Неодамна ја гледав оваа не-толку-позната серија во продукција на НВО, за која воопшто не знаеме дали ќе има повеќе од една сезона бидејќи изворниот материјал е целосно екранизиран. Ја гледав паралелно со „The Last of Us“, иако нејзината премиера била пред неколку месеци, а ја снимиле во периодот на најтешките карантински мерки во Северна Америка. Иако иницијално „The Last of Us“ ми беше супер, откако ја почнав „Station Eleven“ некако престана толку да ми се допаѓа. Дури и со Педро Паскал во главна улога.
Двигател на дејството е актерската група „Патувачката симфонија“, која во дваесетата година по појавувањето на смртоносен вирус патува по патеката позната како „Тркалото“ (The Wheel) околу езерото Мичиген. Оваа група ги игра шекспировите претстави за преживеаните кои живеат во населби околу езерото, заедно со откачени костими кои се повеќе скулптури од облека и музика која оваа симфонија ја компонира за секоја нова претстава. Во текот на оваа сезона, симфонијата ја поставува „Хамлет“.
Мене лично ова ми беше доволно за да се навлечам. Но, кога на тоа ќе ги додадеме временски испреплетените дејства, мистериозните и навидум магиски ликови и предмети, како и мојот омилен дел – минималните CGI ефекти и фокусот на „направи сам“ естетика, добиваме приказна која и преку својот наратив и преку начинот на кој ни е прикажана, ја слави потребата за уметност како фундаментална за преживувањето на човечката раса.
Во “Station Eleven” гледаме човечка иднина во која постојат разни опасности и причини за страв, но го нема оној дистописки, воен момент на гледање на секој и сешто што е надвор од твојата група како непријател од кој треба да се заштитиш. Освен што е освежувачки пристап кон раскажувањето приказни во серија која е сепак американска продукција, тој остава многу простор приказната да се развива низ ликовите, нивните меѓусебни односи и внатрешни светови.
Во приказната, “Station Eleven“ е стрип кој постои во само неколку копии и кој се чини дека во себе има некои пророчки содржини. Протагонистката Кирстен (Мекензи Дејвис) чува една скапоцена копија која ја носи со себе повеќе од 20 години, а во првата епизода се појавува мистериозниот Дејвид (Даниел Зовато) кој често ја цитира книгата, без никаква очигледна поврзаност со неа, ниту пак своја копија. Кирстен, која игра улога на заштитничка на „Патувачката Симфонија“ и ликот на „Хамлет“ во истоимената претстава, веднаш настапува со недоверба кон овој новодојденец, кој без да вложува никаков труд ја придобива наклонетоста на Алекс, личност чиј однос со Кирстен се чини нездраво близок и недефиниран.
Не би сакала да продолжам да ви раскажувам бидејќи јас многу уживав гледајќи ја серијата без било какви информации околу дејството и би сакала да оставам простор тоа да им се случи и на други. Но, се надевам дека ќе си дадете шанса да се задлабочите во оваа прекрасна приказна полна со комплексни ликови, прекрасни пејзажи и многу помалку физичко насилство и долги, акробатски борбени сцени кои често доминираат во вакви серии.
Клелија Живковиќ