Џез фактори фестивал (Jazz Factory Festival) беше едно возбудливо искуство за сите што имаа можност да го посетат. Ова е шесто издание по ред, но она што ја дополни убавата атмосфера беше периодот во кој се одржуваше фестивалот. Велигденските празници толку многу ја полнат Битола што не би можела да замислам да живеам во толкав метеж постојано. Буквално секоја година голем дел од битолчаните што се иселени во други градови и во други држави за Велигден доаѓаат во Битола, а дел од нив со себе ќе понесат и друштво. Сите барови се преполни, толку многу што понекогаш е тешко да се дојде до пијачка. Оваа година токму во таа еуфорија се одржа и ЏФФ во Битолскиот театар каде што беше тешко да се најде празно столче. Мислам дека беше одлична идеја без разлика дали било намерно така испланирано или не. Тоа додаде на културниот и уметнички дух во градот.
Оваа година фестивалот го отворија Баба Сисоко, Тони Китановски и Васил Хаџиманов пред преполна сала. Започна концертот на Баба Сисоко, перкусионист и своевидна легенда во џез-музиката со потекло од Мали, кој свиреше на инструменти од неговата земја. Користеше тамани, перкусионистички инструмент што се свири обесен на рамо, исто познат и како токинг драм (talking drum) и еден жичен инструмент наречен нгони. Пред настапот музичарите потенцираа дека ова им е прв ваков настап и дека не правеле проби, а тоа можеше да се почувствува во текот на концертот. Најмногу се свиреа теми на Баба Сисоко и импровизираа врз нив. На повеќето песни ја охрабри и публиката да ги пее неговите теми и сите пеевме заедно со него. Имаше спуштање и кревање на атмосферата цело време, имаше и монотони моменти, но беше убаво искуство да се гледа и слуша Баба Сисоко. Тој е роден во Бамако, потекнува од родот на предците на малските Гриоти, чија должност во однос на традицијата е „да се помират срцата и душите“ како што тој изјави и додаде: „Мојата музика не ми припаѓа мене, туку им припаѓа на сите. За мене музиката е мир“. Хаџиманов и Китановски ѝ се веќе добро познати на битолската публика и препознатливи по својата музика.
По нивниот концерт следуваше настапот на Славен Љујиќ триото од Црна Гора и Баптист Хербин од Франција. „Славен Љујиќ трио со Хербин“ е проект што вклучува извонреден мултиинструменталист и композитор, Иван Марковиќ од Црна Гора на гитара и Тин Џаферовиќ од Хрватска на контрабас; Баптист Хербин (Париз, Франција) на алт саксофон и Славен Љујиќ на тапани, кој е основач на групата од Црна Гора. На овој настап во публиката забележав многу музичари од Македонија кои дојдоа да го проследат. Хербин е млад саксофонист за џез-музика и е извонреден музичар, во моментов едно од најактуелните имиња на џез-сцената. Од неофицијални извори дознавме дека биле заедно на турнеја и случајно се запознале на некој концерт или џем сешн во Берлин или Виена. Благодарение на таа средба се формирало прекрасно трио што звучеше најубаво, сите членови беа многу енергични и даваа свој печат. Свиреа различни теми, музика што доаѓа од сите нив и изгледаа како одличен склоп, многу енергично со современа и нова музика. Мене ова ми беше најубавиот настап на фестивалот. По главната програма следуваше споредната во „Порта џез“ бар каде што настапи „Arnau Garrofé Farràs Quartet“. Арно Гарофе е роден во Барселона, а својата кариера како музичар ја изградил во Холандија. За време на неговото образование во Хаг и Ротердам, настапувал во Холандија и во Белгија каде што му се пружила шанса да се запознае и да свири со голем број познати музичари, меѓу другите и поранешниот џез-гласник Филип Харпер.
Организатор и претседател на Џез фактори фестивал е професорот Сашо Поповски, кој изјави: „Целта за одржување на овој фестивал е да понуди нови културни настани и да го збогати културниот живот во Битола, придонесувајќи кон подобри културни можности за граѓаните и создавање позитивна културна атмосфера што ќе ги привлече и ќе ги задржи младите да останат и да живеат во Битола преку џез-културата како стожер на социјални општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество за сите.“
Вториот ден настапија Милан Петрович трио, кои отсвиреа свои теми, но настапот не беше многу енергичен, делуваше како отсвирено без желба, а на крај отсвиреа неколку преработки на познати песни што мене не ми се допаднаа. По нив настапија „Liquid Carpet“ од Словенија, фјужн џез-квартет. Само што почнаа да свират, се осети свежина и енергија во музиката. На почетокот музиката беше побавна, но потоа станаа динамични, саксофонистот користеше педалборд и различни ефекти што ја правеа цела музика уште поинтересна. Многу убави соло-приказни, проследени со експериментирање и ефекти. Тоа беше многу сензитивен настап, полн со жар.
На третиот и последен ден од фестивалот настапи битолска група составена од Здравко Стојмиров, кој го знаеме како актер од Битолски театар, Славчо Јовев и Пеце Брадата од групата „Фолтин“ и Давид Керлевски, млад пијанист од Битола. Директорот на фестивалот изјави дека овој бенд е намерно составен конкретно за овој фестивал и потенцираше дека сонувал за тоа да се појави битолски бенд на фестивалот. Беше интересно да се слуша нивниот дваесетминутен сет исполнет со музика и филмски реплики. По нив настапија „Џијан Емин квартет“ од Македонија, составен од петмина музичари: Иван Иванов – тенор сакс, Кирил Кузманов – алт сакс, Гоце Стевковски – тапани, Оливер Јосифовски – контрабас. Беше многу убав концерт со размрдани и игриви звуци. Очигледно беше колку уживаше публиката во нивниот настап, во еден момент сите се размрдаа и почнаа да танцуваат седејќи.
Викторија Мачковска
Фотографија: Вера Христовска