Сè повеќе корисници на мегапопуларната платформа Нетфликс делат една иста констатација дека во изминативе години сервисот почна со праксата на сурова хиперпродукција на серии, потфрлајќи на полето на квалитетни сценарија, глума или пак, режија. Од друга страна, Нетфликс почна да продуцира навистина интересни документарни филмови и серијали кои пленат со иновативни моменти, врвна продукција и солидна, минуциозна разработка на темите и приказните што ги опфаќаат. Една од таквите квалитетни мини-документарни серии е шестделната „Дневниците на Енди Ворхол“. Документарната серија „Дневниците на Енди Ворхол“ е базирана на неговата истоимена книга од 1989. Самиот уметник е и наратор во серијата, а за да се постигне неверојатната сличност со неговиот природен глас, користена е вештачка интелигенција. За таа цел е употребен гласот на актерот Бил Ирвин, кој потоа е модифициран до deep fake степен со што мошне автентично е доловен специфичниот тон и боја на гласот на уметникот, па така, додека го гледате серијалот, имате чувство дека низ содржината на дневниците ве води лично Енди Ворхол. Без да се задлабочуваме во мрачниот карактер на deep fake технологијата, крајниот ефект од овој документарец, во случајов ни дава право да ѝ се заблагодариме за креативното воскреснување на гласот на Ворхол, иако мора да се спомнат и бројните критики дека гласот е монотон, безживотен и во целост не ја отсликува неговата природа.
Документарната мини-серија нуди фасцинантен поглед во светот на една од најинтригантните личности на XX век чиј артистичен хабитус е толку голем и комплексен што опфаќа мешавина од уметник, телевизиска ѕвезда, фотограф, режисер. Изненадувачки, сето она што е раскажано во документарната серија му помага на гледачот да оформи поцелосна слика за личноста и воопшто, за животот на славниот попарт уметник, која досега ни беше сервирана на распрскани парчиња, секогаш обвиткани со доза на збунетост, мистерија, недокажаност и ексцентричност. Централната тема е токму неговиот сентиментален живот, длабоката емотивна несигурност, потребата од човечки контакт, како контратежа на исто така, истакнатата и длабока самотија, сето тоа испреплетено и донесено преку еден многу деликатен опис на односите со неколку значајни фигури од неговото опкружување. Првиот од нив е Џед Џонсон, човекот кој го дефинира периодот по застрелувањето на Вархол од страна на Валери Соланас во 1968 и неговото закрепнување. Во овој период, по интензивната ера во „Фабриката“, Вархол му се посветува на сликањето портрети и сè повеќе се етаблира во високите њујоршки кругови. Неминовно, тој ја напушта оваа безбедна домашна територија и навлегува во турбулентниот ноќен живот преку честите посети на Студио 54. Тука започнува втората голема отсечка во дејството, наречена Џон Гулд. Низ делови од приказната на нивното познанство, ставени во историски контекст и измешани со уметничките активности на Ворхол, документарецот открива малку познати факти за интимата на уметникот, за кој долго време се веруваше дека е целосно асексуален или во најлош случај, перверзен. Приказната се движи од емотивни врвови до речиси целосно депресивни епизоди, со познатата проникливост на главниот протагонист кој до детали ги сецира репликите на неговите соговорници, како и емотивните ефекти на нивните постапки врз него. Затоа, слободно може да се каже дека „Дневниците…“ нудат широк спектар на емоционален набој, но и сурова реалност претставена преку детално опишаните двоумења, кризи, подеми и падови во животот на попарт мајсторот. Тоа движечко тркало што го носи гледачот час угоре, час удолу по вертикалата на неговиот емотивен живот, всушност е материјалот од кој е сошиена оваа приказна на вештиот режисер Ендрју Роси.
Уште една точка на фокус која остава голем впечаток е неговата блискост и соработката со младиот Жан Мишел Баскијат. Овој дел од документарецот не нуди целосно јасна претстава за нивниот уметнички однос, иако слободно може да се забележи дека во своите дневници, Ворхол остава агресивни и навредливи коментари за Баскија. Нивниот топло-ладен однос изненадувачки, секогаш успева да се врати во некои нормални размери и да резултира со ново надополнување на уметнички план.
Она што е важно да се каже, е дека преку влезот во неговото детство и словачкото емигрантското потекло, во филмот се доловува и желбата на Ворхол да се претопи со американското општество. Во воздухот како постојано да виси тоа негово незадоволство од нетипичниот изглед и перпетуалната потреба да изгледа „поамерикански“, нешто што ја создава магнетната привлечност токму кон таквите луѓе, кои подоцна му стануваат и предмет на опсесија и инспирација. Длабоката несигурност е постојан и неуморен двигател во неговиот личен живот, нешто што веројатно ќе има голема улога во оформувањето на неговиот уметнички профил, неговите разноврсни интереси и исклучителната естетика. Барем во филмот, успешно се истакнува тоа прелевање на огромната креативна енергија, од ведрото на разнишаниот емотивен живот директно во неговиот уметнички свет.
За крај, документарниот филм „Дневниците на Енди Ворхол“ конечно ни нудат можност да ја изградиме врската меѓу човекот Енди и творецот на супите Кемпбел, Мерлинките, Трипл Елвис… Ни нуди можност да го согледаме и историскиот контекст (посебно внимание во филмот е посветено на ширењето на СИДА-та во САД) во којшто создавал и да склопиме (ако не сите) барем дел од алките што недостигаа во поимањето на неговата комплексна личност. Оттаму, целосно оправдан е и слоганот што го објаснува филмот: „Уметноста што ја знаете. Уметникот кој не го знаете.“
Автор: Јосип Коцев