Ешли Кан е музички историчар, професор по новинарство на Универзитетот „Клајв Дејвис“, продуцент и реномиран автор чии книги се вбројуваатмеѓу најпознатите книги од областа на џез-музиката, а чија тема се најпознатите албуми во модерниот џез „Kind of Blue“ на Мајлс Дејвис и „A Love Supreme“ на Џон Колтрејн. Овие музички ремек-дела се сметаат за реликвии со своите содржини и книгите откриваат многу за инспирацијата, процесот на создавање, околностите и значењето на овие дела. Покрај овие книги, тој беше соработник на Сантана во пишувањето на неговата автобиографија, „Universal Tone: Bringing My Story to Light“, а беше и уредник на книгата со интервјуа со Џорџ Харисон „George Harrison on George Harrison: Interviews and Encounters“.
Со Кан се сретнав во една кафетерија во Њујорк за да разговараме на тема на градот Њујорк и неговата поврзаност со џез-музиката и за неговите книги.
Какво е Вашето гледиште за Њујорк како место каде што се создава музика и други уметности?
– Њујорк е едно од оние специјални места кога станува збор за оној дел од историјата во кој сме сега, модерната историја. Тоа е многу уникатна локација помеѓу новиот свет и стариот. Лесно е достапна и барем во последните неколку години, многу е лесно да се влезе во земјава и да се замине. Мислам дека поради оваа причина Њујорк е многу отворен за културните влијанија од внатрешноста, од 50 држави, но исто и од надвор. И кога ќе го споите ова со многуте универзитети и музички програми и некои други културолошки програми, ќе добиете една богата уметничка заедница, која на ниту еден начин не е ограничена освен економски. Тоа е голем ограничувачки фактор, но не е ограничувачки на начин на кој тоа го прават други политички и религиозни режими и ја ограничуваат културата како што е начинот на изразување. Тука е многу слободно и отворено, барем засега. И идејата дека културата е нешто што треба да се развива и да опстојува со малку јавни пари што се инвестирани во неа, мислам дека сите овие фактори го прават Њујорк да е многу уникатно место. Фактот дека Њујорк веќе има пораснато и созреано како национална, а потоа и интернационална дестинација т.е. еден вид интернационален главен град токму во времето кога џезот се родил и дека џезот си го нашол својот дом тука, тоа било така судено. На времето градот го нарекувале „Големото Јаболко“ и сè уште го викаат така. Но, идејата е дека Големото јаболко е местото каде што џезот бил не роден, туку каде што се негувал или каде што созревал, и на крајот пораснал во едно неверојатно дрво, кое е сега разгрането со многу различни гранки и звуци и генерации. И Њујорк е едно од оние места каде што можеби нема секоја вечер, но барем неколкупати секоја недела или во месецот имате можност да ја видите секоја од тие гранки. Можете да слушате џез како што се свирел од самите негови почетоци, најтрадиционалните звуци на џезот, па сè до најавангардните и најнапредни, популарни, езотерични и интелектуални или денс насочени форми на џезот. Сето тоа може да се најде во Њујорк во одредени моменти, во иста недела или месец.
Сите го поминавме оној период од пандемијата во локдауни и ограничувања. Сето тоа имаше свое влијание врз културата во градовите. На кој начин ковид-пандемијата влијаеше врз културолошкиот живот во градот?
– Мислам дека тоа што пандемијата го направи, беше да ги натера луѓето да се завртат кон себе, направи да погледнат во себе многу повеќе и да размислуваат за чувството на независност. Ако ги немате јавните простори за да настапите и да се изразите, тогаш што ќе преземете? Идејата е дека имаше промислување – луѓето сакаа да се вратат часовниците. Не беше како да настапила некоја нова доба. Луѓето почнаа да размислуваат што би можеле да направат самите, самостојниот уметник, и кога зборувам за џезот, зборувам за користењето интернет, стримингот, Јутјуб, ставање настани во живо онлајн. Оваа вечер ќе ја проследам 100-тата епизода на „Emmet’s Place“. Сето тоа произлезе од ковидот. Тоа беше реакција на ковидот и беше екстремна реакција кон пандемијата и ова беше еден од најуспешните и најконзистентни онлајн концертни простори што луѓето ги следеа. Луѓето сè уште го посетуваат дури откако локдаунот престана и тие се вратија во клубовите. Нема да кажам дека на ковидот му дојде крајот бидејќи е сè уште присутен и не се знае уште колку варијанти ќе се појавуваат. Но, мислам дека најважната работа што треба да се земе предвид е дека ковидот беше шлаканицата на реалноста што можеби на сите нам ни беше потребна, особено за уметниците да кажат: „Во ред, не сакам повеќе да се потпирам на издавачките куќи“. Сепак, сите пари што можеа да се заработат преку снимките, сега се исчезнати поради стримингот. Сите ја добиваат музиката онлајн и не се плаќа за тоа или се заработува многу малку.
