Која е главната премиса? По цела една ера неказнива доминација на токсичниот маскулинитет, западниот свет доаѓа до пресврт и до постепена темелна промена на свеста за изградените обрасци и стереотипи по ова прашање. Ефектот на овие општествени промени и подигнувањето на свеста за женската позиција во светот управуван од мажи има централна позиција во оваа комедија. Се разбира, проблемот е сериозен, иако серијата го допира на комичен начин. Треба ли да се потсетиме на „ефектот на Вајнстин“ за да ја потенцираме сензитивноста на темата? Во 2017 година медиумите беа преплавени со јавни сведоштва на жени што со години биле сексуално злоупотребувани од американскиот филмски продуцент Харви Вајнстин. Следуваа уште ред други обвинувања на славни и етаблирани мажи од сите сфери, кои преку ноќ го губеа стекнатиот статус и углед поради сериозните обвинувања за сексуална злоупотреба. Сето ова го предизвика и формирањето на движењето #МеТоо што буквално го разбранува светот и ја покажа вистинската магнитуда на проблемот со позицијата на жената на нејзиното работно место, нејзината објективизација и изложеноста на неказниви чинови на сексуално вознемирување, сексуална злоупотреба, па дури и силување. Сите овие случувања беа погонска енергија за стимулирање на движењата во сите сфери на женските права. Паралелно, беа отворени прашања за нееднаквиот третман на жената на пазарот на трудот, но и на очигледната децениска непропорционална застапеност во сите општествени сегменти.
Во таквиот свет што постепено го менува светогледот во однос на местото на жената и женското прашање во општеството, четворицата главни јунаци и најдобри пријатели Луис (Феле Мартинез), Раул (Раул Техон), Санти (Горка Очоа) и Педро (Фернандо Гил) завршуваат на семинар за „деконструкција на сексистички свињи“. Никој од нив не е среќен со овој развој на настаните и потребата да им се променат дотогашните погледи на животот, светот и на машко-женските односи. Никој од нив не е среќен со губењето на позицијата на вродената машка превласт во општеството што се буди со степен на висока сензитивност на прашањата за родова нееднаквост. Можат ли да преживеат во средината што се бори и победува над сексизмот? Како да се прифати новата улога во која тие веќе „не го носат лебот дома“, заработуваат помалку од своите жени или не смеат да го прават „она што момчињата го прават“ без последици?
А кои се „алфа мажјаците“ во процес на деконструкција?
Најпрво, Педро ќе биде сменет од позицијата на главен извршен продуцент во телевизиската куќа и покрај тоа што е убеден дека заслужува унапредување. Тој ќе биде заменет од жена, бидејќи сопственикот смета дека компанијата треба да ги следи промените и да биде родово инклузивна. Шокиран од веста, Педро дава отказ и притоа ќе направи неколку сексистички ексцеси, со што уште повеќе ќе ја комплицира ситуацијата. Навикнат на луксузниот живот што го создал, сега неговата сопруга ја презема улогата на „глава“ во семејството. Таа ќе почне да придобива сè поголем број следбеници на Инстаграм и да заработува како инфлуенсерка, што ќе го фрли доминантниот Педро во уште подлабока сенка.
Ќерката на Санти доаѓа да живее кај него бидејќи никако не се согласува со својата мајка, а негова поранешна сопруга. Преселбата на тинејџерката ќе го соочи старомодниот Санти со цела низа промени што ќе го предизвикаат неговото машко его – новиот начин на дејтање преку социјалните мрежи, сексуалната флуидност и родовите идентитети. Поради тоа, ликот на Санти минува низ вистински ролеркостер од почетокот, па сè до крајот на сезоната.
Раул е сопственик на кафуле и вистински шовинист. Тој ја изневерува својата долгогодишна девојка и успешна адвокатка Лус (Кира Миро) со сопругата на својот бизнис-партнер. И покрај тоа, Раул сака да ѝ предложи брак и конечно да се смири со неа. Но, го очекува пресврт. Лус нема да ја прифати понудата и наместо тоа ќе му предложи отворена врска. Таа мисли дека е подготвена за сексуални искуства со други мажи, но не сака да биде неискрена со него и да го изневерува, а не сака ни да го изгуби. Раул е шокиран од понудата иако тој веќе одамна живее во „отворена врска“ без нејзино знаење. По извесно време, ќе се согласи на понудата откако ќе постави неколку строги услови.
Ќе го запознаете и ликот на полицаецот Луис. Тој е во долгогодишен брак со Естер (Ракел Гереро), има две деца и длабоко е навлезен во рутината на бракот, секојдневните работни обврски и грижата околу нив. Сè додека Естер не се почувствува смртно фрустрирана од запоставениот сексуален живот и не започне афера со својот фитнес-тренер.
Дали Педро, Санти, Раул и Луис ќе го поминат курсот за деконструкција на сексистички свињи? 😊 Ќе дознаете доколку ја изгледате првата сезона, иако веќе е најавено дека се подготвува и втора. За крај, јасно е дека „Алфа мажјаци“ не е серија без недостатоци. Но, бидете сигурни дека доколку ѝ дадете шанса ќе уживате во убавините на динамичниот Мадрид, ќе се расположите и ќе си го изострите сенсот за родова еднаквост и правичност. Посебно ако сте алфа мажјак.
Јосип Коцев