Колку луѓе со еднаков или поголем интелект на Ајнштајн умреле работејќи во фабрика? Колку одлични музичари немале можност да се пробијат и престанале да творат? Фестивалот Мент во Љубљана е засегнат со второто прашање. Тој е т.н. showcase музички фестивал. Односно, преку ден има панели со разни професионалци од музичката индустрија, а навечер има концертна програма, која е во голем дел составена од помалку познати артисти. Како најголемиот showcase фестивал на Балканот, Мент претставува битна шанса артисти да стигнат до малку подалечни и важни уши. А оваа години имаа шанса дури два одлични македонски артисти да се покажат. Навидум звучи како стресен тест за изведувачите, но моите впечатоци од атмосферата во Љубљана тие три дена кога се одвива фестивалот, ми побудија секакви емоции освен тензичност – преовладуваа чувства на интимност, возбуденост и надеж.
На првиот ден на овогодишното издание на фестивалот кое се одржа во март, настапија францускиот психоделичен поп-бенд La Femme во култното Кино Шишка. Тие дефинитивно беа најпознатото име на програмата: најчесто на отворањето на фестивалот настапува headliner-от. За жал, авторот на овој текст не присуствуваше на првиот ден на Мент. Но, сметам (или барем така се убедувам кога се нервирам што не купив карти навреме) дека вистинскиот дух на Мент се наоѓа на вториот и третиот ден, кога концертите се распространети низ повеќе места и свират помалите артисти.
Вториот ден повторно започна во Кино Шишка, каде што настапи Британецот Wu-Lu со својот бенд. Тие беа чудна, но некако природна и неисфорсирана мешавина на панк, рап, реге, и сè друго. Беа одлична доза енергија за почеток на вечерта – жестоки, атмосферски, емотивни и неочекувано сензуални. По нивниот настап, долу по скалите можеше да се најде Дина Јашари, првиот од двата претходно споменати македонски артисти на програмата. Долната сала беше совршена сцена за нејзината музика – интимна и топла. Секогаш се чувствува една таква искреност во песните и настапите на Дина, што тешко е да не ти го фати вниманието. Иако сум ја гледал многупати во Македонија досега, прекрасно беше да се види дека нејзината енергија ги преминува и јазичните бариери.
По настапот на Дина полека почнаа многу од посетителите полека да фаќаат автобус накај Метелкова. Станува збор за автономен културен центар, сместен во бивши касарни на ЈНА кои биле преземени од уметници во 1990-тите. Оттогаш важи за најживото место во Љубљана, полно со секакви уметнички манифестации, од концерти до изложби во неколкуте локали што ја сочинуваат Метелкова. Убавината на користењето на овој простор за фестивал како Мент е што може лесно да се скокне од место на место, од бенд на бенд, без големи патешествија од една до друга сцена, како што знае да е проблем на поголеми фестивали. Собирањето пред сите локали, среќавање луѓе, дискутирање со нови и стари познајници кај да се оди следно – тука лежи срцето на фестивалот.
Сепак, најмногу останавме во локалот Menza pri koritu. „Мензата“ е релативно мал простор, каде што траги од историјата на овој простор како касарна се познаваат, меѓу другото, во форма на метални столбови по неговата должина. Дури и на сцената има еден незгодно поставен столб, кој секој артист на свој начин учеше како да најдобро се избегне. Можеби токму таа партизанска атмосфера ги инспирирала организаторите да ги стават повеќето поагресивни/панк/пост-панк бендови баш во оваа просторија. Двата бенда што ја заземаа оваа сцена првата вечер беа од малку постара школа на алтернативната музика. Први настапија Словенците Svojat. Секоја песна беше истражување на 5 музички света истовремено, растргната меѓу сите, наоѓајќи убавина и хумор во тоа да е на граница меѓу игрива и одвратна. Бендот си отсвири хируршки прецизно, без многу зборување, чао пријатно. Следни ни ја збогатија ноќта Естонците Zahir. Тие се активни од 90-тите, но првите официјални изданија им се тек од 2018-та. (Најгледаното видео на Јутјуб од нив се вика „Zahir – (Unknown Track, 1994)“.) Веднаш се позна дека се бенд што долго и добро се познаваат. Низ сите чудни ритми низ кои пловеа, во ниеден момент не се изгубија, звучејќи намерно како да се пред распаѓање. Двата настапи беа одличен пар – со слична музичка теза, но секој со свој дух.
Во Gala Hala, пак, исто на Метелкова, свиреа францускиот психоделичен рок-бенд Unschooling. Претставија пријатно освежување по нападот на сетилата во Menza со Svojat и Zahir. Свиреа игриви песни со возачки ритам и откачени гитарски линии со добро заслужени моменти на возбудлив рок („King Gizzard!“, како што некој се издра од публиката). По разочарувањето на пасивноста на словенечката публика генерално во текот на вечерта, се обидовме јас и другарите со кои бев дојден да ја започнеме, како што отпосле ја нарековме, „првата шутка во Словенија“. Публиката не беше баш највоодушевена од нашиот подвиг.
