Меѓународната групна изложба „НА ЧИЈА СТРАНА СИ: За неврзаната деколонијална констелација“, преку делата на поголем број современи уметници и истражувачи, нашироко зборува за присуството на антиколонијални идеи и акции во неврзаната Југославија во самите процеси на деколонизација и како тоа наследство и знаење за (анти)колонијализмот и антиколонијалната солидарност е занемарено, па дури и избришано од денешното сеќавање. Интересно е тоа што за првпат во нашата земја се поставува изложба со ваква тематика, а целта е да се создаде енергичен и имагинативен простор за шпекулации за тоа какви би биле новите антиколонијални и антиимперијалистички неврзани, политички и уметнички, и како тоа би поставило поинаква перспектива за иднината. Нејзиното отворање беше повод за разговор со кураторката Ивана Васева (како кураторка се јавува и Бојана Пишкур). Изложбата „НА ЧИЈА СТРАНА СИ“ ќе можете да ја видите во МОБ до 12 декември, секој ден од 10 до 18 часот.
Гледано од специфичниот временски контекст во кој се наоѓаме глобално, како течеше процесот на осмислување и што ќе ни понуди меѓународната групна изложба НА ЧИЈА СТРАНА СИ?: За неврзаната деколонијална констелација во МОБ?
Оваа изложба се гради веќе една година, со истражувања првенствено за културната политика и за културните размени во рамките на Движењето на неврзаните земји (ДНЗ), и тоа во Државниот архив, архивата ЗаУм, достапните архиви и публикации, многу разговори и консултации со различни истражувачи и уметници речиси од целиот свет, но имајќи предвид дека тоа се случува во еден „апокалиптичен“ глобален геополитички момент – непремостлива нееднаквост и расизам, појава на нови форми на економска и политичка зависност, продлабочена климатска катастрофа и недемократија, засилени со подемот на десничарската политика.
Оттаму, изложбата што првенствено е истражувачка, зборува за осмислената стратегија на антиколонијалната политика што ја водела Југославија во екот на Студената војна, но и на деколонизациските процеси во светот, во контекст на сè уште присутните неоколонијални струи во денешниот свет. Затоа намерно напишав „изложбата планира да направи скок во времето“, акцентирајќи дека има настани на антиколонијална и (транс)националната солидарност, кои се заборавени и игнорирани од една страна (за среќа, не од одредени уметници и истражувачи), а се исклучително значајни во денешното реобмислување или деколонизирање на поимот на солидарноста.
ДНЗ потсетува дека на оваа почва постоеле идеи поголеми од тоа што сме сега, поканува критички да се преиспитаат зошто некои процеси се случиле и какви одговорности донеле преземените одлуки и се стреми кон тоа што можеме да бидеме – хумано општество што не зема само критичка дистанца, туку активен однос со обесправените и се бори против сиромаштијата, нееднаквоста и колонијализмот.
Секако, не со романтизирачки однос кон неврзаната констелација, туку со голема доза критичност, заради тоа што алтернативите во денешно време се многу малку.
Во изложбата се презентираат неколку дела од повеќе странски институции од Подгорица, Сантијаго и од Белград, потоа дела од современи уметници и истражувачи од Романија, Јужна Кореја, Србија и од Северна Македонија, како и дела од уметници создадени во активните денови на програмата за културни односи на ДНЗ, сето тоа придружено со многу архивски материјали.
На следниов линк можете да ги прочитате повеќе за целата изложба и за делата, а фотографии од изложбата овде.
Изложбата беше придружена со јавна програма во СКЦ „Јадро“. Раскажете ни повеќе околу тој настан.
Јавната програма што ја придружува изложбата се обиде да изгради привремен дискурзивен и критички простор за значењето на Движењето на неврзаните земји преку претставување неколку обемни и долгорочни истражувања. Ова се случува во контекст во кој ДНЗ беше и сè уште е ставен на маргините на политичкото и на уметничкото размислување, поради внатрешните консолидациски процеси, но и поради стремежите кон Западот и следењето на западниот хегемонистички уметнички канон. Од друга страна, потенцијалот на ДНЗ е голем, не само во можностите за неговото реактуализирање денес како некогаш моќна активна неутрална политичка платформа или третиот пат во периодот на Студената војна, и неговите економски, геополитички и културни придобивки, туку и како парадигма или лекција во време кога колонијализмот повторно стана повеќе од очигледен, а солидарноста таква каква што ја знаеме, ставена на тест. Што можеме да научиме од овие одлуки во минатото?
Сите презентации и дискусии можете да ги погледнете овде, прв дел и втор дел.
До крајот на изложбата, следува уште една јавна прошетка низ изложбата на 10 декември, со почеток од 13 часот.
Каква конекција прави изложбата помеѓу актуелните настани на геополитички и на општествен план и Движењето на неврзаните, кое преку Југославија е и наше директно историско наследство?
