Низата на уникатни концерти на ЗЏМ Биг бенд со познати балкански и светски музичари е дополнета со „Чудо на Балканот“, кој ЗЏМ го реализира со славниот балкански музички феномен – Рамбо Амадеус. Аранжмани на селектирани песни за концертот со Рамбо Амадеус направија Гордан Спасовски, Владимир Николов, Сашко Николовски, Дамир Имери, Иван Петровски, Владимир Ботев, Џијан Емин, Трајче Велков. Станува збор за 15-ина композиции кои го опфаќаат периодот на целокупното творештво на Рамбо во изминатите 30 години. Задоволството на сите музичари што се вклучени во реализацијата на концертот е огромно, а со Гоце Стевковски, претседател на Здружението на џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ), откриваме детали од соработката со Рамбо Амадеус, а зборуваме и за другите активности на ЗЏМ.
ЗЏМ влезе во нов уникатен проект насловен „Чудо на Балканот“. Како воопшто дојдовте во ситуација да имате заеднички концерт со Рамбо Амадеус?
– По серијата успешни настани, почнувајќи од фестивалот „Today It’s All About Jazz“, кој традиционално се одржува на 30 април, потоа концертите со Биг бендот на ЗЏМ, кои секогаш програмски се уникатни, изборот да направиме заеднички концерт со Рамбо некако сам се наметна. По повеќе меѓусебни разговори со дел од членовите решивме дека ова треба да се направи и потоа следуваше акција. Рамбо е еден од најоргиналните артисти на Балканот, кој има направено сериозно влијание со неговиот вкупен артистички ангажман, па оттука реализацијата на концертот го сметавме за вистинско чудо.
Рамбо Амадеус има разбирливи и јасни стихови, но комплексна личност. Како се одвиваа договорите околу аранжманите на песните што се дел од концертот „Чудо на Балканот“?
– Иако важи, како што велите, за комплексна личност, мислам дека од прва ја препозна идејата. Подоцна, кога навлеговме во процесот на работа, имавме неколку онлајн состаноци, каде што заеднички со аранжерите се разменуваа предлози и беа договорени решенија за дел од композициите.
Не е првпат ЗЏМ да настапува со познати и славни личности од балканската и светската музичка сцена. Меѓу најголемите беше настапот со џез-легендата Курт Елинг. Што за ЗЏМ значи учеството на концерти од ваков тип?
– Биг бендот на ЗЏМ, како млад оркестар, за овој период од постоењето имаше повеќе настапи со светски и европски солисти од рангот на Дон Менза, Франческо Беарцати, Курт Елинг како Греми-добитник за 2021 и 2022 година, диригентот Зиги Фајгл, а сега и со Рамбо Амадеус, па следува Луис Бонила, кој е еден од најдобрите светски тромбонисти и композитори, а доволно е да спомнеме дека е еден од членовите на Чарлс Мингус Биг бендот, итн. Според мене, од овие настапи најдрагоцени се размената на знаење и искуство. Со самото тоа што Биг бендот настапува на вакви светски концерти треба да е јасно за каков квалитет станува збор. Учеството на ЗЏМ Биг бендот на концерти од овој тип е од големо значење за нас, бидејќи овие настапи придонесуваат кон подобра афирмација на македонските музичари и култура.
Минатата година ја основавте дискографската куќа „ЗЏМ Рекордс“. Со каква цел и колку изданија до сега се објавени под вашата етикета?
– „ЗЏМ Рекордс“ ја основавме за да може полесно да се движи процесот околу издавањето музика од нашите автори, а до сега под капата на „ЗЏМ Рекордс“ се издадени седум изданија.
Во рамките на Здружението функционираат „ЗЏМ Колектив“ и ЗЏМ Биг бенд. Каква е динамиката на работата на овие состави?
– Знаете, кога станува збор за работата на Биг бендот може да се заклучи дека работиме постојано. Концертите кои ги правиме се единствена можност публиката да слушне нешто поразлично од веќе востановени форми на музичко изразување. Она што е вредно да се напомене е дека, покрај сите предизвици со кои се соочивме изминативе години, ЗЏМ Биг бендот не престана да функционира и нон-стоп работи на збогатување на својата продукција.
„ЗЏМ Колектив“ беше производ од ковид-ситуацијата, каде беше невозможно настап со големиот оркестар, односно Биг бендот. Тоа беше тригер за отворање на уште една можност за нас музички да го развиеме тој концепт. По неколку настапи на фестивалот „Денес сѐ е џез“ (Today It’s All About Jazz), „Скопско лето“ и на други отворени простори, дојдовме до идеја да направиме концерт на „ЗЏМ колектив“ со „Стрингс оркестар“, составен од нашите најдобри инструменталисти од двата оркестри на Македонската опера и на Филхармонија. Овој концерт беше реализиран на фестивалот „Охридско лето“, кој воедно беше најпосетен настан за време на фестивалот и имаше фантастична критика. По ова следуваше настап на фестивалот „Синедејс“ во паркот на МКЦ. Веќе за следната година размислуваме да направиме нов концерт со нова музика за „ЗЏМ Колектив“ и „Стрингс ансамбл“.
Како Здружение кое постои веќе шест години, успеавте ли да се вмрежите во некоја од европските или светските асоцијации/мрежи на џез музичари?
– Здружението на џез музичари (ЗЏМ) веќе три години е член на Европската џез мрежа. Поради ситуацијата со ковидот минатите години не бевме во можност да учествуваме, така што за првпат оваа година имавме можност да бидеме дел од конференцијата на Европската џез мрежа, која се одржа во Софија, Бугарија. Морам да кажам дека да се биде дел од ваква мрежа е голема работа, особено што таму членуваат најголемите европски фестивали и асоцијации. За време на конференцијата успеавме да направиме бројни контакти, со што во иднина би можело да ја прошириме нашата соработка.
Тони Димков
Портретна фотографија: Маја Аргакијева