Моќта на маската не е непозната тема во уметноста. На нивниот пат од спиритуалните обреди, преку театарот, па до филмската уметност, маските со себе носат огромен потенцијал да влијаат врз силата на уметничкото искуство, да предизвикаат страв, сомнеж, возбуда, смеа. Одбравме пет маски (иако ги има многу повеќе) што оставиле силна трага во седмата уметност.
„Формата“ – маската на Мајкл Маерс од „Ноќ на вештерките“
Маската на убиецот Мајкл Маерс од хорор-франшизата „Ноќ на вештерките“ е несомнено една од најзабележителните филмски маски на сите времиња. Нејзиното име е „Формата“ (The Shape), а застрашувачкиот ефект го постигнува со целосната безизразност, се разбира, поткрепена со ужасните и ладнокрвни потфати на мистериозниот убиец. Оваа маска има многу интересно минато. Тоа е, всушност, маската што актерот Вилијам Шатнер ја користел за улогата на капетан Џејмс Т. Кирк во „Стар трек“. Купена била за само два долари, а била избрана да биде дел од филмот „Ноќ на вештерките“ затоа што немала никакви фацијални карактеристики, но и поради лесниот начин на изработка. Продукцискиот тим само решил да ги отстрани веѓите и бакенбардите, да го обои лицето во бело и да ги обликува очите со помош на ножички. Истата маска ќе биде користена во сите продолженија на култниот хорор-филм, доживувајќи постепена прогресија во тоновите на бојата и староста на материјалот.
Маските од „Очи широко затворени“
Кој може да ги заборави маските од последниот филм на легендарниот Стенли Кјубрик, „Очи широко затворени“? Еден од клучните елементи што ја градат естетиката на овој филм во кој главните улоги ги толкуваат Никол Кидман и Том Круз се венецијанските маски. Целиот филм е исполнет со нив, а тоа секако придонесува за создавање елегантна и мистична атмосфера. Се разбира, меѓу нив најмногу се издвојуваат две маски, оние на главните улоги. Маската што ја носи Том Круз се вика „Лицето на Бил“ и е специјална рачна изработка на Картаруга. На маската се аплицирани елементи какви што се златен лист и макраме, кои ѝ додаваат дополнителна таинственост и убавина. Маската со пердуви што ја носи мистериозниот женски лик исто така се претвори во симбол на ноќните авантури на парот од „Очи широко затворени“. И оваа маска е дел од историската венециска традиција. Освен маските на главните протагонисти, во филмот дефилираат голем број други венециски маски што можат да се видат на традиционалниот Венециски карневал, какви што се маската на лекарот за чума, џокер-маската, маската Пјеро…
Маската „Локи“ на Стенли Ипкис од „Маската“
Ако постои филмска маска со карактер, тоа е секако маската Локи од филмот (и стрипот) „Маската“ со Џим Кери. Аутсајдерот Стенли Ипкис е досаден и повлечен банкарски работник, кој случајно ќе ја пронајде дрвената маска во близина на градското пристаниште. Кога ја става маската, Стенли се претвора во зеленоликиот бизарен шегаџија, чии реплики „s-ssss-ssss-sssss-smokin’“ и „somebody stop me!“ станаа дел од препознатливиот комичен вокабулар на Кери. Според филмската верзија, маската има потекло од Скандинавија. Направена е од дрво и има испакната триаголна форма со прав хоризонтален горен дел и со зелена боја. Во филмот, необичната маска потекнува од крајот на 4 век пр.н.е. и му припаѓа на нордискиот бог на огнот Локи. Локи постоjaно правел пакости, спротивставувајќи му се на својот татко Один. Според легендата, за да не биде казнет од Один, тој си направил маска за да слегува во човечкиот свет и таму да прави штети и незабележано да ја задоволува својата проблематична природа. Човекот што ќе ја пронајде маската на Локи и ќе ја стави на себе, ги добива својствата на немирниот и пакосен бог.
Маската (костимoт) на зајакот Френк од „Дони Дарко“
Една ноќ, чуден глас го буди Дони Дарко и тој ќе започне да разговара со зајакот Френк, кој ќе му соопшти дека за 28 дена, 6 часа, 42 минути и 12 секунди ќе биде крај на светот. Најпознатата реплика на зајакот Френк од филмот Дони Дарко е: „Зошто го носиш тој глупав човечки костим?“. Френк има средишно место во филмот и е главниот противник на Дони Дарко, јавувајќи се како главна сила што ќе ги движи настаните низ целото дејство. Страшниот зајак што го прогонува средношколецот Дони е дело на Април Фери, а за маската се одговорни скулпторите Дејл Р. Брејди и Роб Бурман. Актерот што го носи костумот на зајакот Френк е Џејмс Дувал. Ако сакате да дознаете нешто повеќе за значењето на ликот на зајакот во филмот, тогаш во една од рецензиите на Дони Дарко, потпишана од Џули Смит, ќе прочитате: „Ако мислите дека филмот е сериозно истражување на физичката/метафизичката реалност, ќе го гледате Френк како еден вид зајак-ангел. Неговата улога е да го води херојот да стане Божји инструмент. Бог сака да ја спаси Земјата, и за жал (или не) тоа повлекува Дони да изврши криминални и деструктивни дејства. Во овој контекст, грдоста на Френк може да се објасни како деструктивна страна на спасението. Ако не ви се допаѓа религиозното читање, може да го видите Френк едноставно како аналогија на Белиот зајак од ‘Алиса во земјата на чудата’. Белиот зајак имаше одредена загриженост за времето (‘Доцнам, доцнам на многу важен состанок’) и ја одведе Алиса во бизарен, алтернативен свет. Како и Белиот зајак, Френк е временски ограничен, има само 28 дена да го натера Дони да го спроведе планот.“
Маската на Ханибал Лектор од „Кога јагнињата ќе стивнат“
Маската на Ханибал Лектор исто така спаѓа во редот на најнезаборавните реквизити што некогаш се појавиле на филм. Асоцирана со неверојатниот талент на Ентони Хопкинс и глобалниот успех на „Кога јагнињата ќе стивнат“, маската на озлогласениот убиец има посебно место во филмската историја. Бидејќи ликот на Лектор е познат како човекојадец и сериски убиец, поради мерки на претпазливост, тој е принуден да носи маска, која на кој било начин ќе спречи напад врз оние што мора да разговараат со него. Изборот на оваа маска не бил едноставен. Дизајнерскиот тим морал да отфрли многу алтернативни решенија, за на крајот да се одлучи да создаде специјална маска за ликот. Секако, направиле полн погодок ако се земе предвид дека маската стекна огромна популарност иако се појавува само во една сцена од филмот.
Јосип Коцев