На кој начин градот придонесе да се појават такви музички сцени по кои градот е препознатлив?
– За да се има активна музичка сцена воопшто, мора да се има добра поддршка односно да има економија за да ја поддржи, каде што ќе има музички студија во кои ќе се создава музика што музичките компании ќе ја пуштат ширум светот, ќе ја дистрибуираат, каде што постојат радиостаници и медиумски компании. Тоа го имаше тука. Подоцна конкуренција на градот му беше Лос Анџелес, со кој се натпреваруваше во ’60-тите и ’70-тите, но тоа беше на полето на поп-музиката. Но, што се однесува до џез-музиката, ова е навистина главниот град на џезот прво за Америка, а потоа и за целиот свет уште од 1920-тите.
Што беше тоа кај овие изданија за кои почувствувавте дека е потребно нивната приказна да се раскаже повторно? Што Ве мотивираше да напишете книги што беа посветени на албуми што се сметаат за антологиски во современиот џез, „Kind of Blue“ и „Love Supreme“? Што беше останато неискажано кај нив?
– Ме прашуваш зошто пишувам за музика и тоа е вистинското прашање, а причината беше бидејќи не бев задоволен од многуте книги и статии што ги читав, особено оние што се однесуваа на џез-музиката, а уште повеќе од тие што се однесуваа на најважните од модерните џез-гиганти – Мајлс Дејвис, Колтрејн, Чарлс Мингус итн. Имаше одредени книги и автори, особено луѓе како Нет Хентоф, Ралф Глисон со неговите интервјуа. Иако имаше многу книги и статии за Мајлс или Колтрејн или сите зборуваа за нив, воопшто не бев задоволен од книгите што ги читав. Тоа беше дел од инспирацијата, дали би можел да направам како што мислев дека заслужува. И почнав со пишување статии и имаше една статија за „Њујорк тајмс“. Стануваше збор за 40-годишницата за „Kind of Blue“. Еден книжевен агент ја прочита и рече: „Вау, ова е начинот на кој треба да се пишува за оваа тема и дали би можел да напишеш уште неколку поглавја и така да напишеш една книга?“ Му реков дека морам да размислам за ова. По 2 недели составив една табела со содржини, список со поглавја, каде што беше направен краток синопсис што секое поглавје би вклучувало и беше многу директно. Не се обидував да бидам премногу, креативен или се обидував да пишувам поезија или импресионистичка проза. Не, имав во план само да го истражам секој детаљ, да зборувам со луѓето што сè уште беа живи и во тоа време немаше многумина такви. Тука беше некој фотограф што бил присутен во студиото, тапанарот Џими Коб, еден од тон мајсторите, додека целиот бенд беа починати. Но, реков дека можам да го направам и така добив шанса да ја напишам таа книга.
На кој начин градот придонел да се создадат овие ремек-дела кои се теми во Вашите книги „Kind of Blue“ or „A Love Supreme“?
– Мислам дека секоја уметничка заедница, колку е повозбудлива, поплодна, толку повеќе има размена на идеи, има повеќе разговори и дискусии итн., и со ова не мислам само на зборови туку и на музика што се случила на сцената. Колку повеќе имате од ова, толку повеќе ќе имате нови и свежи идеи. Сети се дека и „Kind of Blue“ и „A Love Supreme“ се ремек-дела, но се албумски ремек-дела. А албумот, идејата за 12-инчен винил, бил формат што бил релативно нов. 12-инчниот формат бил 6 или 7 години стар кога „Kind of Blue“ бил објавен. Тој бил стар 12 години кога „A Love Supreme“ бил објавен итн., а подоцна дојдоа „Битлси“ и „Стоунси“ и други уметници. Многумина за прво ремек-дело од албум го сметаат „In the Wee Small Hours“ на Френк Синатра поради конзистентното расположение и еден вид резонанца помеѓу сите песни.
