Во текот на изминатата недела се снимаше долгометражниот документарен филм насловен „Фудбалското племе“ на неколку локации низ Скопје. Режисерите Сем Басет (кинематограф) и Сем Пери (тонец) пристигнаа од Алмерија, Барселона, Валенсија (Шпанија) и Неапол (Италија) каде претходно снимаа делови и се одлучија нивната европска одисеја да ја завршат во нашиот главен град. Но, која е инспирацијата и идејата за создавањето на филмот и зошто токму Македонија? Во ексклузивен разговор за „PopUp“ тие ни открија повеќе за нивниот проект.
„Јас и Сем (Пери) игравме фудбал заедно од многу рана возраст и ден-денес се потсетуваме како нашите родители страствено скокаа до теренот и најверојатно беа позаинтересирани за фудбалот од нас. Но, со текот на времето и ние се навлековме на фудбалската игра и дознавме за една книга „Фудбалското племе“ од Дезмонд Морис и таа е буквално за сѐ околу фудбалот освен за самата игра. Всушност, книгата истражува зошто токму фудбалот е најпопуларната споредна работа во светот од социјално-антрополошки аспект.“ – Сем Басет
Луѓето гледајќи фудбал искусуваат дијаметрално различни чувства од длабока тага до екстатична среќа, а дел дури и прераснуваат во големи религиозни верници или пак стануваат екстремно суеверни, сѐ со цел и верба дека тоа ќе им помогне на нивните миленици да победат на натпревар.
„Фудбалот е незаменлив спектакл за нас, луѓето и се игра буквално на секое парче земја низ светот. Фановите ги воздигнуваат нивните омилени играчи како да се богови, а од сите настани во човековата историја токму фудбалот привлекува најголема публика односно дури една ипол милијарда гледачи го следеа финалето од Светското првенство минатата година.
Сега, замислете ако вонземјани ја набљудуваа Земјата од вселената и забележеа толку луѓе како гледаат исто нешто, како ќе си го објаснеа тоа и што ли ќе си помислеа? Некаков свет танц или можеби религиозен обред?“ – апстракт од синопсисот за филмот
Режисерите опфатија неколку теми меѓу кои историјата на ФК Вардар и заедничкиот подвиг со навивачката група „Комити“ да го одржат клубот во живот, локалниот клуб – ФК Македонија Ѓорче Петров продолжува да им пркоси на големците со скромен буџет на домашен погон и легендарниот Дарко Панчев кој фудбалскиот свет го памети како напаѓачот „кобра“ во шеснаесетникот, влевајќи страв и немир помеѓу противничките дефанзивци и голмани.
„Почувствувавме дека фудбалската култура во Македонија е недоволно истражена и дознавме колку всушност луѓето што следат фудбал и посебно навивачите што го бодрат омилениот клуб се страствени за овој спорт, а тоа искрено ние не го знаевме.
Се чувствува силно чувство на гордост, но не е само фудбалот бидејќи бевме и на ракометен натпревар и буквално останавме вчудоневидени од интензитетот на емоциите како страст и адреналин што луѓето ги вложуваат додека гледаат спорт. Искрено, не би можеле тоа да го споредиме со ништо од претходно виденото ширум Европа.“ – Сем Пери
Англичаните беа импресионирани од снимениот материјал и не ја исклучуваат можноста повторно да се вратат следната година пред да го завршат снимањето кое продолжува во Африка и Јужна Америка, а премиерата на филмот се очекува кон почетокот на 2025 година.
Филип Мишов