Следниот ден забележав дека во програмата имаше низа настапи од светот на новокомпонираната класична музика. Бев заинтригиран од самата идеја да слушам класична музика на фестивал, а не во „сериозна“ сала каде што владеат построги правила на бонтон. Просторот во кој беа сместени овие концерти исто ми фати око – стара фабрика за шеќер пренамената во огромна галерија. Од моментот кога влегов во неа, знаев дека присуствувам на нешто посебно. Самата просторија беше веднаш впечатлива. Имаше катедрално висок таван. Многуте големи прозорци наредени ѝ дадоа на светлината на попладневното сонце да ги исшари ѕидовите. А целиот простор беше обземен од музика со многу големо срце и силен пулс. Посетителите, кои седнати на под, кои стоеја, беа собрани околу сцената со ококорени очи. Мал ансамбл од пет инструменталисти на чешкиот композитор Floex нè водеа низ нивниот пејзаж. Мелодиите ми будеа чувства како да сум во некоја шума, соочен и со нејзината природна убавина и со нејзините темни затскриени ќошиња. Но, ќошињата не беа страшни, туку беше возбудливо да се истражат токму поради тоа што љубопитноста те води кон тоа да видиш што кријат. Заклучок: треба повеќе да ѝ дадам шанса на класичната музика.
По тој концерт пристигнаа момците од Луфтанза, еден од најбитните млади македонски бендови во моментов. Беа во исчекување на нивниот настап на полноќ во „Мензата“, нивната последна станица пред да се вратат дома од нивната прва регионална турнеја. Цела недела претходно свиреа секој ден низ Србија, Хрватска и Унгарија. Беа очекувано уморни, но и полни енергија од искуствата од патувањето и топлите реакции од разните публики. Се знам со повеќето членови на Луфтанза од средно школо, некои и од основно, и бев толку горд (но не можам да кажам и изненаден) што одлично им прошла турнејата. Едвај чекав јас и сите другари што дојдовме да ги подржиме да ги гледаме вечерта на толку битен концерт од нивната кариера.
Тргнавме накај Метелкова, кога фати силен дожд. Поради времето, атмосферата на Метелкова не беше толку живописна како претходниот ден – сите посетители на фестивалот беа прибрани по концертните сали, си ги сушеа јакните, бараа да не има некој вишок пар патики бидејќи стапнале во вир (како што му се случи и на еден од членовите на Луфтанза). Но, ова, пак, значеше дека салите беа пополни; музиката стана единственото засолниште.
Во Menza pri koritu повторно владееше панк/пост-панк. Свиреа феноменалните Клотљуди од Белград. Хипнотизирачки, малку гнасни и репетитивни (на најдобар начин), дефинитивно имаа еден од највпечатливите настапи. Фронтменот Милан лабаво ги пееше своите текстови и ѝ се обраќаше на публиката директно. Во еден момент Мартин, пејачот на Луфтанза, другарски му подаде пијачка од прв ред. Иако Словенците пак не беа најрасположени за играње и движење, ова не беше проблем бидејќи напред си бевме сами своја журка.
Конечно дојдоа Луфтанза на сцена. Дождот надвор стана посилен, салата внатре уште пополна. Како и секогаш, отсвиреа непоимливо добро. Има нешто толку драгоцено во нивната музика, што сè уште не знам како да го опишам (најверојатно затоа е и толку драгоцено). Може да се каже дека е психоделичен рок или пост-панк или да се набројат сите бендови што ги инспирираат, но тие се многу повеќе од само тоа. Едноставно си даваат простор на себе и на музиката да се изрази. Те држат за рака низ секакви емоции, и лесни и тешки. И бев најсреќен и горд „татко“ на свет кога по само две песни, еден млад Британец со кој се запознавме на фестивалот, кој е патем музички новинар за познато британско музичко списание, ми рече, „ова е без конкуренција најдобриот бенд на фестивалот!“. До истиот заклучок дојдоа и многу од музичките критичари што беа на фестивалот, како што се гледа во оваа и оваа статија. Луфтанза згазија во странство, но со поддршката (и играњето) од другарите дома покрај нив.
Колку и да е лесно да се отфрлат и да се исмеваат клишеата, тие често кријат вистини што циникот во нас има заборавено како да ги чувствува. Клишето што не можев да го извадам од мислите и чувствата за време на Мент беше: „Музиката ги спојува луѓето“. Го спои Британецот со музиката на македонскиот нов бран, мене со класичната музика и европскиот пост-панк, мене со Британецот. Самата музика на Луфтанза воопшто ме доведе да се довлечкам до Љубљана, која, пак, понатаму ми откри нова музика и нови искуства. Моќта на живо изведената музика е немерлива и секој заслужува можност да му ја покаже на светот својата музика, од опскурни Естонци до хипи Французи. Тука лежи срцето на Мент.
Текст и фотографии: Борјан Гаговски