Но, мора да се сфати дека ремек-делата доаѓаат во најразлични формати на изразување, какви што се книжевноста, визуелните уметности, театарот и филмовите. Затоа, ќе дојде време кога албумите ќе станат старомодни и застарени. Не можеме да го прифатиме ова како траен формат, како што ни покажа интернетот. Сега се тие заменети со поинаква идеја какви што се плеј-листите. Луѓето слушаат на начини што не се заковани за еден 12-инчен формат. Сега работите се широко отворени. Сега лимитот е онолку колку што има материјал на Спотифај. Ако правите листа на Спотифај или на Јутјуб. Има толку многу музика од различни декади и различни стилови што на некаков начин дава чувство на слобода. Сега сме во поинакво време кога мора да размислуваме за музиката во еден многу поширок распон бидејќи новата генерација не размислува во рамките на жанрови. Тие размислуваат во рамките на плеј-листи. Размислуваат за нивните пријатели, за нивните херои и плеј-листите што ги прават, а потоа ги ставаат на Тик-ток или на Инстаграм.
Тоа се искуства типични за новите генерации.
– А кога имам предавање за студенти на тема за Џон Колтрејн, морам да се потсетувам себеси дека моите студенти се на возраст од 19-20 години. Морам да им објаснувам бидејќи не можам тукутака да го користам зборот албум. Морам да им објаснам што беше тоа албум, колку важен беше. Кога, всушност, им објаснувам за „A Love Supreme“, всушност им носам 12-инчен ЛП на час и им давам да го видат и им велам: „Е, сега, замислете време кога уметникот имал да пренесе некаква порака на светот. Немаат тик-ток, немаат Инстаграм. Воопшто немаат социјални медиуми и не можат да се потпрат на радио или ТВ. Сè што имаат е нивниот албум каде што се вметнати нивните зборови, нивната порака“. Ова е единствениот албум на кој Колтрејн се потпишал. Ова значи дека албумот бил многу важен за него. Ова бил неговиот начин да му се обрати на светот. Времињата се менуваат и мораме да бидеме внимателни.
На што може да се припише безвременоста на една одредена музика?
– Безвременска музика е безвременска музика. Постои причина зошто ја нарекуваме безвременска бидејќи не ја менува својата вредност и културолошка важност со текот на времето. Зборував со своите студенти и некој рече: „Го слушав ‘A Love Supreme’ 50 пати и овој пат слушнав нови работи и сè уште слушам нови работи“. Му одговорив – тоа, пријателе, е мојата дефиниција за едно ремек-дело и тоа може да биде драма, филм, слика или може да биде „A Love Supreme“. Идејата е дека музиката не се променила туку вие сте се промениле. Како што минувате низ животот и начинот на кој ја слушате музиката, тоа е мерило за вашиот сопствен раст и созревање. Ова не е некаков психолошки панел, но тоа се случува секојпат кога ги слушам „A Love Supreme“ или „Kind of Blue“ или кога гледам слики во Музејот за модерна уметност или кога одам во Париз и го посетувам Лувр или гледам претстава од драма на Шекспир чија изведба е многу добра. Постојат одредени нови елементи и длабочина и лекции што произлегуваат од ова. За мене, дали драмата се променила или дали сликата се променила? Се разбира дека не. Дали „A Love Supreme“ се променил? Тоа е снимка, се разбира дека не се променил. Но, начинот на кој слушам и што добивам од тоа, тука имаше поента и ми беа потребни барем 50 пати да го преслушам. Кога го чув преминот од солото на Мекој Тајнер во солото на Колтрејн, тоа ме удри како тон цигли и конечно сфатив. Си реков, ова е дел од драмата и зошто секој го сака Класичниот квартет на Колтрејн толку многу и ако го немаше тоа кај „A Love Supreme“, тоа немаше да биде Класичниот квартет. Им беше потребно да го имаат тоа, но не можам да објаснам зошто. Но, можам да посочам кон различни елементи како овие што ги спомнав претходно дека постои причина поради која безвременската музика главно си останува релевантна.
Мислам и дека ова во голема мера има врска со самите уметници, кои се способни да допрат со каков било тип колективни пораки што даваат моќ и тука лежи главно моќта на музиката. Идејата е дека не мора да бидете Американец или црнец или да сте од југот на Америка за да го разберете блузот, и во исто време ако чујам македонска музика што е изведена навистина убаво, тогаш таа ќе има ефект на мене. Можеби ќе морам да ја проучам повеќе за да ја разберам повеќе. Но, ќе сфатиш дека музиката е интернационален јазик особено ако станува збор за инструментална музика.
Ненад Георгиевски