Беше прекрасно да се доживее стариот, добро познат простор трансформиран во нешто сосема ново. Бевме навикнати да го гледаме паркот празен и тивок, посетен само од пензионери што се шетаат или спортисти што џогираат, но кога повеќе ентузијасти заедно одлучуваат да создадат нешто ново, тоа е можно. Што би му прилегало на градски тивок парк повеќе од фестивал под отворено небо?
„Парко 2047“ е името на фестивалот што во август годинава се одржа за првпат, а идејата е понатаму да расте и да се случува секоја година во август. Оваа иницијатива ја создадоа млади битолчани, кои го согледаа потенцијалот паркот да прерасне во простор во кој уметниците би имале можност да се изразуваат, а другите да уживаат во нивните музички настапи, изложби, перформанси и слично. Инспирацијата доаѓа однадвор од нашите простори, по примерите на функционирање на парковите низ Европа и Америка. И јас самата сум имала можност да ги посетам Централ Парк во Њујорк и Голден Гејт Парк во Сан Франциско, во кои секој дел е исполнет со некакви случувања, а најмногу од сè, овозможено им е на уметниците да изведуваат и да продаваат свои дела. Исто така, секој минувач и посетител има можност да си купи по некој пијалак и храна од подвижните барови.
„Парко продукција“ е нова граѓанска организација, која цели да ја поттикне и да ѝ даде гласност на културата на новото време која ја создаваат младите, а и да ја афирмира кај повозрасните генерации. Па, така, минатото лето во паркот се создаде платформа за размена на идеи, знаења и забава, сè на едно место.
Фестивалот изгледаше магично, а паркот беше полн со посетители. Сите организатори и учесници заедно успеаја да направат настан на кој ништо не му недостигаше: киосци со храна, штандови за пијалаци, забавни игри, музика, прекрасни светла и широк простор за одмор.
Ми беше особено мило што го посетив овој фестивал заедно со колеги од Швајцарија, Шпанија и Србија, со кои заедно работевме на еден проект во тој период, кои беа воодушевени од тоа како изгледаше нашиот парк.
Во изминатиот период имав можност да поразговарам со дел од организаторите, кои велат дека ако отсега интензивно работиме на вакви креативни проекти, имаме шанса до 2047-ма да станеме „арт град“, град на интересни културни настани надвор од познатите клишеа, со разбирање и за културата и за супкултурата, посветени на креативна програма насочена кон младите луѓе, кои доколку ги прашате, ќе ви кажат дека многу малку, речиси воопшто нема настани што се во нивниот фокус, па затоа ја заменуваат Битола за Скопје, Солун, Софија, Белград и Тирана, а оние со повеќе материјални средства веќе патуваат или заминуваат на Запад, за да уживаат во културата што ја создаваат некои други градови и некои други нации.
Затоа, ајде да се радуваме на оваа иницијатива што успешно се реализира, и на она што следува, а тоа е нејзиното ново издание. Темата на ова издание ќе биде „SPACE“ и, во духот на оваа продукција, за времетраењето на фестивалот Градскиот парк во Битола ќе биде центарот на вселената опкружен од соларниот систем како сектори во него. Како тоа ќе изгледа, можеме само да замислуваме и со нетрпение да го чекаме следниот фестивал.
Во меѓувреме, оваа продукција организираше настан во „Јагода клуб“ каде што настапија диџеи што се дел од „Парко 2047“. Нивната радост и динамичен дух успешно го пренесоа во диско и сите заедно уште еднаш уживавме во летниот фестивал, но овој пат во декември. Диџејот од Македонија и диџејот од Грција успешно го оживееја летото во сите нас што бевме присутни во клубот и беше особено пријатно да се види како подиумот беше полн со луѓе што знаат како да се журкаат.
За крај, споделувам изјава од организаторите:
Ако зборуваме за култура постојано, треба да мислиме и на една поинаква култура, надвор од официјалните програми на културните институции што се буџетски под капите на државата на различни начини, мора да мислиме и на создавање нови вредности преку експерименти што младите генерации на тема „своја култура“ ненаметливо ги создаваат, ако сакаме да ги имаме како активна, а не како уште една изгубена генерација.
Викторија Мачковска
Фотографии: Парко Продукција