Џез-формацијата „Сетстат“ годинава одбележува 30 години од своето постоење. Место помпезно одбележување на јубилејот, бендот едноставно на својата публика ѝ го понуди својот десетти албум (пак јубилеј!). Концертното претставување на албумот се случи на втората фестивалска вечер на третото издание на „Крај Вардарот џез“. Како награда за публиката, но и за што поверодостојна изведба на својата музика, таа вечер бендот настапи во проширен состав, а беше изведена селекција на музички материјали од целиот тридецениски опус.
– Ние не сакаме да зборуваме за некаков „јубилеј“. Едноставно не се чувствуваме „престарени“ за оваа работа. Сѐ уште сме деца. Наталоженото искуство од годините, па ако сакате и од децениите, ни дава можност само поинаку да ги гледаме работите. Го завршивме нашиот нов албум „Соба 107“. Во настапот на „Сетстат“ интегриравме четворица млади македонски џез музичари, кои најдоа свој израз при снимањето на новиот албум. Многу логично за нас беше да ги поканиме на заеднички настап. Морам да признаам дека енергијата со која тие ни пристапија за нас е исклучително инспиративна – истакна Владан Дробицки, лидер на џез-формацијата „Сетстат“.
На новиот албум се објавени шест композиции кои ја потврдуваат музичката зрелост на членовите на бендот. Во основната формација на групата се Васко Бојаџиски на саксофон, Владан Дробицки на тромбон, Панче Бујуклиев на синтисајзер, Павел Дробицки на бас-гитара и Гоце Наумов на тапани. Инспирацијата за насловот на албумот ја добиле од собата во МКЦ во која го снимиле новиот материјал.
– Се работи за навидум најобична канцелариска просторија. Адаптирана (изнесен канцеларискиот мебел) е пред некое време во простор за вежбање на мандолинскиот оркестар. За време на пандемијата истиот престана да ја користи. МКЦ одговори позитивно на нашето барање за користење на собата. Се наоѓа веднаш до Џепното кино. Поминавме внатре доста време (20-ина дена). Иако акустиката внатре, навидум е грозна, непријатна, успеавме за релативно кратко време да составиме и извежбаме шест композиции, кои доволно ни се допаднаа за да можеме да ги објавиме. Просторијата е полна со позитивна енергија, претпоставувам, оставена од сите музичари кои имаат вежбано, подготвувано музика внатре, пред нас. Неверојатен простор. Нагалено си ја нарековме „собата“, а бидејќи во номенклатурата на МКЦ за истата стои бројот 107, логично ни беше албумот да се вика „Соба 107“.
Како гости на албумот се појавуваат Филип Букршлиев на гитара, Александар Златески на труба, Глигор Кондовски на виолина, Мицко Дамјановски на туба и Мирко Попов со семплови. Сите композиции на албумот се компонирани, аранжирани и изведени од членовите на „Сетстат“, а финалниот микс и продукцијата се на Владан Дробицки. Албумот е објавен како 37-мо издание на „ПМГ Џез“, а на концертната промоција бендот настапи во проширен состав.
– При снимањето на албумот, заклучивме дека би било добро аранжманите на композициите да ги експандираме по вертикала. Почнавме да наснимуваме инструменти. Во некои композиции дојдовме до повеќе од 30 линии, односно инструменти. Предизвик беше дел од оркестрацијата да се преточи и на настап – објасни Дробицки.
Во однос на фестивалот „Крај Вардарот џез“, каде Владан Дробицки е еден од неговите иницијатори, со третото издание беа опфатени и бендови од регионот, со што фестивалот влегува во нова фаза од своето постоење. Покрај домашните авторски проекти „Сетстат“ и „Тока Шитет“ (ака Идриз Амети, кој е познат и како фронтмен на групата „Бла-бла-бла“), настапија и гостите „Ејот“ од Србија, и „Спејс трио“ од Бугарија, на кое му се придружи младиот македонски басист Дени Омерагиќ.
– Соработката со соседните сцени годинава го интернационализираше фестивалот. Влезени сме во музичката мрежа „Мост мјузик“, што веќе претставува обврска за нас. Сметам дека вмрежувањето и размената со соседите е единствениот пат за излез од ќорсокакот во кој се наоѓаме повеќе години. Истовремено во „ПМГЏез“ сме посветени на развивање на домашната сцена, така што желбата ни е вклучување повеќе млади домашни артисти – посочи Дробицки.
Автор: Тони Димков
Фотографии: Татјана Ранташа