Претставата „Припаѓање“ е театарско излагање што се занимава со прашањето за грижата како концепт. Авторката Хана Миленковска, како режисерка, заедно со драматургот Калија Киселички преку сценската изведба на актерите прават обид да дадат одговор на прашањето колку можеш да припаѓаш онаму каде што не се грижат за тебе! Претставата е во продукција на „Атриум“, поддржана од Министерството за култура на РСМ, Младинскиот културен центар, Општина Ѓорче Петров и „Млади Хаб“.
На 3 јули 2023 година во МКЦ премиерно ќе биде изведена претставата „Припаѓање“. Со каква идеја и концепт работевте на подготовката на претставата?
– Идејата за оваа претстава ми дојде во една ранлива фаза од животот, кога ги преиспитував своите искуства и конекции со заедницата на која ѝ припаѓам, со општеството.
Една од главните релации кои ги третираме во претставата е онаа помеѓу припаѓањето и грижата, колку заедницата се грижи за болките на индивидуата, оттаму и колку поединецот вложува во грижата кон заедницата. И, се разбира, колку од тој процес е перформативна игра со однапред распределени ресурси, а колку е автентична размена, односно вистинска грижа.
Како се градеше текстот и драматургијата за „Припаѓање“?
– Текстот се градеше на, за мене, омилениот начин (иако многумина би рекле потежок) паралелно со претставата. Ја споделив тематската рамка со соработниците, ја доразвивме со коавторката Калија Киселички, го изградивме скелетот кој потоа со актерите го анализиравме и надоградувавме. Исто така, морам да нагласам дека голем дел од процесот решив да го посветам на пробување нови методи со кои ќе го изградиме првин јазикот на претставата, а самата постапка на впросторување на идејата оттаму одеше брзо.
Во претставата игра мала и млада актерска екипа придружена со гитаристот и композитор Ади Имери. Каков беше твојот режисерски пристап во кастингот и поставувањето на претставата?
– За изборот на сите соработници за претставата прв и најважен критериум ми беше да се нови луѓе со кои не сум соработувала, со кои сакам да работам и чиј труд го препознавам како квалитетен. Тоа се покажа како правилен избор за оваа тема и овој работен процес затоа што добив нови видови на фидбек и нови предизвици.
Свежината и ентузијазмот со кој младите актери (Нина Елзесер, Сара Спиркоска, Дарко Ристовски и Филип Миленкоски) газеа низ процесот ме натера да си дозволам повеќе игра и повеќе радост и начини со кои комуницираме со публиката. Младата драмска авторка Калија Киселички не престана да ги поставува вистинските прашања и неуморно да нѐ потсетува зошто сме тука. Менторската улога во овој проект ја презеде Ади Имери, од кој сите многу научивме за тоа колку треба еден уметник да располага со разни алатки во својот израз.
Во твоите претстави често се препознава социјален и општествен ангажман. Колку треба/мора театарот да има коментар на актуелната стварност?
– Веројатно ниту мора, ниту треба, не знам, просто „актуелната стварност“ го налага изразот на едно време. Би сакала да не морам и да не ме гони потребата да дејствувам, но не познавам верзија на светот каде тоа не е така.
Во моментов во мојата уметничка пракса ме води идејата дека чинот на создавање уметност е чин на грижа кон заедницата, на колективот. Во таа насока, целам кон тоа моите увиди да ги делам со светот на приемчив и читок сценски јазик, кој остава простор за размислување и редизајнирање на актуелната стварност во главата на публиката.
Главно работиш претстави на независната театарска сцена. Колку таа дава слобода на израз, а колку ограничува во финансиска и логистичка смисла на продуцирањето на претставите?
– Не се чувствувам помалку слободно во институционален контекст, можеби имам среќа што сум дел од театарска куќа каде се цени идејата и се негува авторска работа.
„Неудобноста“ на независната сцена за некое чудо, сѐ уште, ми е предизвик, особено во недостиг на можности да се реализирам на институционалните сцени. До кога, не сум сигурна. Ме изморува околноста дека треба да хранам ентузијазам во еден работен однос во кој сме платени како ова да ни е хоби, далеку под нашата вистинска вредност како професионалци на пазарот на труд, особено кога работам со луѓе помлади од мене, се чувствувам етички одговорна.
Каков тип на текстови и кои драмски автори ти се предизвик за поставување на сцената?
– Последните неколку проекти ми се авторски/ коавторски трудови, сѐ уште чувствувам некаква одговорност кон оваа сцена, кон идејата да создавам современ македонски израз, сакам да работам со наши автори, со живи автори со кои можам да комуницирам и градам. Секако, сакам да поставувам и капитални дела на големи сцени, но додека ги освојувам тие простори авторските дела ќе ме „држат“ во кондиција.
Потекнуваш од уметничко семејство. Колку самото опкружување влијае врз личниот развој на личноста?
– Во последно време сѐ повеќе размислувам на темава, бидејќи паралелно со процесот на создавање на претставата создавам и нов живот во мене, со премиерата влегувам во осмиот месец на бременоста. Пробувам да евалуирам кои аспекти на мојот развој во таква средина биле полезни и добри, а кои треба да ги избегнам во иднина. Она што го знам е дека пред убавината и вистината треба да се биде понизен и можам да кажам дека тоа е најважниот заклучок со кој сум се стекнала растејќи опкружена со уметност.
Тони Димков
Фотографии: Лична архива и „Атриум“