Да се долови духот на една таква богата и разновидна култура каква што е ромската, која на нашите простори дишела и се развивала слободно и паралелно со сите други, е навистина голем предизвик. Затоа, секој обид на еден млад уметник засекогаш да го преслика тој Zeitgaist во своето дело, притоа ставајќи и свој личен печат, треба да се поттикне и да се поддржи, бидејќи на тој начин се збогатува и се облагородува нашата колективна културна меморија. Токму тоа го прави младата Џемилиана Абдулова со својата книга „A Small Roma Memory Book“, а Private Print Studio е тука да ја поддржи и да помогне ова дело да ја види светлината на денот.
Станува збор за лична збирка текстови, изјави, слики и одбрана културна активност на ромската традиција, со која авторката пораснала како млада културна работничка. Според описот на книгата, „имајќи го на ум тоа дека ромската традиција претежно се пренесува усно, во книгата се поместени секвенци од спомени, парчиња што недостигаат, слики и значења, кои се испреплетуваат со приказни и текстови од одбрани ромски културни работници“. „A Small Roma Memory Book“ ќе биде промовирана на 3 јули 2023 година, со почеток во 19 часот во Private Print Studio. Тоа беше повод да разговараме со Џемилиана и да дознаеме повеќе за ова ново, интересно парче уметност.
Ромската култура, со сета своја отвореност и неверојатна способност за преживување и адаптација, опстојува со векови, рамо до рамо со доминантните култури на мнозинствата во различни држави. Што е тоа што го храни и го одржува тој културен дух на ромскиот идентитет „романипе“, според тебе?
Според мене, многу е тешко во пишана форма да се објасни и да се долови духот и суштината на зборот „романипе“. Тоа е начинот на живеење, културата, традицијата и сиот идентитет што го сочинуваат самите Роми. Романипе се живее секој ден, и во секој нас, длабоко во нашата душа го носиме истото. Начинот на кој јас живеам ќе го наречам модерен, но секогаш гледам во моето творење да има дел од мојот идентитет и од ромската традиција. Ние самите го храниме баш тој културен дух со инвестирање во него. Според мене, постојат премногу важни личности што долгорочно придонесоа културата да живее засекогаш, без разлика дали е тоа преку музиката, театарот или друга уметност. Сите мои колеги и предци дадоа премногу од себе за токму јас да стигнам дотука и да ја продолжам нивната работа на мој начин, со додавање нови работи, но без губење на истиот идентитет што го имаме.
Во твојата книга „A Small Roma Memory Book“, на некој начин ги лепиш и ги спојуваш парчињата од ромската култура и традиција што недостигаат (барем црно на бело), а што постојат во спомените и се прекажуваат само усно. Како го одбираш она што е вредно да се запомни и каже? Немаш ли страв дека нешто важно може да се биде пропуштено низ ситото на времето?
Стравот постои секогаш и ќе постои секогаш. Стравот кај мене, токму кога го почнав процесот со собирање на материјалите за книгата и одбирање на личностите што ќе бидат спомнати, беше преголем. Се плашев дали ќе успеам добро да ги доловам и да ги пренесам нивните емоции и ставови во врска на културата. Одбрав мошне различни личности, но сите премногу значајни токму за ромската култура. Вредноста се токму тие, нивната работа, нивните производи, нивните долгогодишни проекти. Во книгата има значајни имиња како театар „Пралипе“ и Сами Осман, оркестарот на Џамбо Агушев; Симеон Атанасовски со „Есмас бенд“, младиот дизајнер на ромски шалвари Муамед Маликовски и уште многу други. Премногу тешка одлука имав за да можам да ги вклопам сите творци во една мала книга што ќе биде премногу значајна. Испуштени личности или заборавени – има. Премногу е тешка самата одлука за да се стигне до одредена личност или до некоја информација. Ромската култура е премногу богата, има премногу работи за пренесување, многу работи за раскажување со голема љубов, бидејќи секој твори со голема љубов и страст.
