На почетокот од месецот што измина, од 1-ви до 4 ноември, во Лисабон традиционално се одржа 14-тото издание на Web Summit 2022, конференција на која 4 години по ред имав желба да присуствувам, a желбите се остваруваат!
Како дигитален маркетер што сака да е во тек со најновите трендови во глобалната индустрија за технологија, ова е една од конференциите што ми беше неколку години на списокот на настани што сакам да ги посетам. (checked ✔)
Благодарение на иницијативата Women In Tech, јас и мои пријателки од индустријата од Македонија успеавме да „фатиме место“ оваа година.
Ајде малку повеќе за настанот и за градот!
Лисабон е град во кој транспортот е многу лесен за следење, особено кога насекаде гледаш толпа од луѓе со акредитации на вратот како се движат во слична насока. Мора да одат таму каде што треба да одиме и ние, нели?
Уште тогаш, пред воопшто да пристигнеш на локацијата на самитот, се чувствуваш како да припаѓаш во некаква заедница, луѓето те подгледнуваат, ти го читаат името од картичката… Сознанието дека ова искуство го делев со уште 71.003 присутни, 2.296 стартапи, 342 партнерски компании и повеќе од 2.000 медиумски членови, прави да се чувствувам посебно. Фактот дека секоја година тим од 11.000 луѓе одново и одново учествува во градењето и во поставувањето на овој настан со сите негови хали, навистина ме импресионира.
„Форбс“ велат: „Web Summit ги обединува луѓето и компаниите што ја редефинираат глобалната технолошка индустрија“. Партнерите на Web Summit се движат од Fortune 500 компании до стартапи, а присутните ги претставуваат сите нивоа и сектори на глобалната индустрија за висока технологија.
Додека трае Web Summit, Лисабон е преплавен со убав метеж, позитивна возбуда, а туристите, како и локалците, се среќни. Низ разговор со локалците, ми открија дека градот буквално живее турбо овие десетина дена.
За време на нашиот престој имавме можност да се вмрежиме со жени и девојки од најразлични индустрии и да слушаме сесии што ги организираше заедницата Women in Tech поддржана од Toptal, како придружна агенда на Web Summit.
Сесија што во овој простор мене лично ми остави голем впечаток беше „Taјните на Тикток новинарството“ пренесени од новинарката и лингвистка Софија Смит Галер од Vice. Таа зборуваше како преку ТикТок, како релативно нов медиум што сѐ повеќе добива доверба од помладите генерации, доброто новинарство сѐ уште може да живее, правејќи импакт преку кратки видеосодржини што доволно ефективно и со точност ја продлабочуваат избраната тема.
Поставена како пионер во користење на оваа платформа за новинарство, ја има добиено наградата „Иновативност на годината“ од British Journalism. Нејзините видеа имаат повеќе од 150 милиони прегледи и штотуку беше прогласена за една од 25-те највлијателни жени во Велика Британија според „Вог“ за 2022 година.
Апликација налик Линкдин создадена само за потребите на настанот, колку е кул тоа?
За полесна навигација, настанот функционира со помош на апликација што овозможува пристап до сите сесии, говорници, компании, стартапи и учесници. Таму можеш да ги одбереш сесиите на кои сакаш да присуствуваш, индустријата што сакаш да ја следиш и да добиваш редовни известувања.
Сесиите меѓу кои јас лично навигирав, беа поврзани со флексибилна работа, фриленс, каде ќе се движи маркетинг индустријата, кои се следните трендови во технологијата и растот на економијата за креатори.
До самото отворање, не знаевме дека токму Олена Зеленска, првата дама на Украина, ќе го отвори настанот, a тоа го дознавме 3 часа однапред преку самата апликација.
Гледајќи ја Олена како смирено зборува и пренесува моќни пораки за тоа дека луѓето треба да летаат на Марс наместо да се упатуваат во своите подруми, колку е потребно целосно реобмислување на концептот „користење на модерната технологија само за добро“, и колку помош кон Украина во исто време значи и помагање светот да биде подобро место за живеење, додека притоа има војна во нејзината земја, се осетив како да сум дел од патување назад во времето, 80 години наназад, а во исто време го проследив со голема доза на воодушевување.
Нејзиното излагање можеш да го погледнеш овде.
Од организациски аспект, секогаш има простор за подобрување, кој во случајов е поврзан со долгите проверки и чекања пред да влезеш во Арената, бидејќи станува збор за огромен број луѓе собрани на едно место. Исто така, бидејќи се случуваат премногу работи во исто време, шансите дека ќе стигнеш да посетиш сѐ што си наумил се минимални.
На настан од толку голем карактер, тоа што најчесто би го слушнале како совет е да пренамените поголем дел од времето во вмрежување и во запознавање нови луѓе, а помалку време на сесии. Со ова не би се согласила во потполност, зашто токму тие сесии, во точно тој момент и таа средина за мене беа многу значајни и корисни (и не само поради моментот што гледаш во живо говорници како Nicholas Thompson, CEO на Atlantic или Neil Patel).
Ќе го споделам и искуството на мојата драга колешка Тања Тодоровска Малакјан, SEO менаџер и учесничка на овогодишниот самит: „Од самитот најголема придобивка имаат стартапите и инвеститорите – првите нудејќи продукт/решение, а вторите капитал. Колку и да беа ретки едукативните содржини, сепак, среќна сум што имав можност да чујам неколку врвни излагања од светски познати уредници, директори, професори, кои ја споделија својата експертиза, секој во својата бранша“.
Да, секогаш има можност да ги чуеш потоа во видеоформат, но самите излагања на говорници што најверојатно никогаш повторно нема да имаш шанса да ги чуеш во живо е инспиративно и охрабрувачко. Моето лично искуство беше баланс од двете, вмрежување со луѓе од индустријата и љубопитност да се научи нешто ново.
Она по што најмногу ќе го паметам годинешниот Web Summit:
- Storytelling или „Раскажување приказни“ беше тема број 1 сите 4 дена;
- Секој може да ја раскаже својата приказна на автентичен и едноставен начин;
- Елон Маск можеби е жешка тема во моментот, но многу светски лидери јавно изјавија дека не се согласуваат со него;
- 30% од луѓето го перципираат светот низ призма на чувства и емоции;
- Микроплаќањата се враќаат во игра;
- Gen Z ја движат иднината (и веруваат само на вести од проверен извор);
- Creator Economy ќе расте и ќе расте и ќе расте.
Дел од говорниците што значајно го одбележаа овогодишното издание беа Changpeng Zhao (основач & CEO на Binance), Eва Лонгорија (основач и актерка), Олена Зеленска (првата дама на Украина), Ноам Чомски (автор), д-р Сумбул Десаи (заменик-претседател за здравје во Apple) и уште 350+ други.
Неколку интересни бројки од Web Summit 2022:
🔥Повеќе од 30.000 жени и девојки присуствувале оваа година;
🔥560.330 прифатени конекции на апликацијата за настанот;
🔥Испратени 927.000 пораки на Web Summmit апликацијата;
🔥Вкупно 713 поставени штандови.
Како еден од најголемите tech-настани во светот, со добра организација, јасна цел и агенда, Web Summit е настан што вреди да се посети, и не само поради магичниот Лисабон.
Марија Јанеска
Марија е маркетинг менаџер – сака да раскажува уникатни приказни, да им помага на животни, многу да патува и да готви за семејството и за пријателите.