Нисколигашот во сопственост на холивудските ѕвезди, Рајан Рејнолдс и Роб Мекелхени, ФК Рексам ја освои првата лигашка титула од далечната 1978 година и обезбеди враќање во четвртата англиска лига по долга пауза од дури 15 години. Велшкиот клуб го совлада Борем Вуд на домашен терен и постави нов рекорд од 110 освоени бодови во една сезона.
„Сѐ уште сум под импресии и не можам да објаснам што се случи вечерва, без зборови сум.
Но, едно нешто кое постојано ми поминува низ мислите е прашањето кое ни го поставуваа на почетокот односно „Зошто баш Рексам?“ и ова што се случи вечерва е вистинскиот одговор на тоа.“ – Рајан Рејнолдс за БТ Спорт по историскиот триумф
Иако, британската јавност ги дочека Рејнолдс и Мекелхени со голема доза на скептицизам пред три години, тие веднаш ги освоија симпатиите на навивачите и полека, но сигурно го променија мислењето на пошироката јавност. Оваа сезона, актерите т.е. сопствениците беа присутни на голем дел од натпреварите на Рексам во живо и нивните страстени прослави и разочарувања од трибините демонстрираат дека сѐ поемоционално се вложуваат во фудбалската игра. Исто така, срдечниот однос на холивудските ѕвезди позитивно ги изненади играчите и останатите вработени во клубот како и локалните жители.
Рексам ќе продолжи со високите амбиции за доближување и искачување кон врвот на фудбалската пирамида во Англија, а во меѓувреме, репутацијата и следбениците на клубот вртоглаво растат и на летната претсезонска турнеја во САД тие ќе одиграат пријателски натпревари со премиерлигашите, Челзи и Манчестер Јунајтед.
Филип Мишов