Беше многу пријатно да се присуствува на концертите на музичари што со задоволство настапуваа во нашиот град, атмосфера што се чувствуваше и во публиката и на сцената. Џоана Амендоеира, придружуванa од својот бенд, со својата фадо музика и целата енергија го означија почетокот на овој настан.
Оваа музичарка е една од најценетите пејачки на „новата генерација на фадо“ во Португалија. Родена е во Сантарем во 1982 година. Од најрана возраст пројавувала желба за пеење фадо и на само тринаесет години учествувала во „Grande Noite do Fado do Porto“, традиционално фадо шоу во Порто, каде што го добила првото место за најдобар женски изведувач. По оваа награда, таа продолжува да учествува во сите слични шоуа низ целата држава.
Во 1998 година, таа го прави првиот настап надвор од државата, а за тоа време го снимила и својот прв албум – „Olhos Garotos“ – со што станува најмладата фадо пејачка што издала свој албум.
Низ годините, Џоана редовно присуствувала во главните куќи за фадо музика во Лисабон. Таму имала можност да го споделува своето учење од најстарите пејачи и мајстори за музика. Сите го препознавале нејзиниот посебен глас и талент, затоа таа во 2012 година го издава – „More Perfect Love – Tribute to José Fontes Rocha“ – албум посветен на нејзиниот учител, еден од најдобрите композитори и инструменталисти на гитара во Португалија.
Џоана ја продолжува својата кариера со издавање нови албуми, соработка со врвни музичари и настапи низ Европа. Таа сè уште настапува, па така ја имавме честа да ја слушаме тука, во Македонија, во придружба на двајца музичари, кои таа ги најави како врвни гитаристи, едни од најдобрите во Португалија.
Нивниот настап беше полн со енергија, а пејачката ни препорача да не се трудиме да го разбереме текстот на музиката, кој беше на португалски јазик, туку да ги отвориме срцата и да дозволиме до нас да допрат сите емоции што таа ги носи. Настапот беше воодушевувачки и полн со интеракција помеѓу изведувачите и публиката. На крајот сите бевме многу задоволни, па по силниот аплауз, Џоана и нејзиниот бенд одлучија да се вратат на сцената и да отсвират уште една песна. Беше многу убаво да се види колку почит и благодарност имаа еден кон друг. Пејачката неколкупати при гласен аплауз со раката покажуваше кон својот бенд. Таа потенцираше колку добри музичари се двајцата. Во еден момент ни кажа дека ќе нѐ остави да уживаме во нивната музика и таа се повлече од сцената накратко. Нивната комуникација се одвиваше преку „трзање“ на жиците и погледи, а тоа звучеше неверојатно добро. Кога завршија со изведбата, силно ракоплескавме, а тие покажуваа еден кон друг. Во тој момент се појави и Џоана, која гордо ракоплескаше и во нејзиниот поглед беше забележлива благодарноста и честа да соработува со такви музичари. Нивната енергија се пренесе и во публиката, која следните песни што ги отсвирија ги придружуваше со шлукање, а тоа ги почести изведувачите. На крај се заблагодарија и кажаа дека ова им бил еден од најпријатните концерти што досега ги имале. Во текот на концертот Џоана неколкупати ни се заблагодаруваше на македонски јазик. Исто така, на паузите помеѓу две песни пејачката ни ги преведуваше нивните наслови и ни раскажуваше за што се пее. Тоа го направи целиот настап уште поинтимен и сладок.
Фадо музиката допира навистина длабоко и носи смирување и присутност што ни овозможува целосно да се посветиме и да ја слушаме. Се чини дека овој тип музика, која е традиционална музика на Португалија, го рефлектира духот на целиот тој народ, за кој често можеме да слушнеме дека се позитивни и насмеани луѓе. Токму така изгледаа и овие изведувачи од првиот момент кога се појавија на сцената.
Од Центарот за култура на Битола, по концертот изјавија:
„Фадото е дишење. Тоа тип музика што зборува за животот и ги спојува сите чувства во едно. Има многу чувства што треба да се истражат, како среќата, радоста, љубовта, страста… Фадо изведувачите ѝ ги пренесуваат овие чувства директно на публиката. Тие се видливи додека се на сцената. Џоана со својот исклучителен вокал ја воодушеви публиката и покажа од каде е нејзината неверојатна интернационална кариера. Среќни сме што прифати да настапи на нашиот фестивал.
Текст и фотографии: Викторија Мачковска