојните уметници) е уште потежок. Ако споредам со пазар, треба и зарзаватот да има свои купци, достапна цена, маркетинг и среќа.
Кои се твоите идни планови, до каде си со остварување на желбата да имаш сопствено ателје.
Се замислив околу желбата за сопствено ателје и… не знам дали би можела да седам негде сама, не дека не е убаво, но навикната сум на ова темпо што не ми дозволува многу да се думам туку едноставно седнувам и сликам. Дури не се почестив ни со нов штафелај туку стариот го насликав и дојде како нов, на мое големо задоволство.
Илинка Делчева