По шест месеци пазуа PONDER на 28 март повторно организираше културен настан. Настанот беше насловен „Калеидоскоп“, а се одржа во „Порта џез“, еден од постарите локали во Битола, кои ја поддржуваат културата и отстапуваат простор за ваков тип настани. Ова беше четврти настан по ред и имаше аудиовизуелна тематика, исполнета со интензивни чувства и сонични пејзажи (како што напишаа PONDER на својата веб-страница). Во музичкиот дел од програмата настапи „Fließgewässer“ од Барселона, кој преку мистериозните и игриви електроакустични експерименти ни ја доближува непредвидливоста на иднината и важноста на моментот во кој се наоѓаме. Покрај него, како локална поддршка настапиja „Double F“, експериментално дуо од Битола, кое преку својот звук интензивно ја разложува реалноста на прости множители, не оставајќи никаков простор помеѓу. Покрај музичкиот дел, беше организирана и мала изложба на фотографии на Емилија Трајковска, која преку својот објектив ја доловува суптилноста и длабочината на секојдневието и ни ги доближува моментите што некогаш несвесно ги одминуваме.
PONDER е независна културна иницијатива, која има за цел да ја промовира, да ја создава и да ја артикулира живата уметност која, наспроти сите неприлики, никнува насекаде околу нас. Преку организирање културни настани, издавање печатени или мултимедијални уметнички форми, како и промоција на сè она што се смета како вредно од нашето опкружување, нивната цел е да се отвори простор за културата што се создава независно од сите доминантни текови. Оваа иницијатива својот прв настан го одржа минатата година на 25 март, па според тоа може да кажеме – Среќен роденден, PONDER!
На синоќешниот настан имавме можност да ја разгледаме изложбата на фотографии од младата фото-ентузијастка Емилија Трајковска и да поразговараме со неа за нејзината прва изложба:
Како дојде до идејата за изложбата?
– Идејата за изложба беше сосема спонтана, PONDER веќе долго време немаа објавено настан и пред околу еден месец ја видов најавата за денешниот настан и некако спонтано бидна тоа, благодарение на Бојан Станиќ (основач на PONDER).
Како твојата изложба се вклопува во овој настан, која е темата?
– Овој настан е промоција на помлади артисти со нови дела, кои досега не биле промовирани или изложени. Во однос на фотографиите нема посебна приказна, главно се кадри од секојдневието што нѐ опкружува, а кое мислам дека често не го перципираме. Заглавени во брзиот начин на живот, ситните убави работи често не ги забележуваме и не ги вреднуваме.
Кажа дека често фотографираш ституации и детали од секојдневието. Лесно ли беше да направиш селекција кои фотографии ќе бидат изложени?
– На почетокот немав некаков концепт, имав проблем да направам селекција. Изложените фотографии се веќе објавени на мојот инстаграм-профил, но никогаш досега не сум ги изложила вака физички, во печатена форма. Размислував за тоа кои се вистинските фотографии со кои би се претставила на еден ваков настан и одлучив да биде нешто едноставно и опуштено. Во целиот тој хаос кои кадри да бидат одбрани и кои заслужуваат место на изложбата, одлучив да биде како прошетка, неколку фотографии да опишуваат една приказна и така натаму, но независно од тоа која е мојата приказна, да има слобода во тоа гледачот сам да создаде своја приказна.
View this post on Instagram
Кој е насловот што го носи твојата изложба?
– До последниот момент изложбата немаше ни наслов, всушност сè уште нема, но, еве, ќе кажам дека некое квази име би ѝ било „Секојдневно секојдневие“, бидејќи и покрај тоа што фотографиите не се склоп на исти околности, сепак создаваат една целина.
Овој настан беше најмногу посетен од млади битолчани што уживаат во нови музички изведби и ја сакаат фотографијата. Младите музичари од бендот „Double F“ имаа енергичен настап во кој сите уживавме. Со нивниот необичен стил целосно го привлекоа вниманието на публиката. По нивниот настап следуваше изведбата на „Fließgewässer“, сите светла се изгаснаа и тој се појави на сцената со челна ламба, па почна да ги изведува своите експериментални звуци, беше необична и многу интересна изведба, која со внимание ја следевме сите присутни таму.
Од PONDER дознавме дека во иднина планираат уште поголеми настани, но не ни ги открија имињата на уметниците што ќе учествуваат, тоа останува изненадување, а нивните идни настани и случувања можеме да ги следиме на нивната фејсбук-страница или на инстаграм-профилот.
Текст и фотографии: Викторија Мачковска