Ако успеавте да ја погледнете шестата сезона на „Black Mirror“ (ќе ја именуваме без превод, бидејќи никому не му е позната како „Црно огледало“) и останавте во прашалници, тогаш добре дојдовте во клубот. Петте нови епизоди од антологијата што премиерно се емитуваше на британскиот Канал 4 во далечната 2011 година и досега директно в лице ни го прикажуваше апокалиптичниот потенцијал на новите технологии, во новата сезона таа добива нов правец и друг тон. Пред извесно време тоа беше најавено и од Чарли Брукер, автор на овој серијал, но сепак гледачите не очекуваа дека „Black Mirror“ ќе премине во ваква фаза од својот развој. Тој рече: „Отсекогаш чувствував дека ‘Black Mirror’ треба да вклучува приказни што се целосно различни една од друга, постојано да ги изненадува луѓето и мене, инаку која е поентата? Треба да биде серија што не е лесно да се дефинира и да продолжи да се преобмислува себеси“. Судејќи според досегашните реакции на гледачите, ова не значи дека потегот е нужно лош или добар. Само поинаков. Со цел да избегнеме спојлери, ги сумиравме впечатоците од новите пет епизоди во неколку точки.
Селма Хајек се играше себеси
Во првата епизода „Џоан е ужасна“ (Joan Is Awful) гледаме ѕвезда од холивудската А-листа. Тоа не е несвојствено за „Black Miror“, имајќи предвид дека и досега во кастингот одвреме-навреме провејуваа популарни имиња, како Ендрју Скот, Брајс Далас Хауард, Мајли Сајрус. Разликата е во тоа што познатата актерка овој пат глуми глумица, се глуми себеси, но не во смисла на камео-улога. Имено, во повеќеслојниот апокалиптичен тек на настаните во епизодата, компјутерски генерираното алтер-его на Селма Хајек ја глуми Џоан во нејзиниот вистински живот и предизвикува вистински пекол, со комичен расплет на настаните. Не грижете се ако не разбравте, сигурно ќе ви биде појасно ако ја пуштите епизодата.
Пофалби за Арон Пол и потсетување на Џош Хартнет
Фановите со воодушевување ја проследија веста дека ќе имаат можност да ги видат Арон Пол (познат по улогата на Џеси Пинкмен во „Breaking Bad“) и Џош Хартнет во епизодата „Отаде морето“. Тие ги играат Клиф и Дејвид, двајца астронаути испратени на шестгодишна вселенска мисија во алтернативна верзија на 1969 година – годината на првото слетување на Месечината. Притоа, вистинските физички тела на Клиф и на Дејвид се во вселенскиот брод, а благодарение на развиената технологија во таа алтернативна 1969 година, на земјата имаат реплики од самите себе во кои слободно можат да се телепортираат за да поминат време со своите семејства. Реакциите на оваа епизода беа главно позитивни. Некои ја сметаат за најдобра епизода од сезоната, со посебен акцент на одличниот актерски перформанс на Арон Пол и враќањето на Џош Хартнет, кој неодамна ја активираше својата кариера по повеќегодишна пауза.
„Black Mirror“ направи кошмарна верзија на самиот Нетфликс
Во оваа сезона посебно се обработени кошмарните сценарија во кои можат да запловат стриминг-платформите. Па, така, и самиот Нетфликс се глуми себеси во серијата. Ќе видите како ликовите вклучуваат стриминг-платформа со сличен логотип и лого-анимација, наречена Streamberry. И се разбира дека Streamberry емитува ужасни содржини за нив, особено во „Joan is Awful“. Дури и вие можете да си направите кавер за вашата ужасна серија на Streamberry доколку го посетите вебсајтот што Нетфликс го создаде специјално за маркетирање на новата сезона.
Овој пат ги центрира приказните во минатото
Интересно е тоа што, наместо омилениот футуризам како терен на кој може бесконечно да се развиваат разните идеи за дистопија, овој пат „Black Mirror“ ги поставува своите приказни во алтернативно минато. Како што е веќе познато, епизодата „Отаде морето“ се одвива во алтернативна 1969 година, дејството на епизодата „Демон 79“ во 1979, а епизодата „Мејзи Деј“ е сместена во раните почетоци на 21 век (или како што ќе кажат на радио: „Денеска Том Круз и Кејти Холмс ја добија својата ќерка Сури“).
Нè yчи дека е ок да го напуштиш сопствениот формат
Шестата сезона на „Black Мirror“ отстапува од својот првичен формат, иако во одреден дел ги задржува елементите на дистопичната безизлезност предизвикана од неконтролираниот технолошки развој. Сепак, она што е карактеристично за оваа сезона секако е поголемиот фокус кон човечката психа и елементите на теророт што можат да го предизвикаат меѓучовечките односи. Дел од критичарите се согласни дека „Вlack Mirror“ се пресоблече во сосема нова верзија од себе, толку што дури е дискутабилно дали шестата сезона требала да биде дел од истиот серијал или да носи сосема нов наслов и да биде понудена како нова содржина.
И за крај, ако треба да понудиме наш рејтинг на епизодите од новата сезона, тоа би изгледало вака:
5) Mazey Day
4) Demon 79
3) Joan is Awful
2) Loch Henry
1) Beyond the Sea
Јосип Коцев