Да, токму затоа што ромската култура е богата и сестрана, интересно би било да дознаеме кои се највпечатливите моменти или нови сознанија до кои дојде во текот на истражувањето, разговорите со застапените уметници и при изработката на книгата?
Процесот во кој истражував, за мене беше долг но значаен и многу интересен. Имав шанса да разговарам токму со моите идоли. Кога бев дете, едвај чекав да пораснам за да можам да соработувам со нив. Зборувам за театрите „Пралипе“ и „Рома“. Токму и разговорите со Сами и со Амет ми беа многу драги. Дури и ја слушнав преубавата љубовна приказна на Амет Јашар и неговата сопруга за нивното запознавање на театарските проби. Оттогаш до денес тие се заедно, имаа многу добри претстави, па дури освоија и награди за нив. Тука да не ги заборавам и новите генерации, разговорите со нив исто така беа многу интересни. Гледав некако да ги вклопам нивните визии во кои како млади уметници веќе почнаа да си создаваат свое име во ромското општество, па дури и пошироко. Можам само да кажам дека навистина уживав во сите приказни, премногу различни и шаренолики, но целта на сите ни е иста: да ја збогатиме нашата традиција и култура, секој на свој начин.
View this post on Instagram
Промоцијата на книгата ќе биде придружена и со соодветен перформанс. Раскажи ни нешто повеќе околу тоа.
Сè што ќе кажам ќе биде поврзано, па дури и исто. Џема е театар и уметност, уметноста и театарот се Џема. Перформансот е, всушност, мал производ или како што јас го нарекувам – патоказ на ромскиот идентитет во неколку минути. Сакам секој да го доживее ромскиот идентитет. Отсекогаш сум сакала да додадам нешто мое, нешто ново во сè. Не сакам да кажам премногу, повеќе сакам публиката да даде свое мислење како го има доживеано тоа. Со мали, но многу силни чекори сакам во неколку зборови да ја раскажам сликата за историјата од минатото, сегашноста и да оставам простор за иднината за мојата култура. Во секој перформанс користам многу стари и значајни песни. Во моите перформанси секогаш има и по една песна од Есма Реџепова. За мене таа е идол, кралица и многу силна жена. Како млад уметник и млада девојка имам премногу препреки за да успеам во тоа што ќе си го замислам, но секогаш црпам инспирација токму од моите претходници и знам дека ќе успеам колку и да е трнлив патот. Мора од негде да се започне за да оставиме простор помладата генерација да нè замени, како што јас ги заменувам моите идоли.
Како ангажиран уметник зад кој стојат разнородни проекти, кое е твоето мислење за моменталната позиција и состојба на ромската култура во поширокиот македонски културен простор? Дали доволно црпиме и учиме од неа?
Што и да кажам ќе биде премалку кога станува збор токму за ромската култура. Културата живее во нас, во мене. Растејќи имав многу можности и за мене дефинитивно тоа беше предност што ме направи да бидам токму таа што сум денес, благодарение на сите што ја збогатуваа културата. Театарските претстави ми беа преголемо доживување како дете. Едвај чекав театарот „Рома“ да има некоја нова претстава или да има театарски фестивал за да ги гледам. Мојата љубов кон театарот е преголема. Помнам дека најсреќна бев токму кога имаше културни настани, бидејќи навистина ги имаше премногу. За жал, денес културните настани се многу ретки. По две-три претстави годишно или, пак, неколку концерти и еден до два трубачки фестивали. Тоа е премалку за нас, културните работници. Ние живееме за културата, ние живееме за творењето во неа. Се надевам дека следните генерации ќе придонесат многу повеќе од нас. Ние како културни работници сакаме многу повеќе да дадеме, но сме ограничени со многу мали финансиски средства. И покрај тоа, знаеме да дадеме сè од себе и да произведеме нешто што ќе им остане во сеќавање на наредните генерации, па можеби ќе се пронајде некој како мене што ќе се заљуби во некоја од овие области и со истата страст ќе продолжи и ќе додаде нешто ново во неа.
Јосип Коцев
Фотографиите се од личната архива на Џемилијана.