Дали насловов звучи помалку чудно ако ви кажеме дека тој град е во Калифорнија?
Градот е Серо Гордо, рударски град кој во периодот од 1866 до 1957 година произведувал најмногу сребро, олово и цинк, а во помали количества и злато и бакар. Дечкото е Брент Андервуд, американски претприемач кој бил сопственик на хостел во Остин, Тексас, како и автор на книгата „I’m putting my foot down”. Книгата ја „напишал“ со цел да докаже колку е лесно да направиш книга која ќе стане бестселер. Неговиот бестселер содржи само една страница на која има фотографија од неговата книга. Доколку ве интересира повеќе овој дел од неговата приказна, прочитајте го овој текст.
Во 2018 Андервуд и група инвеститори го купиле Серо Гордо, каде тој живее од 2020 и заедно со еден куп волонтери работи на тоа да го обнови градот и да го претвори во туристичка дестинација.
Да купиш град звучи малку чудно, но бидејќи Серо Гордо бил напуштен град, тој практично купил само огромна површина и дваесетина градби кои биле изградени на неа. Секако, дел од оваа територија се и неколку рудници, кои можете да ги видите во видеата каде Андервуд шета низ нив и ги истражува.
Ако подобро ги истражите социјалните мрежи на Андервуд, ќе видите дека има милиони обожаватели ширум светот. Иако веројатно постојат многу причини зошто толку луѓе ја следат неговата содржина – импресивни градежни зафати, разни возила и опрема која ја користат, прошетките низ клаустрофобичните и надреални пејзажи низ старите рудници – сепак она што се чини како најпривлечно е неговата посветеност на ревитализацијата на овој град, откривањето на неговата култура, историја и вложување на сите свои ресурси во реализација на неговиот сон.