Одговорот на ова прашање го лоцирам во размислувањето на неколку истражувачи, кои имаат потемелен увид во работите и се занимаваат со години на темата на неврзаните. Гал Кирн и Славој Жижек размислуваат за историското наследство на Движењето на неврзаните во периодот на неговиот најголем подем (од неговото основање 1961 до 1991 година, да речеме) во контекст на војната во Украина како парадигма на активно градење мир кон која треба да гледаме, наместо војна, и на активен соживот, препознавајќи дека нашата борба треба да биде глобална. Според истражувачката Свапна Кона Најуду, неврзаната политика има наследство од провинцијализирањето на руските и на американските наративи и дека мора да ја прошири својата активна поддршка на постсоветските актери како поддршка на украинскиот суверенитет како цел само по себе бидејќи го афирмира поимот правда.
Еве сега гледаме од последните информации поврзани со војната во Украина дека активната неутрална политичка позиција на неврзаните што ги надминува воените блокови и суперсили сè уште постои само на некое теориско ниво.
Интересно е и што покрај силните антиколонијалистички заложби на земјава преку Друштвото на неврзаните на стара Југославија, изложбата и јавната програма на оваа тема за првпат се поставуваат кај нас. Каков е предизвикот да се биде дел од овие настани?
Да, изложбата и јавната програма за првпат на едно кохезивно и сублимирано ниво ја отвора оваа тема кај нас. Иако во земјава имало доста настани за кои не знаеме, делумно и поради тоа што нема доволно податоци. Покрај изразите на солидарност и поддршка за кои знаеме, како, на пример, масовните собири на кои присуствуваа десетици илјади демонстранти низ целата земја протестирајќи против атентатот на конгоанскиот претседател Патрис Лумумба во 1961 година во многу југословенски градови, протестите во 1964 година пред американскиот конзулат во Загреб против континуираната окупација на Конго, многу активности за солидарност меѓу африканските и југословенските студенти, имало и многу настани по ова прашање во уметноста и културата. Во Белград се одржувале Недела на Латинска Америка во 1977 година во СКЦ што ја испитувала антиколонијалната борба на различните милитантни герилски движења и Втора недела на Латинска Америка, на почетокот на 80-тите години на минатиот век, во Социјалистичка Република Македонија во 1981 година имало Денови на африканската култура (18-25 октомври) или Денови на кубанската култура со ретроспективна изложба на кубанскиот сликар Маријано Родригез, но за нив не можев да најдам многу податоци. Многу уметници, пак, од неврзаните земји доаѓале како гости на Струмичката ликовна колонија, на симпозиумот за скулптура Мермер и на Меѓународната сликарска колонија во Прилеп или на Светската галерија на карикатури во Скопје.
Уметниците од Македонија, кои се дел од оваа изложба, истражија и некои дополнителни активности како, на пример, Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков, кои зборуваат за Нафтениот комплекс во Багдад (подоцна Министерство за нафта на Ирак), кој претставува најзначаен архитектонски проект и реализација на македонската градежна оператива во оваа неврзана констелација и е авторство на архитектите Нако Манов, Дионис Андонов, Зоран Штаклев и Душанка Балабанова и соработниците од Институтот за студии и проектирање при градежното претпријатие „Бетон“ од Скопје, додека Ивана Сиџимовска, преку своето истражување го позиционира Музејот на современа уметност од Скопје како дел од глобалната картографија на уметничка солидарност иницирана и инспирирана од антиимперијалистичките и ослободителни борби. Во изложбата има и некои архивски материјали од муралот „Третиот свет во поход“ од Борко Лазески, изработен во Мексико во 1983 година.
Изложбите се бескраен терен за интерпретација од самите рецептори на уметноста, т.е. посетителите. Што се надевате дека ќе инспирира и ќе разбуди кај посетителите изложбата „НА ЧИЈА СТРАНА СИ“?
Се надевам дека ќе нè преиспита сите во каков свет би сакале да живееме и дека ќе се обидеме да го кренеме превезот на замижувањето, на себичното незнаење, одолговлекување, па дури и самоизолација, кои беа поттикнати и од (не)очекуваната пандемија на КОВИД-19, и ќе заземеме активен став. Се надевам дека и начинот на изразување солидарност и помагање на народите под колонијална доминација во рамките на ДНЗ, кој ги иницирал и првите процеси на деколонизација на уметноста и на културата како резултат на оваа антиколонијална политичка борба, ќе стимулираат повеќе дебати за важноста на уметноста што не е дел од западниот уметнички канон.
Како повторно да ги создадеме историските визии на неврзаниот интернационализам денес, кога има толку многу неодложни прашања?
Исто се надевам и дека ќе нè ослободи од предрасудите, брзите заклучоци и од желбата за конфронтација по секоја цена, и ќе нè потсети да дебатираме аргументирано и критички.
Јосип Коцев
Фотографии: Наташа Гелева