Пред неколку денови излезе второто ЕР на Гала Насева „Theaterepublik“, на кое се наоѓа нејзината авторска музика, компонирана за претставите „Лето во кое те нема“ и „Largime“/„Заминувања“, обете во режија на Драгана Гунин. Исто како и нејзиниот прв албум „Opus 1-8“, и овој е во издание на Шарла.
Откако ја запознав Гала, набрзо сфатив и дека станува збор за личност со многу богата креативност и чувствителност кон светот. Ова се забележува во нејзините композиции, или барем јас го забележувам – албумот изобилува со нежност и грижлива претпазливост што често ја асоцирам со минималистички уметнички израз.
Режисерката Драгана Гунин за музиката за овие две претстави вели дека „создавањето музика за „Лето во кое те нема“ значи нуркање во светот на еден пар, нивните очекувања еден од друг, препознавање на атмосферата што брзо се менува, но и со мотиви што се повторуваат и траат и по завршување на претставата можеби. Голем предизвик затоа што музиката тука е еден од клучните елементи.
Музиката за „Заминувања“ следи неколку приказни на жени од војната, различни, но во суштина со истата основа од болка и недостигање. Потребата за контраст присутна во самите приказни е најмногу изразена и поддржана од музиката.“
Се надевам дека сите ние што немавме можност да ги гледаме претставите кога тие премиерно се изведуваа, ќе можеме да го сториме тоа набрзо.
Претстави ѝ се на публиката на PopUp. Која си, што правиш, што мислиш?
Здраво ПопАп-џии 🙂 се викам Гала, понекогаш правам музика и звучни пејзажи за театарски претстави. Неодамна започнав со истражување на театарот во Македонија и во Босна и Херцеговина, на Институтот за словенски студии во Грац. Имам дневна „9 to 5“ работа како и многу други луѓе од Македонија што се занимаваат со каков било вид уметност.
Во последниве неколку месеци (или можеби, секоја зима) сум преокупирана со една важна работа што македонските институции ја занемаруваат, работа поради која допрва ќе ги почувствуваме штетните последици – загадениот воздух.
Каква е твојата приказна со музиката?
Приказната започнува во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје… всушност, не. Започнува во кујна во Карпош 2, со домашни концерти за баба ми и дедо ми. Потоа, продолжува во нижото музичко во Скопје, каде што имав професори и професорки покрај кои научив да ги сакам и убавите и тешките (речиси ненадминливи) моменти при свирење и пеење. За жал, во еден период за време на средно се преселивме надвор од Македонија и престанав да се занимавам со музика.
Потоа, продолжив со школување што сосема немаше врска со музика, но по некоја случајност, повторно го пренасочив образованието барем да има допирна точка со музичка продукција и звучен пејзаж, особено со музика за современ театар.
Неколку години пеев и во Женскиот младински хор при МКЦ, под водство на диригентот Сашо Татарчевски. Благодарејќи на хорското пеење, повторно почна да ми се раѓа желбата за создавање музика.
Во 2020 година, „Шарла рекордс“, независна издавачка куќа, го издаде моето прво EP-to/компилација од дела за театар „Опус 7/8“, а пред неколку денови го издаде и вторoто EP, Theaterepublik. Едно дело (создадено за концерт/перформанс во екот на пандемијата во 2020) може да чуете и на компилацијата на „Шарла“ за 2020-та — Sharla Ist Keine Kultur.
Ова е твојот втор албум со музика компонирана за театар. Која беше првата претстава за која компонираше музика?
Првпат создадов парче музика за еден танцов перформанс што се изведуваше во Гизен и во Франкфурт во 2019/2020 година. Перформансот се викаше Imaginery Confinements: Broken Fragments, и беше обмислен и изведен од кореографката Ана Клара Монтенегро. Драматургијата беше на Алис Нoгеира.
По што е специфична музиката за театар? Дали компонираш друг вид музика?
Театарската музика е специфична затоа што се создава со една првична цел – комплетно оформување на театарското искуство, и кај публиката, и кај лицата вклучени во процесот. Ги поддржува, но и ги подобрува наративните и емотивните елементи на приказната што се раскажува на сцената. Им помага на гледачите, но и на глумците, режисерот, како и на сите други во театарскиот процес да се поврзат со ликовите на сцената.
Со музиката, можете да создадете цел дијапазон на емоции – од напнатост и тензија, до возбуда, носталгија, тага… Музиката помага да се откријат и различни аспекти на ликовите на сцената; способна е да го поврзе гледачот со најдлабоките мисли и чувства на ликот.
Засега, немам компонирано друг вид музика. Допрва треба да научам уште многу работи во врска со создавањето музика – уште сум newcomer во овие води. Но, со опасна шанса да звучи клише – учењето никогаш не би требало да престане.
Како изгледа процесот на компонирање музика за театарски претстави?
Најпрво, режисерот те запознава со концептот на претставата. Потоа, го читаш сценариото, ги следиш пробите, и напоредно ја создаваш музиката. Во последните две претстави во 2022 година, освен авторска музика, заедно со режисерката Драгана Гунин избиравме и соодветни звучни пејзажи и атмосферски звуци, кои совршено ги комплетираа претставите. Понекогаш, атмосферски звук што трае неколку секунди може целосно да го смени доживувањето на гледачите.
Во твоите најлуди соништа, каде би се слушала твојата музика?
Баш во најлудите соништа, на Оф-Бродвеј (Cherry Lane, New York Theatre Workshop, Lucille Lortel…). И, секако, би било супер да може да се слушне и во повеќе театри низ Македонија и низ регионот.
Како може публиката на PopUp да те поддржи?
Со слушање на делата на Bandcamp-от на „Шарла“ — ќе ме поддржите и мене, а и „Шарла“ истовремено. Секако, и со гледање на претставите. Следењето на домашната културна сцена е самото по себе поддршка кон независните музичари и театарски дејци. Доколку некое мое дело ви се допаѓа, и само еден лајк и шер е баш cherry on top. 🙂
Клелија Живковиќ